Лох Неј

езеро во Северна Ирска

Лох Неј (ирски: Loch nEathach [ɫ̪ɔx ˈn̠ʲahax], англиски: Lough Neagh) — големо езеро во Северна Ирска, сместено во североисточниот дел на островот Ирска. Со површина од 392 км2, ова е најголемото езеро на Британските Острови[2][3] и задоволува 40 % од водоснабдителните потреби на Северна Ирска. Сопственик на езерото е Ерлот од Шафтсбери.[4]

Лох Неј
Lough Neagh
Loch nEathach
Пристаништето во Балиронан на Лох Неј
Карта
Лох Неј со околните населени места
ПодрачјеСеверна Ирска
Координати54°37′05″N 6°23′42″W / 54.618° СГШ; 6.395° ЗГД / 54.618; -6.395
Главни приливиГорен Бан, Сиксмајлвотер, Гленави, Крамлин, Блеквотер, Мојола, Балиндери, Мин[1]
Главни истециБан
Слив&100000000000045500000004,550 км2
Сливни земјиОбединетото Кралство (91 %)
Ирска (9 %)
Најг. должина30 км
Најг. ширина15 км
Површина&10000000000000392000000392 км2
Прос. длабочина9 м
Најг. длабочина25 м
Зафатнина3.528 км3
ОстровиДеривара, Куни, Крохан, Овнов Остров, Падијан

Географија

уреди

Езерото се наоѓа на 30 км западно од градот Белфаст, а има димензии од 30 км во должина и 15 км во ширина. Деловите крај брегот се многу плитки, а просечната длабочина на езерото во целина изнесува 9 м. Достинува најголема длабочина од 25 м.

Хидрологија

уреди

Од вкупното сливно подрачје од 4.550 км2, околу 9 % ѝ припаѓа на Република Ирска, а 91 % на Северна Ирска.[5] Вкупно 43 % од земјиштето во Северна Ирска се исцедува во Лох Неј,[6] кое самото се празни во морето на север, преку реката Бан. Како еден од изворите на горното течение на Бан (Горен Бан), езерото може да се смета за дел од реката.

Населени места

уреди

На бреговите на езерото се расположени следниве населени места: Крејгавон, Антрим, Крамлин, Рандалстаун, Тумбриџ, Балиронан, Балиндери, Муртаун, Ардбо, Махери, Лурган и Махерафелт.

Управа

уреди
 
Грофовии во Северна Ирска

Грофовии

уреди

На езерото излегуваат пет од шесте грофовии во Северна Ирска (сите освен Фермана), па така и самата водна површина е поделена помеѓу нив. Тие се следниве (наброени надесно):

  1. Антрим (источна половина на езерото)
  2. Даун (мал дел на југозапад)
  3. Арма (југ)
  4. Тирон (запад)
  5. Лондондери (краен северозапад)

Употреба

уреди

Езерото се користи за рекреативни и стопански цели. Меѓу стопанските спаѓаат водоснабдувањето и индустрискиот лов на јагули.

Во XIX век се изградени повеќе канали, за да ги поврзат крајезерските места со пристанишните градови. Тие се: Лаганскиот Канал (поврзува со Белфаст), Њурискиот Канал (поврзува со Њури) и Алстерскиот Канал, кој поврзува со Лох Ерн, а оттаму преку реката Шанон со градовите Лимерик, Даблин и Вотерфорд. Друга врска е долното течение на реката Бан (Долен Бан), преку која се доаѓа до Колрејн, а во околината се наоѓа и краткиот Колајлендски Канал за превоз на јаглен. Од сите овие водни патишта, денес функционира само долното течение на Бан, но се изготвува и план за враќање на Алстерскиот Канал во стопански пловна состојба.

Покрај вообичаените езерски рекреации, Лох Неј е привлечно место за набљудувачи на птици од разни земји поради бројот и разновидноста на птиците што презимуваат и летуваат во тресетиштата околу езерото.

Легенда

уреди

Според едно старо предание, езерото настанало кога легендарниот џин Фин мак Кумал зграпчил огромна грутка од земјата и ја фрлил кон негов соперник во Шкотска. Меѓутоа, џинот промашил, и грутката паднала во Ирското Море, и така настанал островот Ман.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Habitas.org Архивирано на 6 март 2012 г. (англиски)
  2. Портал на Туризам Ирска Архивирано на 18 јули 2011 г. (англиски)
  3. Britannica.com (англиски)
  4. Статија за преговорите околу сопственоста, „Белфаст телеграф“ (англиски)
  5. „Лох Неј“. Британска мрежа за промени во животната околина. Посетено на 4 март 2012. (англиски)
  6. Служба за реки на Северна Ирска Архивирано на 16 февруари 2009 г. (англиски)

Надворешни врски

уреди