Спас Банџов (1904 - 15 август 1942) — македонски комунист, борец во Шпанската граѓанска војна.

Спас Банџов

Рани години

уреди

Спас Банџов е роден 1904 година како трет син на Наум Банџов и Ленка Банџова род. Талева кои во тоа време живееле во Битола и каде се раѓа Спас.[1] По година-две целата фамилија се враќа во Охрид. Растејќи како дете во многучлено семејство со скромни приходи, Спас завршил само трети клас во време на Првата светска војна. Потоа го напушта училиштето и уште како дете почнува да се занимава со рибарство и земјоделство.

Печалба

уреди

Во 1921 година, заедно со својот помал брат Јонче, Банџов заминува на печалба во Романија. Таму останува до есента 1924 година, кога, преку Куба, сака да отиде во САД на печалба. Во Хавана на Куба работи околу половина година по што, пролетта 1925 година, заедно со една група од четириесетина души, се обидува илегално да влезе во САД. Но, близу до брегот на Флорида, американската патрола ги открива и ги затвора. По шест-седум недели поминати во затвор, Банџов е депортиран прво на Куба, а потоа во Франција, каде што е пуштен на слобода.

Банџов одлучува да остане во Франција и се населува во гратчето Ла Палис. Работи како општ работник прво во една ортомaџиска фабрика, а потоа во железарска фабрика. Во 1928 година станува член на синдикатот, а во 1931 година и на Комунистичката партија на Франција.[2] Поради своите активности е гонет и затворан од француската полиција. Во 1927 година честопати бил принуден да бега во Белгија, а во 1928 година и трајно се преселил во Брисел. Таму, во 1932 година се жени со една белгиска работничка.

Доброволец во Шпанија

уреди

По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, во неговиот дом во Брисел доаѓале доста доброволци кои оделе во Шпанија, како Југословени, така и Бугари и луѓе од други народности кои доаѓале од Советскиот Сојуз за Шпанија. Кон половината на 1937 година Банџов решава и самиот да замине за Шпанија. Таму се приклучува на Интернационалните бригади. На почетокот се борел на Мадридскиот фронт, а потоа бил префрлен на Теруелскиот фронт и бил унапреден во чин поручник. Во Шпанија поминал околу 15-16 месеци, но сериозно се разболува од стомачни болести и во 1938 година се враќа во Брисел.[1]

Враќање во Охрид

уреди
 
Биста на Спас Банџов во Охрид

Откако југословенската амбасада во Брисел го известува дека мора да отслужи три години воен рок ако сака да се насели во Југославија, Банџов, заедно со својата жена, во септември 1939 година се преселува во Софија, каде се зачленува во Комунистичката партија на Бугарија.

По окупацијата на Вардарска Македонија од Бугарија, во јули 1941 година Банџов оди во Охрид, каде останува еден месец и, меѓу другото, се среќава со Петре Пирузе. Во втората половина на август 1941 година се враќа во Софија каде продолжува со илегалната партиска работа. Но повторно сериозно заболува и пролетта 1942 година е опериран од чир во стомакот. Му констатираат и рак и набрзо, на 15 август 1942 година, Банџов умира во татковиот дом во Охрид.

Во негова чест, во центарот на Охрид е поставена негова биста, а исто така по него е именувана и една охридска улица.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Андон Банџов „Куса биографија на Спас Банџов“
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 2009, 130 стр.

Литература

уреди
  • Илија Зафировски „Поручникот Банџо“ во Перо Коробар, Божо Стефановски „Во меѓународните бригади на Шпанија“ (ур.) „Студентски збор“, Скопје, 1989, 106-107 стр.