Чупино

врв на планината Плачковица
(Пренасочено од Чупино Брдо (Плачковица))

Чупино (на топографски карти: Чупино Брдо) — врв на планината Плачковица со висина од 1.725 м. Врвот се издига во источниот дел од планината, каде што се и врвовите Лисец (1.754 м), Бел Камен (1.707 м) и Кара Тепе (1.625 м).[1]

Чупино
Поглед на Чупино од врвот Бел Камен (1.707 м)
Највисока точка
Надм. вис.1.725 м
Координати41°48′29″N 22°33′39″E / 41.80806° СГШ; 22.56083° ИГД / 41.80806; 22.56083
Географија
Чупино на карта

Карта

Матичен венецПлачковица
Искачување
Прво освојувањенепознато
Најлесен патЛипец/Блатец — Чупино

Географија уреди

 
Поглед на врвот Чупино на Плачковица од Виничко Кале

Во непосредната околина југозападно од врвот, на надморска висина од околу 1.400 метри[2], се наоѓаат изворите на Виничка Река. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896, за врвот Чупино запишал дека е главен врв на Плачковица, којшто се издигнува на југ од селото Блатец и Виница во највисокиот дел на веригата, имено таму, каде што таа го носи името Плачковица[3]. Над тука широкиот гребен на веригата се издигнува како гол карпест и не особено висок сврдел, којшто се гледа од цело Кочанско[3].

Правци за искачување уреди

Најлесно е искачувањето на врвот од северната страна, почнувајќи од селото Липец или од селото Блатец.

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, Ѓорче Петров го опишува и дава податоци за искачувањето на врвот Чупино, како и глетката што се пружа од него, при што запишал:

За него бев чул, дека е висок и интересен врв според својот облик, та оттука се роди кај мене силна желба да се искачам на него. За исполнување на таа желба погоден миг пронајдов, кога бев во с. Блатец, кое што е расположено на самите поли на Плачковица под врвот.

На самиот ден Богородица тргнавме од селото за Чупино 5 -6 души. Од селото за врвот водат два патишта: едниот по Блатешница и после по еден мал поток, а другиот од страна по сртот, десно од селото. Првиот е пократок, затоа што врви на пресека, но тој е стрмен, што по него не може да се движи добитокот, а вториот е подалечен но е позгоден за движење. Бидејќи главната цел на нашето друштво ни беше прошетката, ние го претпочитавме вториот пат, по којшто одат дрварите за во планината. Од селото нагоре врвевме прво по стрмно, голо, каменесто и карпесто место, кое што е покриено со раздробен полски шпат. По еден час по таков предел се искачивме горе на една тумба, каде што седнавме да одмориме. Видикот кој ни се откриваше од тука, беше уште тесен – пред нас ја имавме голата падина на Осогово, на десно Голак кој сѐ уште ни го закриваше Малеш од очите, а под нозете ни се распостилаа налегнатите поли на Плачковица испресечени со долишта. Преку нив окото ни се фрлаше на едно бело-зелено вдлабнатинче сред голините – тоа е долината на Осојница. А зад нас преку една темнозелена корија се издигнуваше врвот Чупино – целта на нашето патување. Падината почна да станува поналегната и патувањето ни стана позгодно; крај патот се покажаа високи грмушки кои не чуваа од сончевиот припек – беше веќе пладне. Долот на еден поток, кој е сред густа корија, не одведе до основата на високиот врв, Тука во една зелена вдлабнатина, во чиј долен крај започнува долот на потокот, седнавме да се одмориме. Восхитувачка беше таа мала рамнина: од секаде имавме густа корија, составена од брестови дрвја со шуми под нив, меѓу огранките на коишто се проѕирка карпестиот врв Чупино. Гребенот којшто се испушта од Чупино и го соединува со други сртови и врвови, Осогово, Чупино коишто сами по себе имаат непријатен изглед погледнати оттука даваа особено шаренило на глетката. Среде тоа имавме зелено рамниште покриено со шарена покривка од разновидни миризливи треви и цвеќиња. Горешливото јулско сонце, кое што проѕиркаше низ шумата, придаваше особена пријатност на глетката и наместо горештина носеше свеж воздух, кој и без тоа беше пријатен. Бучењето на реката е пријатна побудителна музика во тоа таинствено место. Буквално тоа беше дел од градината во божјиот рај. На многу места по Плачковица има такви природни градники, во почетокот на малите потоци, во коишто градинки се блатешките воловарчиња, со своите мали, но дебели и пргави волови. Со жал се простивме од тоа градинче и со изворчето крај него и продолживме нагоре. Чупино беше така близу до нас, што ни се чинеше дека со еден скок ќе се качиме врз него; но наместо еден скок, нас ни требаше да врвиме еден час, ддодека да стигнеме на самиот срт. Половина час одевме низ густа корија, од која што не се гледаше небото, ¼ час низ слидести карпи на гребенот и ¼ час по мазни места покриени со трева – така го изозевме тој дел од патот. Една карпа со пречник од неколку метри беше највисоката точка на врвот. Ние се качивме на таа карпа и веќе бевме господари на многу простран и разновиден, на глед, видик. Право пред нас од северната страна беше Осоговската верига во целата своја величина, чиешто било се издигнуваше повисоко од нас; височините по падините коишто ги гедавме од полето, се беа издлабиле и тој изгледаше како налегната, мазна и гола стена, која што бавно се спушташе кон полето распостилано под нашите нозе. На југ погледот ни се губеше во синилаото на Асанлија и Момина Чешма, коишто не ни даваа да го видиме Радовишко. Од источната страна ниско под нас беше Голак кој имаше изглед на плоснат рид со опашка. Преградата на Голак ние многу ја надвишивме и цело Малешевско и Пијанечко беа пред нас во вид на едно големо корито, заградено со рапави и испресечени височини, преку кои во далечното синило уште по на исток се гледаше една голема сина височина – Балканот или Рила, кој знае која беше. Откај запад погледот слободно ни паѓаше на Овчеполијата и над Скопското Поле и се сопираше дури на тесната и сина на изглед шарска стена. Буковиќ и Плавица ни го сокриваа Кумановско од погледот. Ја изнагледавме таа глетка, поразговаравме со 2 овчари Власи, коишто ги најдовме мрзливо легнати на тревата по врвот, обиколени од својата верна придружба од 5-6 кучињаа и тргнавме назад. Одењето и враќањето, ако не ги сметаме одморите, ни фатија 4 ½ часа.[3]

Ѓорче Петров, „Материјали по изучувањето на Македонија“, 1896

Предание за настанокот на името Чупино уреди

Месното население и постарата литература [4][5] врвот го нарекува само Чупино, додека во поновите воени и катастарски топографски карти врвот се сретнува под името Чупино Брдо, слично на истоимениот врв и огранка на планината Билино во североисточна Македонија.

Според предание на мештаните од Блатец и потплачковичките села и Виница, името на врвот Чупино настанало по една случка кога локалниот бег сакал да граби и да ја земе во сарајот некоја многу убава девојка - „чупа“ од Блатец, кое во тоа време било претежно населено со турско население[6]. Убавата чупа не сакајќи да биде грабната и однесена во сарајот, побегнала во шумите на планината Плачковица каде повеќе денови се криела од турската потера. Криејќи се повеќе денови таа низ шумите достигнала до самиот врв на карпестиот предел, каде починала (од глад или премореност) поради што месното население во нејзина чест врвот и целиот предел наоколу го нарекол Чупино.

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. М., И.. „Плачковица — планина која треба да се посети и доживее!“, Игеографија, 24 март 2012.
  2. „Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност)“ (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. 2016. стр. 114. Посетено на 16 јануари 2024.
  3. 3,0 3,1 3,2 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 122–123. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София.
  5. Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина - сеоска насеља и становништво (српски). Скопје: Филозофски факултет. стр. 111–112.
  6. Според кажување на Доне Арсов од Виница, забележано од Марио Шаревски на 15.04.2018

Надворешни врски уреди