Сообраќајот во Казахстан
Казахстан е голема земја, чиј најголем дел се наоѓа во Средна Азија, а нејзиниот најзападен дел, преку реката Урал се наоѓа на крајниот исток на Европа. Може да се каже дека оваа држава и денес е клучната крстосница на Средна Азија. Но, поради суровата клима, ретката населеност и големата затвореност на Казахстан во минатото, многу од можностите за развој на сообраќајот не биле искористени. Со стабилизација на земјата во последниве години, започнал и брзиот општествен развој во сите полиња. Поради тоа развојот на сообраќајот е клучен приоритет во понатамошниот развој и обновата на земјата, а посебно поради големото пространство и огромните раздалечености во Казахстан.[1]
Казахстан има развиен патен, железнички, воздушен и воден сообраќај. Повеќето сообраќајни јазли се во новиот и стариот главен град, Нур-Султан и Алмати.
Железнички сообраќај
уредиДржавното претпријатие за железници е Казахстан Темир Жоли (казахстански: Qazaqstan Temir Joly).
Според податоците од 2012 година вкупната должина на железничката мрежа во областа на јавниот сообраќај во Казахстан изнесувала 15.333 км (ширината на колосекот одговара на стандардот од бившиот СССР и е 1520 mm), од кои 4.000 км биле електрифицирани.[2] Казахстанската национална железница Темир Жоли (КТЗ) соработува со францускиот производител на локомотиви Алстом за развој на железничката инфраструктура во Казахстан. Алстом има повеќе од 600 вработени, свое претставништво и две заеднички вложувања со KTZ.[3] Во јули 2017 година, Алстом го отворил својот прв центар за поправка на локомотиви во Казахстан. Тоа е единствениот центар за поправка во Средна Азија и Кавказ. Денес железничката мрежа се обновува, и се предвидува нејзино проширување во иднина.[1]
Поради положбата на поранешниот главен град Алмати на јужниот крај на државата, не постоела можност да се изгради голем железнички јазол, така што денес постојат повеќе помали јазли, во кои се пресекуваат долгите железнички линии, изградени за време на СССР. Од нив, најважни се (* - град во Република Казахстан):
- Туркместанско-Сибирска железница (скратено: Турксиб железница), Новосибирск - Барнаул - Семипалатинс* -Алмати* - Чу* - Бишкек - Ташкент.
- Транскасписка железница, Ашхабад - Бухара - Самарканд - Ташкент - Чу*.
- Трансаралска железница, Оренбург - Уралск* - Актјубинск* - Кизил Орда* - Шимкент* - Ташкент.
- Трансказахстанска железница, Петропавловск* - Кокчетав* - Акмолинск* - Караганда* - Чу*.
Градската железница постои во поголемите градови во Казахстан. Метро системот е во изградба во Алмати (околу 8,56 км), а се планира и градење во Нур-Султан.[4]
Железнички врски со соседните земји:
- Русија - да
- Кина - да, со промена во ширината на колосекот
- Киргистан - да
- Узбекистан - да
- Туркменистан - да
Патен сообраќај
уредиВкупната должина на патиштата во Казахстан, во 2006 година изнесувала околу 258.029 км, од кои 247.347 км се асфалтирани (но тука се вброени и лоши патишта од типот на макадам). Официјално, модерни автопатишта не постојат, па затоа магистралните патни линии се најважни во земјата. Нивната вкупна должина е околу 17.000 км. Патишта од понизок ранг се во многу лоша состојба и под пропишаните современи стандарди.[2]
Државни магистрални патишта се:
- Магистрален пат 1, Алмати — Нур-Султан — Костанај - граница со Русија (кон Чељабинск)
- Магистрален пат 2, Алма-АТА — Семипалатинск — Павлодар - граница со Русија (кон Омск)
- Магистрален пат 3, Нур-Султан —Кокчетав — Петропавловск - граница со Русија (кон Омск)
- Магистрален пат 4, Алмати — Џамбул — Шимкент - граница со Узбекистан (кон Ташкент)
- Магистрален пат 4, Кокчетав — Кизил Орда — Актјубинск - Уралск - граница со Русија (кон Самара)
Воден сообраќај
уредиКазахстан е континентална земја, оддалечна стотици километри од најблиските мориња. Но, таа има долго крајбрежје на најголемото меѓународно Касписко Езеро, преку кое таа со пловниот пат Волга - Каналот Волга-Дон - реката Дон (делот преку Русија) е поврзана со светските мориња. Најголемите касписки пристаништета во државата се Гурјев и Порт Шевченко. Овие можности сè уште не се искористени до крај и имаат големо значење во иднината. Водниот сообраќај е возможен и по големото Аралско езеро, но поради неговата изолираност сообраќај е слабо развиен, а и самото езеро е еколошки уништена зона.
Сообраќајот низ реките во Казахстан не е развиен, иако постојат услови за тоа. Должината на пловните реки е околу 3.900 км. Тоа се однесува на реките Сир Дарја и Иртиш. Недостатоците на речниот сообраќај долж реката Иртиш е што таа поминува низ слабо развиениот Сибир и во зимските периоди е заледена, додека реката Сир Дарја е изолирана од другите теченија и е доста плитка поради масовна употреба на нејзините води за наводнување. Најпознати пристаништа се Уст-Каменогорск, Павлодар и Семипалатинск и се наоѓат на реката Иртиш.
Гасовод и нафтовод
уредиГасоводи: 12,317 км (2010 година)[2]
Нафтоводи: 11,201 км (2010 година)[2]
Воздушен сообраќај
уредиБидејќи Казахстан е голема и ретко населена земја со голем број на изолирани и меѓусебе раздалечени градови, развојот на воздушниот сообраќај има поголем приоритет отколку во другите земји. Треба да се истакне постоењето на големиот космодрон Бајконур, кој се наоѓа во средишниот дел на Казахстан.
Во Казахстан постојат голем број на авиокомпании, од кои најпозната и најголема е „Ер Астана“ - претпријатие во сопственост на државата. Сепак, има голем број авиокомпании од локален тип - вообичаено секоја казахстанска областна единица има своја авиокомпанија, преку кои се одржуваат авио-линии со поголемите градови: Алмати, Нур-Султан или Москва.
Во Казахстан постојат 150 официјално регистрирани аеродроми, според податоците од 2006 година. Од нив 67 се со цврста подлога, а 24 аеродроми се ставени на списокот на меѓународни аеродроми со ИАТА код (IATA Airport Code). Од нив најпознати се:[2]
- Меѓународен аеродром „Нурсултан Назарбаев“ во Нур-Султан - TSE
- Меѓународен аеродром „Алмати“ во Аламати - АЛА
- Аеродром „Атирау“ во Гурјев - GUW
- Аеродром „АК Жол“ во Уралск - URA
- Аеродром „Оскемен“ во Уст-Kaменогорск - UKK
- Меѓународен аеродром „Шимкент“ во Шимкент - КА
Најзначаен аеродром во земјата е аеродромот во Алмати, оддалечен 20 километри од градот, а по него значаен е аеродромот во Нур-Султан, новиот главен град на Казахстан. Најголемиот број на авиолинии се кон другите градови на бившиот СССР, а особено се важни линиите кон Москва.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Wayback Machine“ (PDF). web.archive.org. 2015-07-09. Архивирано од изворникот на 2015-07-09. Посетено на 2019-04-19.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Central Asia :: Kazakhstan — The World Factbook - Central Intelligence Agency“. www.cia.gov. Архивирано од изворникот на 2018-12-24. Посетено на 2019-04-19.
- ↑ Ltd, DVV Media International. „Loco manufacturer obtains first IRIS certification in Kazakhstan“. Railway Gazette (англиски). Архивирано од изворникот на 2019-04-19. Посетено на 2019-04-19.
- ↑ „Astana Nurly Zhol station inaugurated“. International Railway Journal (англиски). 2017-06-02. Посетено на 2019-04-19.