Чезаре Павезе
Чезаре Павезе (италијански: Cesare Pavese) (Санто Стефано Белбо, 9 септември 1908 – Торино, 27 август 1950) бил италијански писател и поет.
Животопис
уредиЧезаре Павезе е роден на 9 септември 1908 година, во малото место Санто Стефано Белбо во Пиемонт. Во Торино дипломирал историја на книжевноста, со дипломски труд за Волт Витман. Работел како уредник на библиотеката „Корали“ во издавачката куќа „Ејнауди“ од Торино, која по неговата смрт ги објавила неговите собрани дела. Како активен антифашист, бил осуден на прогонство. Кон крајот на август 1950 година, Павезе извршил самоубиство во еден хотел во Торино.[1]
Творештво
уредиПокрај со пишување, Павезе се занимавал и со проучување на современата американска книжевност, па култот на едноставноста е присутен и во неговите дела. Тој е автор на една збирка есеи за американските писатели и добил неколку признанија за преводите на повеќе дела од англиската и американската книжевност. Павезе е автор на две збирки поезија, две збирки раскази, дневник и девет кратки романи. Книжевниот опус на Павезе го сочинуваат следниве поважни дела:[2]
- „Твоите краишта“ (Paesi tuoi, 1941)
- „Меѓу осамените жени“ (Tra done sole, Einaudi, 1950)
- „Вештина на живеењето“ (Il mestiere di vivere, Einaudi, 1952)
- „Затвор“ (Il carcere, 1959)
- „Куќа на ритчето“ (La casa in collina, 1959)
- „Големиот оган“ (Fuoco grande, 1959)
- „Убавото лето“ (La bella esate, 1964)
Критички осврт кон творештвото на Павезе
уредиРетко кој современ писател ја чувствува моќта на молчењето како Павезе. За да им го врати достоинството на зборовите и да ги исполни со човечка содржина, тој ги опкружува со паузи, ги разредува на белината на хартијата за да одекнат посилни и поубедливи во празнината. Неговата реченица, а особено дијалозите, се крајно упростени, сведени само на неколку најнеопходни и многу одговорни зборови. Неговото дело се одликува со скицуозност, суптилни детаљи и непогрешно реагирање. Воопшто, тој пишувал само кратки романи, кои може да се наречат новели. Неговиот опус е мал, мерен според бројот на страниците, но тој не е сразмерен на големината на неговиот книжевен лик. Но, неговата одбивност кон празната расприкажаност е толку голема, што шури и неговото скржаво соопштување му се чинело претерано, а за тоа сведочат последните реченици од неговиот дневник „Вештина на живеењето“, напишани десет дена пред самоубиството: „Не зборови. Дело. Повеќе нема да пишувам.“[3]
И ликовите во романите на Павезе не се зборлести. Напротив, тие го исмеваат секој обид за меѓусебна комуникација со помош на зборовите, како што прави Момина во романот „Меѓу осамените жени“. И во „Затвор“, Стефано сака сè да заврши „без разговор“. Во сиромашниот речник на Павезе се среќаваат бројни синоними за осаменоста: таквата состојба, Клелија во „Меѓу осамените жени“ ја нарекува „пустош“; Силвија во „големиот оган“ ја нарекува „издвоеност“; Џинија во „Убавото лето“ ја нарекува „самотија“; Талино во „Твоите краишта“ ја нарекува „одвоеност“; а Стефано „недружевност“. Ова богатство на изразите зборува дека Павезе ѝ придава голема важност на осаменоста и на неа лежи тежината на пишувањето. Оттука, сите ликови во романите на Павезе се осамени, иако често се наоѓаат во бучно друштво. Тоа се случува поради тоа што нивното друштво не е хумана заедница, туку само збир на неспонтани поединци. Осамените ликови на Павезе се потонати во тажната реалност на формалистичките, конвенционални, надворешни човечки односи, а нивниот живот е сведен на најпростите елементи: физичка работа, банални разговори, сексуално задоволување, итн. На пример, Клелија смета дека животот нема смисла без топла бања и цигари; Стефано е преокупиран со тоа како да ги задоволи сексуалните потреби; Елена е „добра, присутна како кокошка, метла или слугинка“; а Корадо вели: „Не сакам ниедна, а сум водел љубов со многу“. Никој од неговите ликови нема важна цел ниту принцип, немаат страст, ништо не земаат сериозно и поради тоа немаат ниту среќа ниту болка. Меѓутоа, нивноот чувство на осаменост е активно и може да се смета за бунт и израз на незадоволството од состобата во која се наоѓаат. Како што запишал во својот дневник на 13. јануари 1949 година, Павезе смета дека излезот е во бегството, но не дава упатство каде треба да се побегне. Сепак, одговорот на ова прашање е парадоксален: треба да се побегне во тотална осаменост, таму каде што нема луѓе, зашто само во таа објективна самотија нема да ја чувствуваме субјективната самотија. Меѓутоа, ликовите на Павезе не се способни да го преземат тоа бегство, зашто тие се малодушни и не владеат со своите судбини.[4]
Слично на тоа, описите што ги дава Павезе не се податоци од календарите или местата, туку ги претставуваат духовите на неговите јунаци. Мрачните утра во Торино, југото во Рим, дождот на тротоарот и ритчињата на зајдисонце попримаат митска вредност. Овие описи се симболи на променливите моменти на свеста, на длабоките психолошки состојби, на човековата личност вопатувањето низ времето, на неговото „јас“ што трае и на ефемерните впечатоци што се надоврзуваат еден на друг во нераскинливата низа на минатото-сегашноста. Така, Корадо вели: „Ритчето за мене не беше определено место, за мене тоа беше поглед на светот, начин на живеење“; за Стефано, морето е „слобода, животна радост, искреност, блискост“; а Розета Мола, во мигот на самоубиството, гледа во ридовите над Торино, наместо во бедата на рамнината.[5]
Наводи
уреди- ↑ Jugana Stojanović, „Čezare Paveze“, во: Čezare Paveze, Među usamljenim ženama. Beograd: Rad, 1964, стр. 122-123.
- ↑ Jugana Stojanović, „Čezare Paveze“, во: Čezare Paveze, Među usamljenim ženama. Beograd: Rad, 1964, стр. 120-123.
- ↑ Jugana Stojanović, „Čezare Paveze“, во: Čezare Paveze, Među usamljenim ženama. Beograd: Rad, 1964, стр. 119.
- ↑ Jugana Stojanović, „Čezare Paveze“, во: Čezare Paveze, Među usamljenim ženama. Beograd: Rad, 1964, стр. 120-121.
- ↑ Jugana Stojanović, „Čezare Paveze“, во: Čezare Paveze, Među usamljenim ženama. Beograd: Rad, 1964, стр. 122.