Кокино (наоѓалиште)
Кокино — мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“, а името го добила по блиското истоимено село.
Местоположба
уредиОпсерваторијата Кокино се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија. Таа е поставена на врвот „Татиќев Камен“, на надморска висина од 1.030 метри. Таа датира од 1800 г. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5.000 квадратни метри.[1]
Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.
Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамноденица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците - на 21 март и на 21 септември — изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени.[1]
Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.
Според наодите на археолозите, на наоѓалиштето Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. Во наоѓалиштето има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на наоѓалиштето пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири итн.).
Истражувања
уредиОпсерваторијата е откриена случајно во 2001 год. од страна на Јовица Станковски, а кон крајот на 2001 година биле започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово.[2] Истражувањата продолжиле во 2002 година, а првите астрономски мерења биле извршени во текот на летото и есента истата година. Најновите астрономски истражувања покажале дека од оваа опсерваторија биле набљудувани: ѕвездата Алдебаран, групата Плејади, како и Сонцето при пролетната и есенската рамноденица.[3]
Просторна поставеност
уредиНаоѓалиштето е сложено и содржи елементи кои се видливи, но и такви кои не се лесно забележливи за посетителот. На врвот од ридот се забележува човечка интервенција во елементите што се дел од ова наоѓалиште. Се забележуваат две рамни платформи: горна и долна платформа, каде на средината се издлабени неколку седишта или престоли, поставени во правец север-југ.[4] Дваесет метри југоисточно од седиштата има мала платформа, наречена астрономска платформа, која не е целосно зачувана, а која се користела за набљудување на движењето на Сонцето и Месечината. До неа се стигнува преку стрмен премин, наречен „премин на стариот астроном“, кој е издлабен во југоисточната карпа. Втората астрономска платформа е псотавена на западниот периметар на вештачки измазнетата тераса, што се наоѓа на северната страна. Овде се пронајдени најголем дел од археолошките артефакти. Целиот простор бил опкружен со ѕид широк 1,20 метри, чија функција била да се обележи светото место, како и да се оддели од останатиот простор каде не се вршеле обредни церемонии.[5]
Артефакти
уредиКако резултат на истражувањата спроведени во ова наоѓалиште, пронајдени се над 500 килограми керамички садови, кои датираат од Бронзено доба, од 2000 г. п.н.е. до 1200 г. п.н.е., а кои биле донесени во чест на Големата Мајка.[6] Пронајдени се керамички садови, цели и во фрагменти, храна, тегови, вретена, врвови од копја, калапи за копчиња, калапи за врв на копје, шила, стрели, ножеви, игли, бронзени секири, приврзоци, керамички фигури, и друго.
Набљудување на небото
уредиНабљудувањето на сонцето, месечината ѕвездите и соѕвездијата е најинтересниот сегмент на ова наоѓалиште, кои биле вршени за целите на земјоделските активности. Од Кокино може да се одредат зимската краткодневица, летната долгодневица, како и пролетната и есенската рамноденица. За таа цел бил создаден примитивен, но прецизен календар. Во Кокино има три камени маркери кои го покажуваат изгрејсонцето: еден маркер за летната долгодневица, еден маркер за зимската краткодневица, и еден маркер за пролетната и есенската рамноденица. Најдобро зачуван е маркерот за летната долгодневица. Археолошките и астрономските анализи на маркерот за летната долгодневица, земајќи ја предвид таканаречената прецесија, го датираат создавањето на маркерот, а според тоа и на целата опсерваторија, во 19 век п.н.е.[6]
Лево и десно од маркерот за сончевата долгодневица се поставени два маркери за појавувањето на полната месечина: од левата страна е маркерот за зима, кога Месечината има максимална деклинација, а десно е поставен маркерот за Полната Месечина со најмала деклинација во зима, односно кога е најниско на небото. Исто така, поставени се два месечеви маркери лево и десно од маркерот за сончевата краткодневица, кои ја покажуваат Полната Месечина во лето, со најголема и најмала деклинација.[7] Постојат индикации дека од Кокино можеле да се предвидат сончевите и месечевите затемнувања, исто така.
Што се однесува до набљудувањето на Плејадите и ѕвездата Алдебаран, на третата платформа се поставени маркери преку кои се гледале четири позиции на Алдебаран во периодот од 1900 до 1500 година п.н.е.[8]
Кокино како светска атракција
уредиМегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу античките опсерватории во светот. Во 2005 година, американската вселенска агенција НАСА го вклучува Кокино на картата на 15 антички опсерватории заедно со Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија, Ангкор Ват во Камбоџа, Мачу Пикчу во Перу и други.[1][9]
Галерија
уреди-
На Кокино
-
Поглед на Кокино
-
Поглед на Кокино
-
Изгрејсонце на Кокино
-
Поглед на опсерваторијата од селото Арбанашко
-
Поглед на Кокино од селото Арбанашко
-
Поглед на Кокино
-
Поглед на Кокино
- Поглед на соѕвездија на Кокино
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 "Мегалитска опсерваторија Кокино", Економија и бизнис, год. 16. бр. 179, мај 2013, стр. 84.
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 11
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 12
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 8
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 9
- ↑ 6,0 6,1 Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 13
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 22
- ↑ Јовица Станковски: Kokino - A Holy моuntain and an observatory for 4000 years, Скопје 2018, Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство, стр. 24
- ↑ Ancient Observatories - Timeless Knowledge Архивирано на 28 октомври 2012 г., NASA.
Надворешни врски
уреди„Кокино (наоѓалиште)“ на Ризницата ? |
- Официјална страница за опсерваторијата Кокино (македонски) (англиски)
- Археоастрономија, Македонско истражувачко друштво Архивирано на 23 мај 2011 г.
- Мегалитска опсерваторија Кокино Архивирано на 6 јуни 2007 г. (англиски)