Андрагогија
Андрагогија — гранка на образовната теорија што истражува како возрасните учат и стекнуваат вештини, и како воспитувачите можат ефективно да го водат и управуваат овој процес на учење. Изразот „андрагогија“ првпат бил службено воведен во научниот говор во 1833 г. од Александар Кап, германски историчар специјализиран за педагогија.[1][2]
Во последниве години, има сѐ поголем фокус на андрагогијата, поттикната од општествените промени кон поголема побарувачка и пристапност за тековно образование и професионален развој кај возрасните. Чинителите како употребата за постојано унапредување на вештините, промените во кариерата и развојот на културниот крајолик ја истакнале важноста на достапните и соодветни можности за учење за возрасните. Ова довело до основање курсеви, па дури и цели факултети посветени на обезбедување образование не само за работните возрасни, туку и за пензионерите, препознавајќи ја вредноста на доживотното учење како неразделен дел на личниот раст и здравиот начин на живот.[3]
Начела
уредиУчењето на возрасните е сосредоточено на разбирање, организирање и синтетизирање на знаењето наместо да се потпира на учење на памет. Научниците предложиле седум начела за водење на учењето на возрасните:[3][4]
- Самомотивација: Возрасните се најуспешни во учењето кога имаат слобода да го насочат сопственото учење и поседуваат силен внатрешен нагон да развијат нови вештини или да стекнат конкретно знаење.
- Умесност: Возрасните се практични ученици што даваат приоритет на учењето што непосредно се однесува на нивните тековни потреби и цели. Тие сакаат да знаат како учебната содржина ќе им биде од полза веднаш.
- Активно учење: За разлика од младите што често учат со обиди и грешки, возрасните најдобро учат преку активно ангажирање и практична пракса. Ова им помага да обединат различни вештини во сплотено разбирање.
- Фокус на решавање проблеми: Учењето на возрасните често е насочено кон проблеми, каде што учениците започнуваат со проблем од вистинскиот свет и бараат решенија. Смисленото ангажирање со вистински проблеми води до подлабоко учење и посилно помнење.
- Влијание на искуството: Возрасните носат богато претходно искуство во учебниот процес, што може или да го подобри или да го попречи учењето. Може да се наложи претходните знаења да бидат предизвикани или проширени, за успешно да се поврзат нови информации.
- Неформална средина за учење: Возрасните напредуваат во неформални услови за учење каде што можат да ја преземат сопственоста на нивниот учебен процес и да соработуваат со другите. Да се биде дел од поддржувачка и интерактивна заедница за учење го подобрува нивното искуство за учење.
- Водење и партнерство: Возрасните претпочитаат да бидат третирани како рамноправни партнери во процесот на учење и да го ценат водството што е прилагодено на нивните своеобразни потреби и цели. Тие ги ценат можностите и автономијата во нивното учење и бараат значајни заемодејства со учителите и врсниците.[5][6]
Литература
уреди- Кулиќ, Р., Деспотовиќ, М., Увод во андрагогијата, DVV International, Скопје (2007)
- Самоловчев, Б., Основи на андрагогијата, Универзитет „Кирил и Методиј“, Скопје (1981)
- Закон за образованиe на возрасните, Службен весник на Република Македонија, бр. 7/08 (2008)
- Knowles, Malcolm; Holton, E. F. III; Swanson, R. A. (2005). The adult learner: The definitive classic in adult education and human resource development (6th. изд.). Burlington, MA: Elsevier. ISBN 978-0-7506-7837-7. LCCN 2004024356.
- How Learning Works: Seven Research-Based Principles for Smart Teaching. San Francisco, USA: Jossey-Bass, A John Wiley & Sons Imprint. 2010. ISBN 978-0-470-48410-4. OCLC 468969206.
- Merriam, Sharran B.; Caffarella, Rosemary; Baumgartner, Lisa (2007). Learning in Adulthood: A Comprehensive Guide (3rd. изд.). San Francisco: Jossey-Bass. ISBN 978-0-7879-7588-3. LCCN 2006019145.
Наводи
уреди- ↑ Под ред. Колесниковой И. А. Основы андрагогики. — М.: «Академия», 2003. — С. 5. — 240 с. — ISBN 5-7695-0978-3. (руски)
- ↑ „andragogy“. Dictionary.com. Архивирано од изворникот 13 March 2016. Посетено на 1 January 2017.
- ↑ 3,0 3,1 „Principles of Adult Learning“. literacy.ca. Архивирано од изворникот на 2014-02-17.
- ↑ „TEAL Center Fact Sheet No. 11: Adult Learning Theories“ (PDF). TEAL. 2011. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-12-15. Посетено на 2016-12-13.
- ↑ „Adult Learning Techniques“ (PDF). Aacp.org. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-04-26. Посетено на 2015-09-25.
- ↑ „Educating adult learners: twelve tips for teaching business professionals“ (PDF). University of Oklahoma, Tulsa, U.S.A. Архивирано (PDF) од изворникот 2014-05-13. Посетено на 2016-10-11.