Политика на девизниот курс на Македонија
Политика на девизниот курс на Македонија претставува збир на мерки и инструменти за формирање и одржување на вредноста на денарот во однос на странските валути.
Почетоци на политиката на девизниот курс
уредиВо периодот непосредно по прогласувањето на политичката независност, Македонија беше дел од монетарниот систем на СФРЈ, така што немаше можност за водење самостојна политика на девизен курс. Сепак, уште во почетокот на декември 1991 г., македонската влада донесе Одлука за применување на курсот на динарот во платниот промет со странство и за издвојување и насочување на дел од девизниот прилив во Република Македонија. Врз таа основа, централната банка започна да ги формира девизните резерви и да го утврдува девизниот курс на динарот на територијата на Македонија. Притоа, првата курсна список на НБРМ е објавена на 7 декември со важност од 9 декември 1991 г. Подоцна, при прогласувањето на монетарната самостојност на Македонија, политиката на девизниот курс е оставена во надлежност на владата. На 27 април 1992 г., владата донесе Одлука за формирање на курсот на домашната валута со која се воведе режим на фиксен девизен курс на нивото од 360 вредносни единици (бонови) за една германска марка. Врз таа основа, НБРМ го одредуваше курсот во однос на другите конвертибилни валути според принципот на вкрстена валута. Воведувањето на фиксен девизен курс претставуваше инструмент на стабилизационата програма кој требаше да ги стабилизира инфлациските очекувања и да овозможи намалување на инфлацијата. Сепак, во овој период, централната банка немаше никакво влијание врз движењето на девизниот курс заради неколку основни причини:
- непостоење девизен пазар,
- скромни девизни резерви,
- некоординација со другите макроекономски политики.
Оттука, за кусо време се покажа несоодветноста на режимот на фиксен девизен курс и на 10 октомври 1992 г., извршена е девалвација за 67% (од 360 на 600 бонови за една марка), а на 8 декември 1992 г., следуваше уште една девалвација од 30%. Истовремено, се изврши промена на режимот на девизен курс, така што се дозволи денарот да флуктуира во интервалот од плус/минус 10% во однос на кошницата од валути составена од американскиот долар, германската марка, италијанската лира, британската фунта, францускиот франк, швајцарскиот франк и австрискиот шилинг. Во овој период, во Македонија истовремено функционираа неколку девизни курсеви:
- официјален девизен курс, објавен од страна на НБРМ,
- девизен курс по кој се вршеше купопродажба на девизи меѓу претпријатијата,
- девизен курс на црниот пазар.
Притоа, најголем дел од трговијата со девизи се вршеше по двата курса различни од официјалниот девизен курс, кој цело време заостануваше зад црниот девизен курс.
На 10 мај 1993 г., беше донесен Законот за девизно работење, со кој се постави основната институционална рамка на официјалниот девизен пазар, чија организација беше доверена на НБРМ. Истовремено, НБРМ стана надлежна за формирање на курсот на денарот, иако формално Собранието беше надлежно за формулирање на целите и задачите на девизната политика. Притоа, на 15 мај 1993 г., извршена е девалвација на денарот од 62% во однос на марката и се премина кон режим на флексибилен девизен курс, проследен со интервенции на НБРМ на девизниот пазар. Сепак, во овој период, централната банка не водеше активна политика на девизен курс, кој продолжи слободно да флуктуира, следејќи го црниот девизен курс.[1]
Политика на фиксен девизен курс
уредиПресврт во политиката на девизен курс се случи на почетокот на 1994 г., кога централната банка започна да го одржува девизниот курс на стабилно ниво од 27 денари за една германска марка. Оттогаш, централната банка започна да води политика на de facto фиксен девизен курс, како основно номинално сидро за стабилизирање на цените. Подоцна, во октомври 1995 г., НБРМ официјално ја усвои стратегијата на таргетирање на девизниот курс, со што девизниот курс стана посредна цел на монетарната политика. Импресивната стабилност на девизниот курс на марката продолжи до 9 јули 1997 г., кога е извршена девалвација на денарот од 16%. Потоа, централната банка продолжи да го одржува девизниот курс во тесни рамки околу нивото од 31 денари за една марка, а ваквата политика се задржа и по воведувањето на еврото. Во целиот овој период, централната банка се покажа како исклучително делотворна во контролата на девизниот курс, успешно неутрализирајќи ги сите притисоци за депрецијација или апрецијација на денарот. Притоа, почнувајќи од јануари 2002 г., формулирањето на политиката на девизен курс беше законски ставено во надлежност на НБРМ, меѓутоа, со измените на Законот за НБРМ, кон крајот на 2010 г., режимот на девизниот курс е ставен во заедничка надлежност на централната банка и владата.
Извори
уреди- ↑ Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006