Свет
Свет — планетата Земја и сиот живи битија на неа, вклучувајќи ја човечката цивилизација. Во поширока смисла, под поимот се подразбира целата материјална стварност, вселена, земјата со сите што суштествуваат на неа.[1] Во теолошка смисла, светот го сочинува сето она што е материјално („световно“), наспроти светото небесното или духовното. Многу религии имаат свои учења за „крајот на светот“ или крајот на историјата, збирно наречени есхатологија.
Историјата на светот ги опфаќа позначајните геополитички збиднувања во текот на околу пет илјадалетија, од првите цивилизации до денешницата. Во таа смисла се применуваат поимите „светска религија“, „светски јазик“, „светска влада“ и „светска војна“, подразбирајќи меѓународен или меѓуконтинентален опфат без нужна вклученост на секој дел од светот.
Светското население е збир од сите народи на светот во дадено време; под светска економија се подразбира збирот на стопанствата на сите општества или земји, особено во контекст на глобализацијата. Поимите „светско првенство“, „бруто светски производ“ и „светски знамиња“ збирно ги подразбираат сите суверени држави во целина.
Филозофија
уредиВо филозофијата, поимот „свет“ има неколку значења. Во некои случаи, ја подразбира сета стварноста или целата физичка вселена. Во други може да има поконкретна онтолошка смисла. Утврдувањето на соодветен концепт за светот отсекогаш бил меѓу задачите на европската филозофија, иако како изречна задача се јавува дури на почетокот на XX век[2] и останува предмет на филозофска раправа до денес.
Парменид
уредиВо своите дела, Парменид вели дека секодјевното поимување на стварноста на физичкиот свет е погрешно, и дека неговата стварност е „едно битие“ кое е неменлива, несоздадена и неуништлива целина.
Платон
уредиВо познатата алегорија за пештерата, Платон ги разликува облиците како идеи од сликите и претставите како два посебни света: светот на сетилата и светот на разбирањето.
Хегел
уредиХегеловата филозофија на историјата вели дека „светската историја е суд на светот“ (Weltgeschichte ist Weltgericht), односно гледиштето дека историјата е таа што му суди на човекот, неговите постапки и неговите ставови. Науката е производ на човековата желба да го преобрази светот во однос на себе, а нејзина конечна цел е примената на техничкиот напредок.
Шопенхауер
уредиСветот како волја и претстава е најважното дело на Артур Шопенхауер. Според него, човековата волја е прозорец кон светот кој стои зад претставата или Кантовата „ствар сама по себе“. Со тоа, Шопенхауер смета дека стварта сама по себе може да се осознаеме (за разлика од Кант кој сметал дека ова е невозможно), бидејќи односот помеѓу претставата и крајната стварност може да се сфати како односот помеѓу човековата волја и неговото тело.
Витгенштајн
уредиСпоред Лудвиг Витгенштајн, „Светот е сето она што е“. Оваа мисла напишана во неговото влијателно дело Логичко-филозофски трактат од 1921 г.[3] послужила како основа за школата наречена логички позитивизам; ова учење поаѓа од тврдењето дека постои само еден свет, кој се состои од севкупноста на сите факти, без обѕир на тоа како истите ќе се толкуваат од било кој поединец.
Хајдегер
уредиМартин Хајдегер пак, вели дека „светот што нè опкружува е различен за сеој од нас, и покрај тоа што делуваме во еден ист свет“.[4] За Хајдегер, светот е она во кое сме „фрлени“ и со кој треба да се соочиме како „битија во светот“. Неговиот концепт на светоразоткривање е разработен во познатото дело Битие и време од 1927 г.
Фројд
уредиКако одговор на тоа, Зигмунд Фројд вели дека луѓето не живеат во заеднички свет, туку во заеднички мисловен процес. Сметал дека сите постапки на еден човек се поттикнати исклучиво од сладострастие. Оттука се развиле разни теории за реактивната свест.
Други мислители
уредиНекои подоцнежни мислители, поттикнати од мислата на Дејвид Луис, целат дека метафизичките концепти како возможност, веројатност и неопходност најдобро се анализираат споредувајќи го дадениот свет со низа можни светови — гледиштето наречено модален реализам.
Религија и митологија
уредиМитските космологии честопати го претставуваат светот сосредоточен во светската оска (axis mundi) и ограничен од светскиот океан, светската змија или слични замисли. Според некои религии, световноста (или плотност)[5][6] е она што се однесувва на светот наспроти она што е нематеријално и вон него.
Во будизмот
уредиВо будизмот, поимот „свет“ подразбира општество, наспроти манастир. Се однесува на материјалниот свет со своите световни придобивки како богатство, углед, занимањата и војувањето. Духовниот свет ја овозможува посакуваната просветленост по пат на промени во човечката психологија.
Во христијанството
уредиВо христијанството, поимот најчесто се однесува на „овоземското“ или грешниот свет на човечкото општество, за разлика од „оној свет“ или „претстојниот свет“. Во него плотот (телесното) и Ѓаволот постојано делуваат врз човекот, предизвикувајќи го на искушение од кое треба да бегаат христијаните. Монасите велат дека се стремат да бидат „во светот, но да не се од него“; тоа поимот „световност“ и световните дејанија се сопоставуваат со поимот „монаштво“ и „духовништво“.
Многу примери за уптореба на концептот „свет“ во учењата на Христос се среќаваат во Евангелието според Јован, како на пр. 7:7, 8:23, 12:25, 14:17, 15:18-19, 17:6-25, 18:36.
Во православието
уредиВо православното монаштво или испосништво (аскеза), овоземскиот свет се владее според човековите страсти и нагони. Тие страсти просто се нарекуваат „свет“. Секоја од нив мора да се надмине со цел човекот да стекне спасение (теоза). Спасението доаѓа од личниот однос на поединецот со Бога. Ова поимување е застапено во делата на неколку испосници како како што се Добротољубие на Евгариј Понтиски и небесната Лествица на Јован Лествичник. Највисок степен на превосходство над светот е исихазмот, кој пак ја достигнува својата највисока точка во Видението на Бога.
Во католицизмот
уредиВо католицизмот постои концептот Contemptus mundi („Одделност од светот“) каде светот, во својата суетност, впрочем не е ништо повеќе од залуден обид за скривање од Бога кога човекот ја задушува својата желба да го чини доброто и светото.[7]
На Вториот ватикански собор (1962-65) е направен обид за воведување на позитивен теолошки поглед на светот по пат на пастирски оптимизам во начелата Gaudium et spes („Радост и надеж“), Lumen gentium („Светлост на народите“), Unitatis redintegratio („Возобнова на единството“) и Dignitatis humanae („Човечкото достоинство“).
Според католичката политика, изразот Orbis Catholicus (католичкиот свет) се темели на поимот Urbi et orbi („Градот (Рим) и светот“), а се однесува на христијанскиот свет под папско врховенство. Може да се сфати како аналог на еврејскиот свет или исламскиот свет.
Во исламот
уредиПоимот дуњалук во исламот го ознчаува овоземското или сегашноста.[8] наспроти поимот ахирет, што го ознчува оној свет.
Во хиндуизмот
уредиВо хиндуизмот владее поимот дарма (поредок на светот) и во таа смисла е различен од џанимизмот и будизмот, како и од аврамските религии. До денес претставува најстарата религија на светот која сè уште се практикува.[9]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „свет (м)“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Heidegger, Martin (1982). Basic Problems of Phenomenology. Bloomington: Indiana University Press. стр. 165. ISBN 0-253-17686-7..
- ↑ Biletzki, Anat; Matar, Anat (3 март 2014). Zalta, Edward N. (уред.). „Ludwig Wittgenstein“. Stanford Encyclopedia of Philosophy (есен 2016. изд.). Посетено на 3 декември 2017.
- ↑ Heidegger (1982), p. 164.
- ↑ Hemer, C. J. “Worldly.” Edited by Geoffrey W. Bromiley. The International Standard Bible Encyclopedia, Revised. Wm. B. Eerdmans, 1979–1988.
- ↑ Oxford English Dictionary Online. Oxford University Press. 2019 – преку OED Online.
- ↑ Contemptus mundi
- ↑ Attas, Islam and Secularism
- ↑ Kurien, Prema (2006). „Multiculturalism and American Religion: The Case of Hindu Indian Americans“. Social Forces. Johns Hopkins University Press. 85 (2): 723–741. doi:10.1353/sof.2007.0015.
Надворешни врски
уреди- Свет на Ризницата ?
- Информации, карти и статистика за светот Архивирано на 27 ноември 2019 г. (англиски)
- Светот во Глобална шема на земјоделски концепти[мртва врска]
- Светот како тема на „Квора“