Локална самоуправа во Македонија

Локалната самоуправа во Македонија претставува систем на закони, подзаконски прописи и институции со кои се уредува и извршува локалната самоуправа.

Организација на локалната самоуправа

уреди

Локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Уставот содржи пакет на одредби со кои се дефинира концептот на локалната самоуправа, се гарантира независноста на општините во остварувањето на нивните надлежности, како и специфичниот статус на Град Скопје. Македонија има едностепена локална самоуправа. Локалната самоуправа во Македонија е организирана во 80 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа.[1] 34 единици на локалната самоуправа се со седиште во град, а останатите 46 се со седиште во село. Сите општини, освен неколку, се основани за подрачје на повеќе населени места. Општините ги извршуваат своите надлежности преку органи избрани непосредно од граѓаните, за време од четири години. Органи на општината се: советот и градоначалникот. Во општината можат да се основаат облици на месна самоуправа и тоа: во градовите - урбани заедници; во селата - месни заедници.

Органи на општината

уреди

Органи на локалната самоуправа се советот и градоначалникот.

Совет на општината

уреди

Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. За разгледување на прашања и утврдување предлози ододредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии, при што составот на комисиите соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот. Советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од девет ниту поголем од 33 члена, и тоа:

  • до 5.000 – 9 советници;
  • Од 5.001 до 10.000 – 11 советници;
  • Од 10.001 до 20.000 – 15 советници;
  • Од 20.001 до 40.000 – 19 советници;
  • Од 40.001 до 60.000 – 23 советници;
  • Од 60.001 до 80.000 – 27 советници;
  • Од 80.001 до100.000 – 30 советници;
  • над 100.000 – 33 советници.

Градоначалник на општината

уреди

Градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Градоначалникот ги има следните задачи:

  • ја претставува и застапува општината;
  • ја контролира законитоста на прописите на советот;
  • ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
  • го обезбедува извршувањето на одлуките на советот,
  • го обезбедува извршувањето на работите коишто со закон и се делегирани на општината;
  • иницира и предлага донесување на прописи од надлежност насоветот;
  • го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
  • го извршува буџетот на општината;
  • избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
  • редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот;
  • решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица;
  • донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
  • раководи со општинската администрација;
  • одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон.
  • обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статутот

Администрација на општината

уреди

За извршување на работите од надлежност на органите на општината се организира општинска администрација. Општинската администрација се организира во сектори и одделенија. Општината може да организира општински инспекторат заради вршење на инспекциски надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност. Организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација ги утврдува советот, врз основана предлог на градоначалникот. Вработените во општинската администрација кои вршат стручни, нормативно– правни, извршни, управно- надзорни работи и решаваат управни работи имаат статус на државен службеник. За вработените во општинската администрација кои вршат административно- технички и помошни работи се применуваат одредбите од работното законодавство. Општинската администрација ги извршува следните задачи:

  • ги подготвува актите за советот и градоначалникот;
  • ги подготвува седниците на советот, како и седниците на неговите постојани и повремени комисии.
  • врши стручни работи за советот и за градоначалникот;
  • го води сметководството на општината;
  • ја следи проблематиката во областите од надлежност на општината, врши анализа на состојбата и дава иницијативи и предлози за нивно решавање;
  • доставува информации и податоци во врска со активностите на општината на барање на надлежните органи или врз основа на закон;
  • ракува со документите на општината, и ги чува сè до нивното уништување, односно предавање во Државниот архив на Република Северна Македонија.

Надлежности на локалната самоуправа

уреди

Општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите одјавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со закон и се одговорни за нивното вршење. Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности. Општините се надлежни за вршење на следниве работи:

Заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон. Општината е супсидијарно одговорна за извршувањето на работите од јавен интерес.

Финансирање на локалната самоуправа

уреди

При изготвувањето и донесувањето на буџетот, Советот на Општината мора да се води од рамките и роковите утврдени со Законот за буџетите и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, но и да ги има предвид спецификите на сопствената општина. Советот на Општината е должен да донесе буџетски календар во кој ќе ги утврди роковите за планирање на буџетскиот календар, односно роковите во кои: градоначалникот ги доставува до општинските буџетски корисници главните насоки за изготвување на финансиските планови, општинските буџетски корисници ги доставуваат своите финансиски планови до градоначалникот и градоначалникот го доставува предлог–буџетот до Советот на Општината. Согласно законските прописи активностите кои треба да бидат предвидени со буџетскиот календар во општините се следните:[2]

Советот на општината го утврдува општинскиот буџетски календар со донесувањето на буџетот на општината за наредната година или на почетокот на годината. Исто така, советот на општината ја донесува (разгледува) Фискалната стратегија, а градоначалникот (во периодот април-мај) доставува општински буџетски циркулар со главни насоки за изготвување на буџетските пресметки/финансиски планови до општинските буџетски корисници. Општинските буџетски корисници во јуни ги доставуваат своите предлог буџетски пресметки/финансиски планови до општинските буџетски корисници. Финансискиот оддел на општинската администрација (во периодот јули-август ги анализира барањата и го известува градоначалникот за основните параметри (зголемени и намалени барања). Министерот за финансии подготвува буџетски циркулар во кој се содржани главните насоки за изготвување на буџетите и за висината на дотациите од централниот буџет кој им го доставува на општините најдоцна до 30 септември, додека финансискиот оддел на општинската администрација го подготвува предлог–буџет на општината (октомври). Потоа, градоначалникот го претставува предлог–буџетот до граѓаните, медиумите (ноември), а советот на Општината го донесува буџетот за наредната година најдоцна до 31 декември во тековната година.[2]

Буџетот на општината се изготвува, донесува и извршува во согласност со Законот за буџетите. Расходите се извршуваат во согласност со прописите за нивно извршување, а во рамките и намените утврдени во буџетот. Буџетот на општината се состои од општ и од посебен дел. Општиот дел содржи: консолидиран биланс на приходи и расходи, функционална класификација на расходите, биланс на тековно- оперативни приходи и расходи и биланс на капитални приходи и расходи. Во посебниот дел на буџетот се прикажани расходите според класификацијата на расходите што ја пропишува министерот зафинансии, групирани според корисници и програми. Посебниот дел на буџетот содржи и анекси кои се однесуваат на финансиски планови (биланс на приходи и расходи) на јавните служби основани од општината кои целосно или делумно се финансираат од буџетот на општината и образложение на буџетот. Со донесувањето на буџетот, советот на општината донесува одлука за извршување на буџетот, додека одобрувањето на буџетот претставува и давање на овластување да се спроведи мисијата, плановите и работата на единиците на локалната самоуправа.[3] Согласно со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа за извршување на буџетот на општината е одговорен Градоначалникот на Општината , кој е и потписник на сметката на буџетот на општината или во негово отсуство, од него две овластени лица вработени во општинската администрација.[4]

Наводи

уреди
  1. Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, Службен весник на Република Македонија бр. 55/04; 12/05; 98/08; 106/08; 149/14.)
  2. 2,0 2,1 Здружение на финансиски работници за локална самоуправа и јавни претпријатија (2005), Прирачник за подготовка на општински буџет, Скопје, стр. 40.
  3. Закон за локална самоуправа, Службен весник на Република Македонија, бр.05/2002.
  4. USAID - Ефикасно финансиско управување со општините (2012). Прирачник за извршување на буџети, стр. 4.