Привремена влада на Македонија - Единство

Привремената влада на Македонија - Единство е политичка институција на народот во Македонија. Владата била создадена 1880 година во Гремен (Островско) и требало да ги застапува интересите на сите Македонци без разлика на нивната вера и народност, пред Големите сили. Таа се залагала за Автономна Македонија, но и за создавање на македонска самостојна држава.[1] Владата дејствувала до 1881 година, кога нејзината работа замрела.[2]

Причини за појава

уреди
 
Документи на Привремената влада на Македонија: Протоколно решение, Писмо до рускиот конзул во Солун и Апелот на привремената влада

Романскиот конзул од Солун дава четири гледишта за појавата на Привремената влада кој биле распространети меѓу конзулите во Солун. Според првото гледиште Владата била творба на Русија, со цел да се крене востание во Македонија, да се создаде Автономна Македонија со престолнина во Солун и на тој начин да се спречи Австрија да излезе на Егејското Море. Според второто гледиште Владата била творба на Грција со цел полесно присоединување на Епир и Тесалија кон грчката држава и создавање на услови за подоцнежно освојување и на Македонија. Според третото гледиште владата била создадена од Отоманското Царство со цел да се спречи Грција да ги заземе Епир, Тесалија и Македонија. Четвртото гледиште е ставот и на самиот романски конзул и според него, творец на Привремената влада на Македонија - Единство е самиот македонски народ кој бил незадоволен од општата состојба и од останувањето на Македонија под турска власт.[3]

Врз основа на овие гледишта како и други изворни документи постојат полемики во историската наука за причините за појавата на привремената влада, од своја страна пак најголемиот дел од македонските историчари го прифаќаат гледиштето дека влада е формирана од страна на македонскиот народ кој бил незадоволен од својата положба.[4]

Народното собрание во Гремен

уреди

Од 21 мај до 2 јуни 1880 година во Грамос се собрале 32 делегати, претставници на македонската, албанската, влашката и српската народност. Националното собрание ја разгледала програмата на војводите Леонидас Вулгарис и Константин Буфски и одлучиле дека треба да се преземат мерки за остварување на национална цел на Македонија. Собранието најпрво заклучило дека:

Македонија со векови страдала од турскиот тимарско-спахиски систем, а потоа од чифлигарскиот систем и дека нема услови по мирен пат да се ослободи од турската власт. Македонија етнички е расцепкана на Македонци, Грци, Албанци, Власи и Турци, меѓу кои е создадено непријателство поради политички цели на одделни држави. Соседните балкански држави го уриваат националното единство на Македонците со своите верско - национални пропаганди и Македонците ги прават анонимни пред европското јавно мислење. Отстранувањето на изнесените причини е единствен излез Македонија да се ослободи од турското ропство.[1]


Собранието заклучило дека членот 23 од Берлинскиот конгрес не се спроведува од страна на турските власти и затоа биле донесени следните решенија:

1. Најнапред да се стави до знаење на Високата порта преку главниот управител (Валијата) на Македонија, дека македонскиот народ бара побрза примена на член 23 од Берлинскиот конгрес и донесување на Органски устав со учество и на македонски претставници 2. Решението на Националното собрание да се достави до сите претставници на големите сили во Македонија - потписнички на Берлинскиот конгрес, со молба, Големите сили да се застапат кај Високата порта за примена на членот 23 од Берлинскиот конгрес 3. Доколку Високата порта ја одбие примената на членот 23 од Берлинскиот конгрес, Националното собрание ќе го повика македонскиот народ на оружје со паролата - Македонија на Македонците, за востановување на древна Македонија 4. Националното собрание одлучи и избра од своите редови Привремена влада на Македонија - Единство, во која се застапени претставници на народностите што ја населуваат Македонија.[5]


Со решението на Народното собрание била формирана Привремената влада на Македонија - Единство и во неа влегле: Претседател - Васил Симон и двајца членови Анастас Димитровиќ и Али Ефенди кој бил Албанец. Владата во овој состав имала задача да ги претстават барањата на собранието пред големите сили.

Дејност

уреди

Во јули 1880 година Владата ги претставила барањата на Собранието пред солунските конзули, барањето било потпишано од Васил Симеон, Анастас Димитровиќ, Али Ефенди, а било предадено и протоколното решение на Националното собрание кое било потпишано од 32 делегати и претседателот на собранието Стефо Николов.

На 23 март 1881 година во Ќустендил, Привремената влада објавила манифест во кој меѓу другото се истакнува дека:

...Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја освојат нашата татковина и да го уништат нашиот народ, кој, блескајќи со таква светлина, никогаш нема да биде уништен. Нашата мајка Македонија стана како вдовица, осамотена и напуштена од нејзините синови. Не го вее знамето што го вееше победоносната македонска војска. Денеска е само географски поим. Како некој да се обидува да ја прикрие нејзината победоносна природа со прекривката на заборавот. Гробот ѝ го ископаа натрапници кои сноват низ нашата земја и ја троват со смртоносни отрови. Тие натрапници се гробарите на нашата велика и славна татковина, тие се договараат како да ја распарчат и да ја препуштат на победничките војски на Австроунгарија. Ако еден јарем се замени со друг, обновувањето на Македонија ќе стане невозможно и нашиот народ ќе биде збришан. Овој момент е клучен за Македонија; ова е прашање на живот или смрт...[6]


За решавање на македонското прашање, Привремената влада имала две варијанти. Првата варијанта претставувала Автономија на Македонија во рамките на Отоманското Царство и тоа преку реализација на членот 23 од Берлинскиот конгрес, втората варијанта предвидувала доколку не се реализира споменатиот член 23 да се крене востание во Македонија и да се создаде самостојна и независна македонска држава. Според втората варијанта, самостојна македонска држава се поврзувала со воспоставувањето на древна Македонија, и од тука произлегле неколку полемики помеѓу историчарите, зошто Народното собрание и Привремената влада на Македонија - Единство иднината на идната самостојна држава ја поврзале со Античка Македонија на Аристотел и Александар. Еден дел од историчарите во ваквата формулација гледаат влијание на грчката пропаганда, но најверојатно е дека дејците на Привремената влада биле под влијание на романтичарскиот занес.[1]

Влијанието на Привремената влада на Македонија - Единство

уреди

Владата не успеала да повлијае врз странските конзули во Македонија, а оттука и врз големите сили, од друга страна пак условите за кревање на едно востание не биле погодни и затоа владата се откажала од идејата за востание и продолжила со својата четничка организација. Владата немала своја сопствена организација и војска, била во контакти со одделни чети и војводи, но тие не биле доволни за кревање на едно општо внатрешно востание. Владата повеќе претставувала израз на Македонци кои биле незадоволни од состојбата во Македонија. Владата немајќи свој сопствени сили и првенствено дисциплинирана организација постепено згаснала, но силно влијаела врз понатамошниот развој на македонското националноослободително дело и во развојот на македонскиот национален индивидуалитет.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1220-1221 стр.
  3. Љ. Лапе, Одбрани текстови... втор дел, 254-253.
  4. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски факултет.
  5. Ibid. Pol. archiv XXXVIII. Konsulat Salonich. Karton 235. Izv. No 86 rez. Salonich 28.VII.1880. Прилог: 2 документи на Привремената влада на Македонија
  6. „Манифест на Привремената Влада на Македонија“ во „Македонската лига и Уставот за државно уредување на Македонија од 1880“, Скопје, 1985, 356 стр.

Надворешни врски

уреди