Павле Арсоски
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Павле Арсоски ― поранешен генерал-мајор, советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции на Република Македонија и сегашен потпретседател на партијата ЗНАМ.[1].
Павле Арсоски | |
---|---|
Арсоски во 2020 година | |
Род | Артилерија |
Служба | 1990 - 2023 |
Чин | генерал-мајор |
Единица | Генералштаб на Армијата |
Заповедал со | Команда за операции,
Здружена оперативна команда, 1.механизирана пешадиска бригада, Полк за специјални операции, 1.пешадиски баталјон |
Одликувања | Вонредно унапредување во чин мајор;
Златна, Сребрена и Бронзена значка на АРМ; Плакета на АРМ; Сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба; Златна и сребрена значка на АРМ за партнерство, координација и соработка. |
Арсоски во 1990 година бил промовиран во потпоручник. Во текот на неговата кариера тој извршува широк спектар на должности, од кои можат да се истакнат командант на 1-виот баталјон од 15-та пешадиска бригада, полкот за специјални операции, 1-та механизирана пешадиска бригада и командант на Командата за операции во 2018 година, пред да биде назначен на сегашната должност како советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции. Од 19.05.2023 година генерал мајор Павле Арсоски е во пензија.
Животопис
уредиРоден бил во Гостивар во 1967 година, воена гимназија завршил во Загреб (Хрватска) во 1986 година, а военото образование го продолжува на Воената академија на копнената војска во Белград Архивирано на 19 април 2016 г. (Србија) и Задар (Хрватска). Дипломирал во 1990 година како потпоручник на родот артилерија. Воената кариера ја започнува во поранешната Југословенска Народна Армија (ЈНА) во Словенија, а во Армијата на Република Македонија[2] е од првиот ден на нејзиното формирање во април 1992 година. Во текот на својата богата војничка кариера, генералот Арсоски извршува бројни командни и штабни должности. Негова прва должност во Армијата на Република Македонија (АРМ) е командир на вод во артилерискиот дивизион на 1.гардиската бригада во Скопје, а потоа следователно, командир на чета, заменик командант на баталјон и командант на 1.пешадиски баталјон на 15.пешадиска бригада во Тетово. За време на воениот конфликт во 2001 година[3], Арсоски командува со пешадиски баталјон и подоцна со баталјонска борбена група во Тетовско и на Шар Планина, за што истата година вонредно е унапреден во чин мајор. Во 2003 година станува дел од најелитната борбена единица на АРМ, полкот за специјални операции. Најпрво ја извршува должноста началник за операции, планирање и обука, а во 2010 година е поставен за началник на штаб и унапреден во чин полковник. Командант на полкот за специјални операции стана во 2012 година. Со Указ на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, во август 2013 година е поставен за командант на 1. механизирана пешадиска бригада[4] и унапреден во чин бригаден генерал. Во 2015 година е поставен за заменик на командантот на Здружената оперативна команда, а три години подоцна во 2018 година, стана командант на Здружена оперативна команда[5][6][7]. Истата година е унапреден во чин генерал-мајор. Со трансформација на Армијата во 2019 година е поставен за командант на Командата за операции Архивирано на 25 април 2020 г.[8] и должноста ја извршува до 2021 година кога е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.
За време на воената кариера, Арсоски го продолжува своето военото образование. По дипломирањето на Постдипломски студии за командни и штабни должности во Скопје во 2003 година, во 2011 година го завршува највисоко воено образование и дипломира на Ратната школа „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб, (Република Хрватска). Генерал-мајор Арсоски има завршено повеќе курсеви и обуки во земјата и странство, меѓу кои и престижните: Курс за командант на баталјон во Сојузна Република Германија, Курс за водачи на 21 век во Џорџ Маршал Центарот во Сојузна Република Германија, Курс за воен менаџмент и донесување на одлуки, Обука за воени аташеи и експерти за меѓународна комуникација и Курс за генерали и амбасадори во Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, (Република Италија).
Награди и признанија
уредиВонредно унапредување во чин мајор во 2001 година, Златна, Сребрена и Бронзена значка на АРМ; Плакета на АРМ, Сребрена значка на АРМ за долгогодишна служба, Златна и сребрена значка на АРМ за партнерство, координација и соработка.
Семеен статус и интереси
уредиГенерал Арсоски од 1990 година е во брак со Елизабета Арсоска, дипломиран новинар и заменик главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вечер“ со која има две деца, ќерка Марија, професор по германски јазик и син Александар, дипломиран економист. Зборува активно англиски и германски јазик.
Во слободно време генерал Арсоски активно се занимава со спорт, голем љубител е на ликовната и драмска уметност, како и опера и балет. Ја проучува воената историја, класичната литература, хералдиката и хорологијата.
Потпретседател е на здружението[9] и секретар на Македонското грбословно друштво[10] со титула Хералд Еригонски. Напоредно со военото образование, генерал-мајор Арсоски вложува и во надградба на цивилното образование. Во 2016 година ги завршува магистерски студии на Институтот за национална историја при УКИМ и се стекнува со титула магистер по воена историја. Во 2021 година се стекнал со титулата Доктор на науки на истиот Институт.
Наводи
уреди- ↑ „Командата за операции на Армијата на Република Македонија“. Архивирано од изворникот на 2020-06-24. Посетено на 2020-05-08.
- ↑ „Армија на Македонија“. Википедија. 2020-05-31.
- ↑ „Воен конфликт во Македонија, 2001“. Википедија. 2020-05-31.
- ↑ „Генерал Арсоски, нов командант на механизираната пешадиска бригада“. А1он (англиски). 2013-09-06. Посетено на 2020-06-02.
- ↑ „Бригадниот генерал Арсоски нов командант на ЗОК“. Нова Македонија. Посетено на 2020-06-02.
- ↑ „Бригадниот генерал Арсоски нов командант на Здружената оперативна команда“. makpress.mk. Посетено на 2020-06-02.
- ↑ „Павле Арсоски - нов командант на Здружената оперативна команда“. МКД.мк. Архивирано од изворникот на 2020-06-03. Посетено на 2020-06-02.
- ↑ „Команда за операции“. Архивирано од изворникот на 2020-06-24. Посетено на 2020-06-02.
- ↑ Клуб на генерали Архивирано на 3 јуни 2020 г.
- ↑ Македонско грбословно друштво