Слепченски манастир (Демирхисарско)

Слепченски манастир (познат и како Манастир Св. Јован Претеча и Манастир Продром) — манастир кој се наоѓа на околу 3 км од Слепче, Општина Демир Хисар.

Св. Јован Претеча

Црква Св. Јован Претеча

Македонска православна црква
Епархија Крушевско-демирхисарската
Парохија Слепчанска
Местоположба
Населено место Слепче
Општина Демир Хисар
Општи информации
Покровител Св. Јован Крстител
Ктитор Косара
Мрежно место manastirslepche.mk
Архитектонски опис
Портал

Манастирот „Св. Јован Претеча“ e еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси во областа Железник и пошироко, кој се наоѓа под падините на планината Илиница, над селото Слепче.

Историја

уреди
 
Дел од манастирските конаци.

Манастирот датира уште од 5 век, тој податок постои на една преклопна карта. Подемот Манастирот го доживува во Светоклиментово време кога станува ставропигијален манастир на Охридскиот Архиепископ. Манастирот прераснал во голем скрипториски центар, кој работел за потребите на архиепископијата.Тогаш во него се вршат преписи на книги, преводи од старогрчки и латински јазик за потребите на Охридската архиепископија, но се развива и творештвото во Манастирот, се пишуваат богословско - философски трактати, зборници и.т.н. Еден од најстарите сочувани артефакти е еден Апостол кој датира од втората половина на 10 век и 11 век, претставува палимпсест, а воедно и најстар препис на словенскиот превод на Апостолот директно од перото на светите браќа Кирил и Методиј. Овој ракопис е воедно и најстариот сочуван словенски Апостол, а денес помеѓу науката носи и латински назив Praxapostolos slepcensis.

 
Триптих поменик од манастирот 40-те години на XVI век

За долгиот и активен монашки живот ни сведочат зачуваните Слепченски Поменици кои по нивниот број ги надминуваат големите Балкански манастири.

 
Слепченски Апостол X век

Угледот на манастирот како во времето на својата постара историја, така и подоцна, привлекувал ктитори и приложници меѓу Византиските цареви, Урго-влашките војводи и најмоќните македонски благородници, кнезови од времето на Османлискиот период, богати закупци на рудниците во Железнец и Демир Хисар. Во долгата историја на Манастирот кон крајот на XIII век како ктитори се запишани византискиот цар Михаило VIII – Палеолог и неговата сопруга царицата Теодора Дукина Ватацина и нивнините имиња се запишани во најстариот зачуван Слепченски Поменик под бр. 1/116 кој се наоѓа во Одеса, Р. Украина. Потоа, како приложници се среќаваат Урго-влашките војводи во XV век, и кнезот Димитар Кратовски во средината на XVI век.

Поволната географска положба, материјалното богатство, манастирските конаци и помошните згради, овозможувале овде да најдат свое гнездо свештениците, учителите, уметниците и книжевниците. Во манастирот Слепче работело манастирското училиште, чие постоење и успешно работење го потврдуваат летописите, белешките, записите и натписите. Низ нивните редови ги откриваме свештениците, резбарите, сликарите, архитектите и учителите, кои работеле во тоа училиште. Манастирот Св. Јован Претеча прераснал во еден од најзначајните книжевни центри во Македонија со бројно монаштво, активен скрипториум, богата библиотека, во која имало ракописи кои водат потекло од XI и XII век. Книжевната дејност на слепчанските книжевници добила пошироки размери во XIV и XV век, а во XVI век книжевноста достигнала свој зенит кога во манастирот се преведувале и препишувале богослужбени книги за црквите во Демирхисарско и Македонија. Во значајните дела од Слепчанската школа спаѓаат: „Слепчанскиот апостол“ од X век, „Слепчанскиот писмовник“ од XVI век. Манастирот Слепче во XVI век претставувал важен резбарско-сликарски центар, кој во науката е забележан како Слепчанско-прилепска резбарска школа. Меѓу највредните уметнички дела, круна на резбата од тој период се Слепчанската еднокрилна и двокрилна врата, кои во минатото ги краселе влезовите на манастирската црква. Тие денес се наоѓаат во уметничката галерија во Скопје. Денес во црквата се наоѓаат повеќе значајни уметнички предмети, меѓу кои се истакнува Големиот Крст со Распнатиот Христос од 16 век, Царските двери (оштетени од пожарот 1972) како и интересните певници изработени во копаница.

Манастирот се спомнува и во 1010 година, односно пред познатата битка помеѓу македонскиот цар Самоил и грчкиот цар Василиј II, што се одиграла на Беласица во 1014 година и завршила со трагичното ослепување на Самоиловите војници. Ослепената војска, по битката, се задржала во месноста на денешното село Слепче, кое, според овој историски настан, го добило и своето име, веројатно војската се одморила во манастирот и го продолжила својот пат за Преспа. По некои преданија како ктитор на западниот конак се јавува ќерката на цар Самоил.

Во манастирот се развила препишувачка школа каде се препишувале богослужбени книги на црковнословенски јазик. Јеромонахот Пахомије го препишал минејот за месец јуни во 1547 година, а истата година јеромонахот Висарион од дебарско вршел препис на „Поученијата на Кирил Јерусалимски“ на македонско-словенски јазик. Препишувањето продолжило и во 1546, 1549 и 1553 година. За историјата на манастирот постојат извори што кажуваат дека Косара, ќерката на цар Самоил, му подарила на манастирот имот во Елбасан - Албанија, а според едно предание, во 1881 година, во манастирските простории бил одржан демирхисарскиот конгрес на кој присуствувале делегати од цела Македонија. Манастирот бил прибежиште на многу македонски револуционери од времето на турското ропство и НОВ. За време на турското ропство, манастирот бил културно-просветен центар каде се подготвувале свештеници и учители на словено-македонски јазик. Историјата го памети манастирот и како центар во кој постоела уметничка резбарска школа, како и болница за нервно болни, што се чита од натписот на манастирската чешма.

 
Манастирот во почетокот на XX век

За време на своето постоење, тој бил трипати пален: во 1675 год, од страна на Албанците кои ги земале сите негови драгоцености, оставајќи ги само кутијата со светите мошти и крстот; во 1954 изгореле трпезаријата и магерницата, а во 1972 година, изгорела десната страна на иконостасот. Денешната манастирска црква е изградена во 1862 година, на местото каде претходно постоела старата голема и живописана црква. Од повеќето сочувани стари уметнички предмети, со својата вредност се истакнуваат „Големиот крст со распнатиот Христос“ (XVI век), „Царските двери“ и певниците изработени во копаница. Посебно се интересни двете пронајдени врати, изработени во плитка резба со различни фигури и со мотивот плетенка, претставен на начин кој се сретнува во ракописи од XV-XVI век. На црковниот иконостас постои и голем „Чин“, што го изработил монахот Калиник во 1607 година. Од XVI-XVII век потекнува старата живописана трпезарија, како и двете влезни врати, западната живописана во 1637, а јужната во 1638 година.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди