Средновековна македонска музика

Средновековната македонска музика е музиката во Македонија во средновековниот период. Овој т.н. прв период на музичка историја, би го опфаќал времето од доаѓањето на Словените до паѓањето на феудалните држави под османлиска власт. Најзначајните настани од овој период се сврзани со развојот на духовната музика, која по примерот на ромејското култно пеење, била создадена за богослужба на населението во Македонија. Централни улоги за развивање на музичката култура имале христијанските просветители, браќата св. Кирил и Методиј, нивните ученици Климент и Наум, Охридската книжевна школа и реформаторот и христијански светец Јован Кукузел.

Русалиите“ се автентично музичко и кореографско обележје од средновековниот период што се негува до ден денес.

Позадина за словенскиот карактер на македонската средновековна музика

уреди

Од древните времиња Словените биле познати како музикален народ. Многубројни податоци зборуваат за словенски играчи и свирачи што можеле да се најдат од средновековните римски центри до германските феудални дворци. Насекаде тие ја играле истата улога што ја имале сите средновековни жонглери, шпилмани, минстрели и глумци. Наоѓајќи се на дното на општествената хиерархија, гонети од црковната власт, поради разнесување на слободоумни мисли и идеи за промена на општествената стварност, средновековните музичари и глумци ја наоѓале смислата на своето дејствување во потребата на луѓето за песна и разонода. Тие се појавувале во т.н. игришта, во центрите на населените места тие го привлекувале вниманието на целото население оттргнувајќи ги макар и за кратко време од контролата на свештенството и од тегобите на секојдневието. Низ песна, свирка и игра, патувачките музичари ги развеселувале луѓето, исмејувајќи ги духовните и световните феудални благородници. Нивните сатирични куплети претставувале остра критика на владеачката класа и општеството.

Средновековните уметници работеле и во феудалните дворци, чии господари го уредувале дворскиот живот по угледот на оној во Римската Империја и во европските кралства. Особено за време на Крстоносните војни, низа патувачки музичари и глумци, заедно со војските проаѓале од една земја во друга, запознавајќи ги и стандардите на разни дворски церемонии. Тие ги изменувале своите уметнички искуства со што придонеле за взаемни културни влијанија меѓу одделни национални средини.

Патувачките музичари од јужно-словенските земји биле наследници на носителите на старата словенска музичка култура. Во нивната уметност, бил вткаен духот на народната песна и свирка, пренесени во новите краишта од задкарпатската прататковина. За таа музика имаме оскудни податоци, но тие говорат доволно јасно за нејзиното место во животот на словенските племиња. Од документите за музиката и музикалноста на Словените го наведуваме често цитираниот пасус од хрониките на Теофилакт Симоката, ромејски писател од VI век, фрагмент кој зборува за тоа како „... штитоносците на римскиот цар Маврикиј, на границата на Империјата, фатиле тројца Словени кои наместо оружје носеле гитари. Тие на царот му изјавиле дека се припадници на народ кој не знае за железно оружје и на кој му е повеќе при срце музиката отколку војувањето.“[1] Не навлегувајќи каква била целта на престојот на овие луѓе околу византиската војска, податокот од хрониката за нас е многу важен, бидејќи јасно зборува за употребата на определени инструменти кај Словените, како и за значењето на музика во нивниот живот.

Световна музика

уреди

Своите пагански обичаи, обредни песни и игри Јужните Словени, а во тој склоп и оние кои се населиле во Македонија, ги задржале или ги прилагодиле според нивните општествени услови, создадени со прифаќање на христијанството. Нивната народна уметност и духовна култура како и културата на другите етнички заедници на територијата на Македонија, му се спротивставувале на ширењето на христијанските канонизирани ритуали. Низа стари обичаи и игри проследени со музика (конкретно русалиите) се задржале и до нашите дни, прилагодувајќи ја смислата на постоењето на барањата кон новата религија. Црквата не гледала со задоволство на ваквото презначување на паганските ритуали, но таа морала да отстапи пред силата на нивното дејствување, користејќи ги за свои цели во најголема можна мера. До толку повеќе што народната традиција ја одржувале и најголемите непријатели на источната црква - Богомилите, борејќи се за социјална правда против феудалните господари и против црковната хиерарија и нејзините догми.

За музиката на македонските кривоверци дознаваме од Презвитер Козма, кој во својата прочуена „Беседа против Богомилите“, меѓу другото вели: „Не можат да бидат Христијани оние кои со гусли, игри и песни пијат вино, веруваат во средби и соништа...“[2] Овој напад врз паганските народни обичаи на Словените, каде музиката имала доминантна функција, јасно зборува за пробивот на некои елементи од словенската народна музичка традиција во обредниот ритуал организиран според византиските музички форми.

Истовремено, во Самуиловото царство во X и во почетокот на XI век, опфаќало големи пространства од балканските земји создавајќи мошне поволни услови за уметнички растеж. Врз основа на традициите на Климентовата школа, со прераснување на Охридската архиепископија во патријаршија, високото ниво на духовно-музичката сфера во самуиоловиот период позитивно влијаела и врз световните музички појави, особено меѓу владеачката класа. За таа музика нема автентични податоци, но други историски факти говорат дека во дворскиот живот уреден според церемонијалот на римските цареви, професионалното негување на музиката заземало видно место.

По повторното паѓање на Македонија под римска власт, на културен план настануваат крупни промени кои особено ја зафаќааљт сферата на духовното творештво. Словенската книжевност во тој период доживува упадок во поголемите центри каде се спроведува ригорозна елинизација со воведување на грчкиот јазик во богослужбата и во јавниот живот. Но за разлика од активностите каде зборот е главно изразно средство, ликовните уметности и музиката бележеле натамошен развиток поради непосредниот контакт на домашните уметници со Цариград и со другите поголеми центри.

Музичките дела од тој период со духовна тематика настануваат главно во Охрид, како најистакнат културен центар. Во тој град имало и пројави на световномузичкиот живот по угледот на музичките настани меѓу ромејските великодостојници. За вокалното и инструменталното музицирање во Охрид во тоа време дознаваме од кореспонденцијата на архиепископот Теофилакт Охридски, кој меѓу другото, зборува и за состојбата и потребите на музички план кај повисоките класи, но и за музиката на народните маси во чии борбени песни бил одразен духот на отпорот против туѓинците.

За народната музичка традиција под римска власт, како и во XIII и XIV век, кога Македонија била под власт на соседни словенски феудални владетели, до извесен степен се дознава и од ликовните прилози на определен број фрески и икони во охридскиот регион, Старо Нагоричане, Лесново, Марков Манастир, манастирот Св. Јован во Слепче и на други места, каде се насликани поединци и групи свирачи со народни инструменти во рацете. Видот и обликот на овие инструменти покажуваат голема сродност со некои македонски народни музички инструменти од подоцнежните епохи и од современиот музички фолклор.

Врз основа на податоци што ни ги дава ромејскиот дипломат и историчар од XIV век Никифор Грегора, можеме да дознаеме за музичката култура на Македонците. Од 1325-1326 година Грегора патувал низ тешко проодни патишта и слушал како неговите сопатници Словени пеат тажни песни (на грчки „трагика мели“) за херојските подвизи на своите народни јунаци. Ова е воедно сведоштво за народната епска традиција пред циклусите создадени во времето на отоманското владеење. Римскиот историчар зборува за убавите песни кои вели дека не се варварски творби туку складни мелодии што се разликуваат од музиката што му била позната до тогаш. За велигденските празници Грегора се нашол во Струмица каде имал можност да види народно творештво со песни и игри изведувано од младинци и постари луѓе. Во своите патеписни забелешки Грегора зборува и за особеностите на музичкиот ритам на песните и игрите што ги слушал во струмичкиот крај. Тоа ни дава повод да претпоставиме дека една од основните одлики на македонската народна музика т.е. нејзината специфична метро-ритмичка компонента била застапена во определена фаза од својот развиток во нашето фолклорно творештво уште пред XIV век.

Духовна музика

уреди
 
„Тркалото“ познато како „Солфеж на Јован Кукузел“
 
Фрагментот „Битолски триод

Проучувањето на средновековниот период на македонската музика не' упатува кон изворите на словенската писменост чијашто база бил говорот на македонските Словени. Нашата земја како лулка на словенската писменост и култура, истовремено е и жариште на духовната музика. Нема смоневање дека првичниот контакт на ромејските духовни напеви со црковнословенски текст, преведен од солунските браќа, се одиграл во Македонија, со што ги означил почетоците на словенската црковна музика и музичка писменост. Имено, низ прилагодувањата на тие напеви кон новиот текст во метроритмичката смисла, се оформуваат првите специфики на словенското и македонско црковно пеење. Постојаните изводи уверливо зборуваат дека големите делови од преведените литургиски текстови биле музички исполнувани, а знатен дел од тие извори (легенди, житија, летописи) потекнуваат од Македонија или се однесуваат на личности и настани поврзани со нашата земја.[3] За еден од двата познати словенски ракописи со екфонетска нотација - прочуеното руско кирилско Остромирово евангелите од 1057 година, постојат индикации дека оригиналот кој е препишан потекнува од охридската школа. Сличен е вториот ракопис од XI век т.н. Купријановски или Новгородски листови.

Поопстојни музиколошки истражувања ги продлабочуваат сознанијата во врска со црковно-музичката дејност на солунските просветители. Податоците говорат дека Кирил и Методиј, како високо и сестрано образовани, биле добро упатени и во областа на теоријата и практиката на источно црковно пеење. Своето музичко образование Константин (Кирил) го посведочува како автор на музички творби, од кои химната во чест на Климент Римски била толку популарна што се изучувала во грчки училишта.

Особен напредок во создавање на книжевни дела и литургиски ракописи со екфонетска нотација во Македонија доживеала во времето на Климент Охридски и потоа во периодот на самуиловото царство. Делото на Климент и неговиот соработник Наум, кон крајот на IX и почетокот на X век ја афирмира познатата охридска школа, која покрај другото, има големо значење за натамошниот развој на музичката култура во Македонија. Големата школа во Охрид ја завршиле повеќе од 3500 ученици, кои како свештеници, просветители и црковни певци ја ширеле уметноста на пеењето и во најоддалечените словенски земји. Според тоа, охридската школа била расадник не само на словенската писменост, туку и на словенската духовна музика. Што се однесува до Климентовата репродуктивна и продуктивна активност, се дознава дека создал песни во чест на многу светци и го дал на македонската музика првиот Пентикостар или зборник на песни што се пејат од Велигден до Духовден.

Првата словенска црковнопејачка школа создадена во Македонија(која влијаела врз оформувањето на соседните школи) морала да задржи низа карактеристични елементи, сродни со основните белези на култното пеење прифатено од византиските извори. Бидејќи била во непосредна близина до најистакнатите римски центри, Македонија најмалку била во состојба да се оддалечи од ромејските црковнопејачки канони. Но тоа не значи дека немало отпор спрема елинизаторската политика и во сферата на црковното пеење. Токму отпорите на домашните сили се стремеле за зачувување на својата народна црковно-пејачка традиција и го продолжиле македонското црковно пеење. Од времето на римското владеење се зачувани значајни македонски словенски невматски споменици како Фрагментот од триод од крајот на XI век, битолски триод од XII век (кој денес им припаѓа на софиските библиотечни фондови) и др.

Токму во тој период настануваат сложени процеси во практиката на црковното пеење и создавање на невматските ракописи што се должи на доаѓањето на луѓе од Цариград, Солун и од други римски центри, со цел да го преземат раководењето низ низа стручни служби(се однесува на охридскиот регион, посебно). Со воведувањето на грчкиот јазик во богослужбата доаѓа до судир со домашната духовно-музичка практика и тенденција за зачувување на домашното пеење, но со текст на времето практиката станува се понеизрджлива. Тој придонес на домашните сили ќе биде расветлен со дешифрација и анализа на охридските невматски ракописи на грчки јазик од XI век до XIV век, кои претставуваат најбогата збирка ракописи од овој вид во нашата земја. Нивното музичко оформување ги опфаќа сите фази на византиската невматска нотација почнувајќи од екфонетската па сè до неовизантиската или Кукузелова нотација.

Традицијата на Климентовата школа продолжува и во наредниот период кога Македонија се наоѓа под власта на соседните словенски (српски и бугарски) феудални господари и кога се чувствува дејноста на домашните духовно-музички творци. Примерот на најзначајниот невматски ракопис наречен Болоњски псалтир создаден во XIII век во охридското село Равне или Рамне, го потврдува тоа. Римјаните успеале да ја зачуваат културната доминација во Охрид(седиштето на архиепископијата) и во наредните векови, но селата и манастирите во пошироките региони во Македонија не престанале да негуваат словенска писменост. Се претпоставува дека Болоњскиот псалтир е препис од оригинал кој датира од времето на Климент. Овој редок кирилски ракопис содржи и музички знаци, чие разјаснување сè уште не е извршено.

Кога говориме за периодот од XII - XIV век, да додадеме дека старото традиционално македонско црковно пеење се повлекува не само низ литургиските напеви во помалите места и манастирите, туку и низ црковната музика во новоизградените храмови од страна на соседните владетели, каде мнозина од монасите и црковните пејачи биле најверојатно родум од најблиските места. Проблемот на влијанијата што доведуваат до мутации во одвивањето на основната развојна линија на црковното пеење е често разгледуван проблем. Покрај земните влијанија на националните духовни пеења, истражувачите го акцентираат прашањето за влијанието на фолклорот врз црковното пеење. Нема сомневање дека богатиот македонски музички фолклор постојано вршел влијание вез нашето духовно-музичко творештво.

Реформата на ромејската духовна музика од XIV век е поврзана со името на Јован Кукузел.

Наводи

уреди
  1. Стана Ѓуриќ-Клајн, 1955 година
  2. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, 1982 година, Скопје
  3. Егон Велес, 1934 година