Подемот и падот на Паркинсоновата болест

„Подемот и падот на Паркинсоновата болест“ (српски: Uspon i pad parkinsonove bolesti) — роман на српскиот писател Светислав Басара, добитник на НИН-овата награда за најдобар српски роман во 2006 година.

Содржина уреди

Романот се состои од четири дела:

  • Павел Кузмич Касаткин, Morbus Parkinsoni - Предговор: Демјан Ловрјевич Паркинсон, творецот на една страшна болест, умрел во еден логор во Колима, во 1947 година. По перестројката, тој бил рехабилитиран, а историчарот Ф. Р. Вознесенски го истражувал архивот на тајните служби со намера да ја реконструира биографијата на Паркинсон. По неколкугодишна напорна работа, тој постепено почнал да се однесува необично - јадел хартија, спиел со свињите итн. Притоа, тој открил дека Паркинсон бил поврзан со атентатот врз Ленин и дека работел напорно со цел да ја предизвика светската војна. Под влијание на истражувањето, Вонзесенски се преженил, дал отказ од работата и се заразил од паркинизмот и почнал да организира терористички напади ширум Русија. Додека Вознесенски го истражувал архивот, него го следел агентот на тајната служба, Кузмич Касаткин, кој дошол до ракописот на Вознесенски, го умножил и им го понудил на издавачките куќи.[1]
  • Инфекција: Првите симптоми на болеста Паркинсон ги добил во 1884 година и тогаш започнал да ја проучува. За таа цел, тој отпаувал во Тибет, а во неговата вила во Митрофановска почнале да доаѓаат познати луѓе, како: Достоевски, Лу Саломе, Распутин итн. Тој, пак го посетил Толстој со намера да го придобие кон своите идеи, но неговата посета завршила со неуспех. Откако објавил книга за мистикот Јакоб Беме, во Москва се појавила секта која го ширела паркинсонизмот. Иако кривоверците биле протерани во Сибир, наскоро неговите идеи се прошириле во Кина, а потоа и ширум Европа. Тогаш, царската власт го уапсила татко му и го протерала во Сибир, а Паркинсон заминал во Турција. Подоцна, тој го објавил своето најважно дело, неговите идеи станале општоприфатени, тој го наговорил Кемал Паша да ја започне Младотурската рволуција, неговите приврзаници во Србија извршиле државен удар, на првиот меѓународен конгрес била донесена тајна одлука да се започне светска војна, а Паркинсон ја објавил статијата „Историјата на мојата болест“.[2]
  • Инкубација: Во 1905 година, Паркинсон го запознал Сталин кој под влијание на паркинсонизмот му пристапил на револуционерното движење. Во едно списание излегол наводниот одговор на Достоевски на обвинувањата во „Историјата на мојата болест“. Паркинсон објавил делови од своето најважно дело „Tractatus Antiheliocentricus“ во кое ги изложува идеите за подемот на политиката. Во 1904 година се појавила книгата „Последните денови и смртта на Јакоб Беме“, објавена под псевдонимот Ј. Шванекпфелд. Во неа се раскажува за учењето на Беме кој сметал дека трпењето и измачувањето на овој свет носи спас за душата. Притоа, Беме постел така што ги јадел своите ракописи, но неговите чираци успеале да ги препишат и така да ги спасат. Постепено, неговата состојба се влошувала и тој умрел така што исчезнал, оставајќи само златен прав на местото каде што лежело неговото тело.[3]
  • Криза и агонија: Во 1913 година се појавил вториот дел на „Tractatus Antiheliocentricus“. Потоа избувнале Првата светска војна и Октомвриската револуција, по што Паркинсон преминал во илегала. Во 1938 година бил уапсен чевларот Николај Николаевич Кузнецов кој умрел во логорот во Колима во 1947 година, а по неколку децении се дознало дека зад тоа име се криел вистинскиот идентитет на Паркинсон. По Втората светска војна, одвреме-навреме се појавувале разни сведоштва за Паркинсон. Така, во 1951 година, Набоков објавил расказ во кој се зборува како Достоевски паднал под влијание на идеите на Паркинсон. Во 1991 година се појавил вториот дел на „Историјата на мојата болест“ во кој Паркинсон ја опишува заверата на лекарите против него. Во 1993 година, во едно белградско списание биле објавени фрагменти од „Tractatus Antiheliocentricus“ во кои Паркинсон пишува за ренесансата како оддалечување од христијанските вредности и за губењето на идентитетот на градовите. Во 1995 година, во Санкт Петербург бил пронајден ракопис во кој е опишан животот на Перкинсон: неговиот сон за Јакоб Беме којшто го инспирирал да ја напише книгата за него; појавата на религиозната секта меѓу чевларите во Москва; познанството со Лу Саломе; повлекувањето од јавноста по прогонството на татко му; и најпосле, преселбата во Турција, стапувањето во армијата и дружењето со Кемал Ататурк.[4]

Наводи уреди

  1. Svetislav Basara, Uspon i pad Parkinsonove bolesti. Beograd: Dereta, 2011, стр. 7-27.
  2. Svetislav Basara, Uspon i pad Parkinsonove bolesti. Beograd: Dereta, 2011, стр. 29-75.
  3. Svetislav Basara, Uspon i pad Parkinsonove bolesti. Beograd: Dereta, 2011, стр. 77-149.
  4. Svetislav Basara, Uspon i pad Parkinsonove bolesti. Beograd: Dereta, 2011, стр. 151-272.