Костадин Трпков – Буфски — македонски револуционер и деец на македонското национално-ослободително движење.

Костадин Трпков - Буфски
Роден помеѓу 1815 и 1820
Буф, денес Грција
Починал околу 1897
Ќустендил


Документи на Привремената влада на Македонија: Протоколно решение, Писмо до рускиот конзул во Солун и Апелот на привремената влада

Животопис уреди

Роден во леринското село Буф. Од млади години се посветил на ослободителното дело, поради коешто е приведен од турските власти уште во 1862 година и лежел во затворите во Битола и Солун околу 15 години. Како свештеник во родното си село Буф – иницијатор за отворање на славјанско училиште. Учествувал во кресненско-разлошкото Македонско востание во 1878 година, како раководител.[1][2]

По неуспехот на востанието, во април 1880 година кај месноста Гремен теќе (Острово) се сретнале четите на Костадин Буфски и Леонидас Вулгарис (полугрцизиран Македонец, којшто претходно учествувал и во грчкото национал-револуционерно движење и борба против отоманскиот јарем) и констатирале дека „за тоа, Македонија сè уште да е под турско, најголема вина носат Грците, Бугарите и Србите”. Според нив „иднината на Македонија е во создавањето на самостојна македонска држава”. По нивна иницијатива од 1 мај до 2 јуни 1880 г. Имало уште еден собир повторно во Гремен теќе, со 32 делегати, претставници на македонскиот, влашкиот и албанскиот народ (немало само од турската народност) и било одржано Националното собрание на Македонија, на коешто се формирала Привремена влада на Македонија - Единство, за водење на ослободителната војна без вмешување на Србија, Грција и Бугарија). Таа Привремена влада со потпис на претседателот Васил Симон (во некои документи се сретнува и под името Васил Чомо) и членовите Анастас Димитрович и Али Ефенди испратило решение до потпишувачите на Берлинскиот конгрес со молба “…великите сили да се заземат пред Високата порта за исполненување на член 23 од Берлинскиот конгрес по однос на граѓанските права на македонското население. Акo Високата порта не направи ништо, Владата на Македонија ќе го поведе македонскиот народ на оружје со паролата „Македонија на Македонците, за возрождение на Древна Македонија!”. Во Манифестот на Владата, до „вистинските Македонци, верни на татковината”, се вели: „Дали ќе трпите нашата мила земја да пропадне? Видете ја како е покриена со ропство и рани, коишто ѝ ги направија соседните народи. Видете ги нејзините тешки синџири, коишто ги произведува султанот. Наоѓајќи се во таква немоќ и гледајќи ја целата расплакана, нашата мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: Вие, коишто сте мои верни деца; вие, коишто по Аристотел и Александар Велики сте мои наследници; вие, в чиишто жили тече македонска крв, не ме оставајте да умрам, помогнете ми. Каква тажна глетка за вас, вистинските Македонци, тоа ќе биде, ако станете очевидци на моето погребение. Не, не, ете ги моите крвави грозни рани, ете ги моите тешки синџири: скршете ги, излекувајте ги моите рани; напишете на знамето, коешто ќе го подигнам: „Единствена и обединета Македонија!”

Истовремено се вклучила и македонската емиграција во Бугарија, составена од учесници во Македонското востание и во Руско-турската војна. Така здружени 1 800 души донелер решение борбата да продолжи до конечното ослободување на Македонија. Под девизата „Слобода за Македонија или смрт!” била формирана Македонска лига. Таа се заложила за политичко ослободување на Македонија и за создавање на македонска држава. Организирале сопствена войска и привремена управа на Македонија како највисоко законодавно тело, изработиле Органички устав на Македонија, во којшто бил разработен статутот на идната македонска држава. Уставот, кој имал 103 члена, предвидувал политичка и културна автономија на Македонија. Според него Македонија и понатаму требало да остане во турската империја, но да има статут на федерална единица. Границите на идната македонска држава би ги опфатиле границите на трите македонски вилаети: Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот (без Косово и Метохия). Како правно-политички документ овој устав претставува јасна програма за борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за создавање на сопствена држава врз правни принципи. Со уставно-правните решенија на политичките односи во Македонија документот аргументирано ја докажува зрелоста, автентичноста и принципелноста на македонското револуционо и националноослободително движење во осумдесеттите години на ХІХ век.

Наводи уреди

  1. „Весник „Народна Волја": ПЪТЯТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ПРЕЗ ВЕКОВЕТЕ“. Архивирано од изворникот на 2014-08-12. Посетено на 2013-11-01.
  2. Светомир Шкариќ, „Уставот за идното државно уредување на Македонија од 1880 година”