Минхаузенов синдром

умствено пореметување

Минхаузенов синдром — сериозно умствено пореметување кое што кај личноста што има многу голема и длабока потреба за внимание се преправа дека е болна или намерно се разболува или повредува. Луѓето коишто патат од Минхаузеновиот синдром можат да измислат симптоми, да иницираат ризични активности или да пробаат да ги фалсификуваат лабораториските тестови со цел да добијат симпатија и загриженост кон себе.[1]

Минхаузенов синдром
СпецијалностПсихијатрија, Психологија Уреди на Википодатоците
Барон Минхаузен - германски барон според кој е именуван овој синдром, за кој се мисли дека бил најголемиот лажго во историјата на човештвото

Минхаузеновиот синдром се наоѓа во групата на состојби, наречени фикциони пореметувања (измислени пореметувања). Фикционите пореметувања можат да бидат од психолошки или физички карактер. Минхаузеновиот синдром се наоѓа во групата на најтешки и хронични физички форми на фикционите пореметувања. Синдромот е многу мистериозен и многу тешко се лекува.[2] Сепак, медицинската помош е критична во превенцијата на сериозни повреди, па дури и смртни последици настанати како причина на самоповредување, што е одлика типична за Минхаузеновиот синдром.

Симптоми

уреди

Симптомите на синдромот цело време се фокусираат на измислување или продукција на болест или повреда со цел да се задоволат длабоките емоционални потреби. Луѓето коишто страдаат од овој синдром во голема мера се обидуваат да ја сокријат својата лажна состојба, па така понекогаш е многу тешко да се открие дека нивните симптоми се всушност дел од сериозното ментално пореметување.

Минхаузеновиот синдром не се поклопува со измислувањето на медицински проблеми со цел да се оствари некоја придобивка, како на пример земањето на слободен ден од работа. Исто така, не се поклопува ниту со хипохондријата, бидејќи луѓето коишто страдаат од хипохондрија навистина веруваат дека се болни, додека луѓето коишто го имаат Минхаузеновиот синдром не се болни, но сакаат да бидат болни.[3]

Симптомите на Минхаузеновиот синдром може да вклучат:

  • Драматични стории за бројни медицински проблеми
  • Чести хоспитализации
  • Недефинирани или непостојани симптоми
  • Состојби коишто се влошуваат без да постои некоја видлива причина
  • Желба за често лабораториско тестирање или прифаќање на ризични активности
  • Длабоко знаење за медицинската терминологија и болестите
  • Барање на третман од многу различни доктори и различни болници
  • Малку посетители кога лицето ќе се хоспитализира
  • Одбивање и недавање на согласнот докторите да разговараат со фамилијата или пријателите
  • Расправање со персоналот во болницата
  • Чести барања за лекови против болка или други лекарства.

Како луѓето со Минхаузеновиот синдром ја глумат болеста

уреди

Поради тоа што луѓето со овој синдром стануваат експерти во глумење на симптомите и болестите или пак се самоповредуваат, понекогаш е многу тешко за докторите и нивните блиски да дознаат дали нивната болест е реална или не.

Луѓето коишто го имаат овој синдром ги измислуваат симптомите или ја предизвикуваат болеста на неколку начини, вклучувајќи:

  • Измислени медицински истории. Можат на своите блиски или на докторите да им презентираат лажна медицинска историја, како што е тврдењето дека имаат рак или ХИВ.
  • Глумење симптоми. Можат да ги глумат симптомите како што се стомачна болка, вртоглавица, онесвестување или аритмија.[4]
  • Самоповредување. Можат да се повредат или намерно да предизвикаат болест како што е на пример, инјектирањето на бактерии, млеко, бензин или фецес. Можат намерно да се исечат или изгорат. Можат да земаат лекови коишто ги имитираат болестите, како што се лекови за намалување на згрутчувањата во крвта, хемотераписки лекарства и лекови за дијабетес.
  • Не го дозволуваат зараснувањето на раните. Повторно ја отвораат залечената рана.
  • Манипулација. Можат да ги злоупотребат медицинските инструменти за да покажат други резултати, како што е на пример загревање на топломерот. Исто така, можат и да ги загадат своите примероци од урина наменети за лабораториско тестирање со крв или други субстанци.

Причини

уреди

Причините за појава на Минхаузеновиот синдром не се познати. Но, можно е луѓето коишто го имаат овој синдром да имаат искусено многу тешки вистински заболувања во младоста или пак да биле емоционално или физички злоупотребувани.

Ризични фактори

уреди

Неколку фактори можат да ја стават поединецот на повисок ризик за развивање на Минхаузеновиот синдром. Тие вклучуваат:

  • Траума од детството, како што се емоционални, физички или сексуални злоупотреби
  • Сериозна болест за време на детството која што овозможила некој да се грижи за нив
  • Роднина со сериозна болест
  • Слабо чувство за идентитет и слаба самодоверба
  • Загуба на сакана личност поради смрт, болест или напуштање која што се случила во раните години од животот
  • Неисполнета желба да се биде доктор или друг вид на медицински персонал
  • Работа во здравствена установа[4]
  • Нарушувања на личноста

Минхаузеновиот синдром се смета дека е редок, но не се знае колку луѓе го имаат ова пореметување. Некои користат лажни имиња со цел да ги сокријат трагите, некои посетуваат многу различни болници и доктори, додека некои воопшто не можат ни да се пронајдат. Поради сето тоа, многу е тешко да се постави некоја естимација. Повеќе мажи од жени се дијагностицирани со минхаузеновиот синдром и тој е најчест помеѓу младите и средовечните возрасни личности.

Компликации

уреди

Луѓето коишто страдаат од Минхаузеновиот синдром имаат толку длабоки емоционални потреби што сакаат и да го ризикуваат својот живот само за да бидат видени во очите на другите дека се болни. Исто така, често имаат и други ментални пореметувања. Како резултат на сето ова, се соочуваат со многу компликации, вклучувајќи:

  • Повреда или смрт од самопредизвикување на медицински состојби
  • Чести здравствени проблеми како резултат на хируршки зафат или други медицински процедури
  • Загуба на органи поради непотребни хируршки интервенции
  • Злоупотреба на алкохол и субстанци
  • Финансиски проблеми
  • Големи проблеми во секојдневниот живот, врските и работата

Тестови и дијагнози

уреди

Дијагностицирањето на Минхаузеновиот синдром честопати е екстремно тешко. Луѓето коишто страдаат од овој синдром се експерти во глумењето на многу различни болести и состојби. Честопати имаат и вистински медицински проблеми коишто можат да бидат опасни по животот иако тие можат да бидат намерно предизвикани.

Докторот којшто се сомнева за постоењето на овој синдром ќе ги прегледа медицинските записи, ќе се обиде да зборува со фамилијата или пријателите, дури и ќе ја пребара болничката соба на пациентот за да открие скриени инјекции или лекарства.

Директните обвинувања дека личноста страда од Минхаузеновиот синдром, може да предизвика бес и одбрана, што како резултат ќе предизвика ненадејно прекинување на соработката со докторот или болницата и барање на третман на друго место. Поради тоа, докторот ќе се обиде да создаде решение кое што би ја поштедило личноста од признавањето дека ги глуми симптомите.

На пример, докторот може да ја убеди личноста дека немањето на објаснување за медицинските симптоми е стресна работа и да предложи дека стресот е одговорен за некои од поплаките. Или пак, докторот може да побара согласнот од личноста дека ако следните два-три медицински третмани не дадат резултат, заеднички би ја разработиле идејата дека е можно да постои психолошки проблем како причина за болеста. Како и да е, докторот ќе проба да ја насочи личноста кон барање на помош од психијатар.

Минхаузеновиот синдром се дијагностицира како тип на фикционо пореметување. Со цел да се одреди дали некој страда од овој синдром, психијатриските установи спроведуваат детално интервју и тестови за можни физички проблеми.

За да кај некого биде дијагностицирано фикционо пореметување, тој мора да ги задоволи критериумите според DSM (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders).

Покрај тие критериуми, треба да се потврдат уште три други:

  • Намерно глумење или продуцирање на симптоми
  • Мотивација личноста да биде перцепирана како болна
  • Мотивацијата не е цел за да се оствари некоја финансиска или друг вид на добивка

Третмани и лекарства

уреди

Третманот на Минхаузеновиот синдром е тежок и не постојат стандардни терапии за ова пореметување. Поради тоа што луѓето кои страдаат од овој синдром сакаат да бидат во улогата на болни, честопати не сакаат да побараат третман. Сепак, ако кон личноста правилно се пристапи, таа може да се сложи да биде третирана од страна на психијатар.

Иако не постојат стандардни третмани за Минхаузеновиот синдром, третманот честопати се фокусира на менаџирање на состојбата отколку на обидување за нејзино излекување. Третманите најчесто вклучуваат психотерапија и бихејвиорална терапија. Ако е можно, може да се вклучи и семејна терапија.

Лекарствата можат да се користат за лекување на другите ментални пореметувања коишто исто така се присутни како што се депресијата или анксиозноста. Во многу од случаите, може да биде неопходна привремена хоспитализација во психијатриска установа.[5]

Животен стил и домашни лекарства

уреди

Пребродувањето на Минхаузеновиот синдром е тешко. За оние коишто се способни да преземат чекори кон подобрувањето на состојбата, следните насоки можат да им бидат од помош:

  • Држење кон планот за третман. Присутствувајте на закажаните психотерапии и земајте ги лекарствата коишто ви се препишани. Ако почувствувате потреба да се повредите или намерно да предизвикате појава на болест, отворено разговарајте за своите намери со вашиот психијатар, којшто ќе ви даде начини како подобро да се справите со тие емоции.
  • Верувајте му само на еден доктор. Имајте само еден матичен доктор на којшто ќе му верувате и којшто ќе ја следи вашата здравствена состојба. Не посетувајте различни доктори, специјалисти и хирурзи.
  • Запомнете ги ризиците. Потсетете се дека може да се здобиете со постојана повреда, дури и смрт секогаш кога намерно ќе се повредите или кога ќе прифатите ризични тестови или операции коишто не се поребни.
  • Не трчајте по нови доктори. Спротивставете и се на потребата да најдете нов доктор или да се преселите во нов град, каде што медицинските лица не ја знаат вашата историја. Психотерапевтот може да ви помогне да ги надминете тие моќни потреби.
  • Поврзете се со некого. На многу луѓе коишто страдаат од Минхаузеновиот синдром страдаат и од немањето на пријателства и други видови на врски. Пробајте да најдете некого со кого ќе можете да се дружите, да споделувате забавни нешта како и да му ја понудите вашата помош и поддршка.

Превенција

уреди

Поради тоа што причините за појава на Минхаузеновиот синдром се непознати, не постои начин за превенција на ова пореметување. Сепак, ако вашето дете е лекувано од некоја сериозна болест, внимавајте да не ја преувеличувате неговата улога како болно лице или пак вашата улога како пружател на нега.

Зборувајте со докторот на вашето дете по однос на тоа кои се реалните очекувања коишто детето може да ги постигне на ментален и физички план и поддржете го детето во самостојното изведување на очекувањата. Со овој пристап, можете да помогнете вашето дете да има долготрајно добро ментално здравје.

Наводи

уреди
  1. Krahn LE, Bostwick JM, Stonnington CM (2008). „Looking toward DSM-V: should factitious disorder become a subtype of somatoform disorder?“. Psychosomatics. 49 (4): 277–82. doi:10.1176/appi.psy.49.4.277. PMID 18621932.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. Jerald Kay and Allan Tasman (2006). Essentials of psychiatry. John Wiley & Sons, Ltd. стр. 680. ISBN 0-470-01854-2.
  3. Benjamin J. Sadock (Editor), Virginia A. Sadock (Editor) (7th edition (January 15, 2000)). Kaplan & Sadock's Comprehensive Textbook of Psychiatry (2 Volume Set). Lippincott Williams & Wilkins Publishers. стр. 3172. ISBN 0683301284. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  4. 4,0 4,1 Staff, Mayo Clinic. "Munchausen Syndrome." Mayo Clinic. Mayo Foundation for Medical Education and Research, 13 May 2011. Web. 11 Apr. 2013.
  5. Johnson BR, Harrison JA. Suspected Münchausen syndrome and civil commitment. J Am Acad Psychiatry Law. 2000; 28:74-76.

Надворешни врски

уреди
Класификација
П · Р · П
Надворешни извори