Прдавец
Прдавец | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Жеравовидни |
Семејство: | Блатни кокошки |
Род: | Крекс |
Вид: | Прдавец |
Научен назив | |
Crex crex (Linnaeus, 1758) | |
Лето: размножување
Зима: зимување | |
Синоними[2] | |
Crex pratensis |
Прдавец или крекс (науч. Crex crex) — птица од семејството блатните кокошки. Преку лето, за време на размножувањето е распространета во Европа и Азија, на исток сè до западна Кина, а зимно време се сели во северна Африка. Оваа птица ја има и во Македонија.
Таксономија
уредиСемејството на блатните кокошки се состои од речиси 150 видови. Иако потеклото на групата се изгубило во античко време, најголем број видови и најпримитивни форми се среќаваат во Стариот Свет, што укажува дека ова семејство потекнува таму. Прдавецот за првпат е опишан од Карл Лине во неговата Systema Naturae во 1758 како Rallus crex,[3] но во 1803 година бил префрлен во родот Crex од страна на германскиот биолог и орнитолог Јохан Матеус Бехштајн и преименуван во Crex pratensis.[4] Но, името crex кое претходно се употребувало имало предност, па на крај птицата го добила сегашното име Crex crex.[5] Името е всушност ономатопејска форма на звукот што го испушта оваа птица.[6][7]
Опис
уредиПрдавецот е средно голема блатна кокошка, со должина од 27 до 30 см и распон на крилјата од 42 до 53 см. Во просек, мажјаците тежат 165 грама, а женките се малку помали и тежат околу 145 грама. Возрасниот мажјак има круна на главата, а сите негови горни делови се кафеавоцрни, прошарани со кремави или сиви линии. Пердувите на крилјата одозгора се со впечатлива костенлива боја, обрабени со бело. Лицето, вратот и градите се синосиви, освен светлокафеавата линија која оди од основата на клунот до зад очите. Стомакот им е бел, а слабините и под опашката е прошарано со костенливи линии. Силниот клун е месо боја, очите светлокафеави, а нозете и стапалата светлосиви. Во споредба со мажјакот, женката има малку потопли бои на горните делови и потенка линија кај окото. Во сезоната на парење, боите на двата пола стануваат потемни, а долните делови помалку сиви. Младенчињата се како возрасните, но боите им се малку пожолтеникави, а одоздола се кремави. Пилињата се црни.
Бидејќи овој вид нема подвидови, покажуваат голема поединечна обоеност и различност. Птиците од поисточните краишта се посветли и посивкави. По сезоната на парење, возрасните целосно се митарат до август, односно септември, пред почетокот на преселбата на југ. Имаат и едно полумитарење пред сезоната на размножување, што ги опфаќа главата, телото и опашката.
Проблеми со пуштањето? Помош. |
На местото за размножување, мажјакот се огласува гласно, повторливо, гракајќи крек крек од ниска позиција, со истегнати нагоре врат и глава, речиси вертикално и со широко отворен клун. Овој повик може да се слушне на оддалеченост и од 1.5 км и служи за означување на територијата, привлекување на женките и предизвикување на натрапничките мажјаци. Рано, на почетокот од сезоната за парење, овој повик трае континуирано преку цела ноќ, а често и преку цел ден. Може да се повторува над 20.000 пати ноќе, а врв достигнува меѓу полноќ и 3 часот наутро. Звукот точно ја определува територијата на мажјакот, зашто овој вид е скриен во растителноста.[8] Интензитетот на повикот се намалува по неколку недели, но може поворно да се засили на крајот од лежењето на јајцата, односно на крајот од сезоната на парење.
Женките имаат сличен повик, но имаат карактеристичен звук на лаење и помалку иритирачка нота.[9] Тие имаат и писклив повик, како и oo-oo-oo звук за повикување на пилињата. Пилињата, пак, имаат тивок пик-пик повик и нежен цвркот кога бараат храна.
Живеалиште
уредиПрдавецот е главно низински вид, но живее до 1.400 метри надморска височина во Алпите, до 2700 метри во Кина и 3.000 метри во Русија. Во Евроазија, оригиналното живеалиште на прдавецот биле ливадите крај реките со висока растителност, и другите ливади со трски и ириси. Сега главно се наоѓаат во влажни тревни површини кои се користат за производство на сено, обезлистени пасишта во планините, на бреговите, или оние создадени по оган. Влажни области како рабовите на мочуриштата може да ги користи, но избегнуваат премногу влажни живеалишта и оние со растителност висока повеќе од 50 см или премногу густа. Тревните површини кои не се косени или премногу густи низ кои не може да се пробива, не се користат, но може да бидат употребени ниви со засадени житарки, грав, репка, компир, детелина и сл. По размножувањето, возрасните се преселуваат во повисоката растителност каде се митарат, па повторно се враќаат во пониската за второто легло.
При зимувањето во Африка, прдавецот живее во суви пасишта и савани, каде растителноста е 30-200 см висока, вклучувајќи ги и сезонски изгорените ниви.
Поведение
уредиПрдавецот многу тешко може да се забележи во својата животна средина, скриен од бујната растителност, но понекогаш се појавува на отворено. Повремено, некои птици се приближуваат до луѓето, како на пример, една птица од Шкотските Острови, пет лета влегувала во кујна да јаде остатоци од храна.
Оваа птица е поактивна рано наутро и приквечер, по обилни врнежи или на слаб дожд. Нејзиниот типичен лет е слаб и со чести замавнувања на крилјата. При миграции има постабилен лет, со посилна акција и нозе извлечени нанапред. Кога оди, чекори со повисоко кревање на нозете, а може да трча низ тревата со хоризантално ниско поставено тело. Може да плива, ако е неопходно потребно. Ако ја збрка куче, ќе лета помалку од 50 метри, често слетувајќи зад грмушки, а потоа ползејќи ќе се оддалечи. Ако се вознемири на отворено, ќе трча со често подзапирање и клекнување, со испружен врат и ќе застане да провери каде е натрапникот. Ако ја фатат, може да се преправа дека е умрена и ако види дека може да побегне веднаш се опоравува.
Прдавецот е осамен при презимувањето, каде секоја птица зафаќа 4,2-4,9 хектари, иако вкупната површина која ја користи може да биде двојно поголема зашто на локално ниво може да се движи заради поплави, раст на растенијата или косење. Јата до 40 птици се формираат за преселба, која се одвива во текот на ноќта, а во текот на денот може да се видат стотици птици во омилените места за одмор. Способноста да се селат е вродена, не ја научиле од возрасните. Пилињата што се чуваат во заробеништво и по 10 генерации се во состојба да се селат во Африка и да се вратат со ист успех како оние што израснале во дивина.[10]
Размножување
уредиДо 1995, се сметаше дека овие птици се моногамни, но се покажа дека мажјакот може да има легло со две или повеќе женки, заминувајќи кога лежењето е речиси завршено. Територијата на мажјакот варира од 3 до 51 хектар, но во просек е околу 15.7. Територијата на женката е многу помала, во просек околу 5.5 хектари. Мажјакот ќе го изгони секој натрапник со силни повици, спуштени крилја и главата насочена нанапред.
За време на додворувањето, мажјакот може да ѝ носи храна на женката. Тој изведува кратко додворување кога вратот му е издолжен, а главата наведната надолу, со раширени крилја со кои ја допира земјата. Набрзо ќе се обиде да ѝ пријде на женката од позади, а потоа ѝ скока на грбот за копулација. Гнездото е вообичано во пасишта, понекогаш побезбедно засолнато зад жива ограда, во близина на изолирано дрво или грмушка, или во побујна растителност. Гнездото, добро скриено во растителноста е изградено во плитка дупка на земјата, исплетено од суви гранки и трева и послано со помека тревичка.[11] Во пречник е 12–15 см, а длабоко околу 3–4 см. Леглото обично е од 6 до 14 јајца. Квачењето е задача само на женката, а нејзината тенденција да биде исклучително тивка и мирна врз гнездото доведува до чести несреќи и смрт при косењето на високите треви. Пилињата се изведуваат по 19-20 дена сите наеднаш и по ден-два можат да го напуштат гнездото и сами да почнат да си бараат храна веќе по 3-4 дена. Младенчињата се здобиваат со перје по 34-38 дена. Второто легло се започнува 42 дена по првото, и периодот на инкубација е малку помал и трае 16-18 дена. Младенчињата остануваат со женката до преселбата за Африка.
Исхрана
уредиПрдавецот е сештојад, но главно се храни со безрбетници, вклучувајќи ги дождовните црви, полжави, пајаци, бубачки, скакулци и други инсекти. Исто така, се храни со мали жаби и цицачи, а од растенијата со семиња од трева и житарки. За време на зимувањето исхраната е слична, со вклучени локални инсекти. Храната ја зема од земја.
Статус
уредиДо 2010 година размножувачката територија на прдавецот опфаќаше 12.400.000 км2 и беше класифициран во категоријата на речиси загрозен вид поради сериозниот пад на популацијата во Европа. Но, зголеменото внимание во Русија покажа дека бројката не се намалува, па дури и се зголемува, заради што сега е во категоријата на најмала загриженост. Популацијата се движи од 1.3 до 2.0 милиона возрасни парови во Европа, од кои три четвртини се во Русија; а вкупната евроазиска популација е околу 5.45 до 9.72 милиони поединци.
Во културата
уредиБлатните кокошки вообичаено се многу таинствени и скриени птици и не оставиле некој особен впечаток во културата на луѓето. Но, прдавецот со својот ноќен повик знаел да го нарушува сонот во руралните средини, па се здобил со разни народни имиња и понекогаш е спомнуван во литературата.
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Crex crex“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ Stone, Witmer (1894). „A Review of the Old World Rallinae“. Proceedings of the Academy of Natural Sciences of Philadelphia. 46: 130–149.
- ↑ Linnaeus, Carolus (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata (латински). 1. Holmiae (Stockholm): Laurentii Salvii. стр. 153.
- ↑ Bechstein, Johann Matthäus (1803). Ornithologisches Taschenbuch von und für Deutschland oder kurze Beschreibung aller Vogel Deutschlands, vol 2 (германски). Leipzig: Richter. стр. 336.
- ↑ Sclater, Philip Lutley (1896). „Remarks on the divergencies between the "Rules for naming Animals" of the German Zoological Society and the Stricklandian Code of Nomenclature“. Proceedings of the Zoological Society of London. 54 (2): 306–319.
- ↑ Wood, John George (1855). The Illustrated Natural History. London: G Routledge. стр. 302.
- ↑ Smith, John Maynard; Harper, David (2003). Animal Signals. Oxford: Oxford University Press. стр. 11. ISBN 0-19-852685-7.
- ↑ Osiejuk, Tomasz S; Olech, Bogumia (2004). „Amplitude spectra of Corncrake calls: what do they signalise?“ (PDF). Animal Biology. 54 (2): 207–220. doi:10.1163/1570756041445218. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-03. Посетено на 2013-07-01.
- ↑ Ottvall, Richard (1999). „Female Corncrake (Crex crex) singing in the wild“ (PDF). Journal of Ornithology. 140 (4): 453–456. doi:10.1007/BF01650989. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-03-25. Посетено на 2013-07-01.
- ↑ Pain, Debbie; Green, Rhys; Clark, Nigel (2011). „Bird on the edge: can the Spoon-billed Sandpiper Eurynorhynchus pygmeus be saved?“ (PDF). BirdingASIA. 15: 26–35.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Seebohm, Henry; edited posthumously by Richard Bowdler Sharpe (1896). Coloured Figures of the Eggs of British Birds. Sheffield: Pawson & Brailsford. стр. 83.
Литература
уреди- Koffijberg, Kees; Schaffer, Norbert (2006). International single species action plan for the conservation of the Corncrake Crex crex (PDF). Bonn, Germany: Convention on the Conservation of Migratory Species of Wild Animals (CMS) and Agreement on the Conservation of African-Eurasian Migratory Waterbirds (AEWA) (CMS Technical Series & AEWA Technical Series 14 & 9).
- Livezey, Bradley C (1998). „A phylogenetic analysis of the Gruiformes (Aves) based on morphological characters, with an emphasis on the rails (Rallidae)“. Philosophical Transactions of the Royal Society of London. 353 (1378): 2077–2151. doi:10.1098/rstb.1998.0353. PMC 1692427.
- Lockwood, W B (1984). Oxford Book of British Bird Names. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-214155-4.
- Taylor, Barry; van Perlo, Berl (2000). Rails. Robertsbridge, Sussex: Pica. ISBN 1-873403-59-3.
Надворешни врски
уреди„Прдавец“ на Ризницата ? |
- Corn Crake Архивирано на 9 мај 2013 г. on the Internet Bird Collection
- Flickr Field Guide Birds of the World photographs
- Upon Appleton House, to my Lord Fairfax by Andrew Marvell
- The Landrail Архивирано на 26 март 2012 г. by John Clare