Никола Калапчиев

Никола Калапчиев (роден на 12 мај 1914 година во село Грамада, Горноџумајско - починал на 6 мај 1942 година во Горна Џумаја) — македонски македонски револуционер и комунист.[1]

Никола Калапчиев
Роден 12 мај 1914
Грамада, Горноџумајско, Бугарија
Починал 6 мај 1942
Горна Џумаја, Пиринска Македонија
Националност Македонец
Занимање револуционер

ЖивотописУреди

Никола Калапчиев во 1932 година, на 18 годишна возраст започнал со својата револуционерна дејност, како член на Работничкиот Младешки Сојуз (РМС). Подоцна соработувал и со Никола Вапцаров, и со членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Поради револуционерната активност во 1938 бил уапсен од бугарската полиција и осуден на 7 години затвор. Бил ослободен во 1940 година.

По пуштањето од затвор, повторно им се приклучил на своите другари. Откако Македонците од Пиринска Македонија во јуни 1941 решиле сами со оружје да се борат против бугарскиот фашизам, без да чекаат одлука од БКП, Никола Калапчиев добил задача да ги организира за борба Македонците од околината на градовите Свети Врач и Петрич.

Пиринските партизани први на Балканот ја започнале борбата против фашизмот. Во јули 1941 година Калапчиев заминал во илегала и бил еден од основачите на Горноџумајската партизанска чета. Во октомври 1941, кај планинското село Цервиште бугарските сили го уапсиле Калапчиев откако претходно го раниле. Со ампутирана рака тој успеал да побегне.

Во март и април 1942 година, Бугарија двапати го осудила Калапчиев на смрт. На 6 мај 1942 бугарската полиција организирала полициска блокада на Горна Џумаја по добиени информации за движење на партизани во градот. Калапчиев во тој момент бил дојден во домот на својот татко. Полицијата ја опколила куќата на Калапчиев и започнала престрелка, во која тој се самоубил.

Пролетта 1943 година, новоформираниот Горноџумајски партизански одред бил наречен според Никола Калапчиев.

За Калапчиев е напишана и познатата македонска песна „Имала мајка едно ми чедо“.

НаводиУреди

  1. Калапчиев“. Македонска енциклопедија , книга I (А-Љ): стр. 660-661. (2009). Скопје: МАНУ.