Средновековни книжевни школи
Под средновековна книжевна школа се подразбира пообемна и подолготрајна книжевна дејност со заеднички јазични и правописни особености на одредена територија.[1] Средновековниот период во Македонија се одликува со дејноста на две книжевни школи: Охридската и Кратовската. Ракописите од Охридската и од Кратовската школа се совпаѓаат едни со други според повеќе правописни и јазични особености, и ја претставуваат македонската варијанта на црковнословенскиот јазик.
Охридската книжевна школа
уреди- Главна статија: Охридска книжевна школа
Најстарата средновековна македонска книжевна школа е Охридската книжевна школа, формирана во 886 година од Климент Охридски, а од 893 година му се придружил и Наум Охридски. Остатоците од оваа школа не се зачувани, но се лоцира во охридската месност Имарет. Како обележје на оваа школа е што ја зачувала кирилометодиевската глаголска традиција. Во Охридската школа кирилицата ќе почне да се применува дури по XII век.
Во рамките на оваа школа се подготвувал образовен кадар кој бил испраќан во учителска, проповедничка и свештеничка дејност во сите делови на Западна Македонија, во денешна Албанија и во другите делови на средновековна Бугарија.
Во најстарите зачувани ракописи се вбројуваат глаголските ракописи како: Асеманово евангелие, Синајски псалтир, Синајски еухологиј. Од понов период се ракописите со кирилско писмо како што се: Добромирово евангелие, Битолски триод, Охридски апостол, Болоњски псалтир.
По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители.
Кратовска книжевна школа
уреди- Главна статија: Кратовска книжевна школа
Во рамките на Кратовската книжевна школа, како книжевни центри се среќаваат македонските манастири Свети Прохор Пчињски, Свети Јоаким Осоговски и Свети Гаврил Лесновски. Во овие манастири поактивно писмената и книжевната традиција ќе започне меѓу XII и XIV век, а се разбира и до XIX век.
Како македонски дејци, припадници на оваа школа се јавуваат Димитар Кратовски кој е активен во XV век и Јован Кратовски кој својата дејност ја обавувал во XVI век. Од оваа школа потекнуваат ракописите како: Вранешничкиот апостол, Лесновски паренезис, Струмичкиот апостол, Хлудовиот триод, Радомирово евангелие, Карпинското евангелие и други.
Наводи
уреди- ↑ Група автори: „Македонски јазик и литература“, Просветно дело, 2006 г., стр. 30.