Ило Костов - Крумо (17 јуни 1921 во Ваташа13 јуни 1943 во Фариш) — македонски партизан, учесник во Народноослободителната војска на Македонија.[1]

Ило Костов
Роден 17 јуни, 1921 година
Ваташа
Починал 13 јуни 1943 година
Фариш
Стрелан од бугарскиот фашистички окупатор
Националност Македонец

Животопис

уреди

Потекнувал од занаетчиско семејство, и веднаш по завршувањето на основното училиште се вработил на занаетот на неговиот татко како шеќерџија. Во редовите на скоевската организација се вклучил уште во текот на 1941 година како дваесет годишно момче, во ќелијата со која раководел Мито Хаџи Василев Јасмин. Неговата куќа преставувала собиралиште на напредната младина од Ваташа и Кавадарци.[1]

На Илинден 1941 година во неговата куќа се собрала една голема група на скоевци и членови на партијата, кои на достоинствен начин со патриотски песни го одбележале овој национален празник на македонскиот народ. Во 1942 година бил примен за член на КП, а од почетокот на 1943 година е член на една партиска десетина која имала за задача да прибира и складира оружје и воен материјал, да организира бази за идниот партизански одред, обезбедувал прифаќање и сместување на илегалци.[1]

Во почетокот на мај 1943 година Ило Костов излегува во партизанскиот одред „Добри Даскалов”, каде го добил партизанското име Крумо. Во времето на јунската офанзива, преземена од страна на бугарскиот окупатор со цел да ги уништи одредите „Добри Даскалов” и „Сава Михајлов” во реонот на Никодин е нападнат одредот од поголема бугарска војска. Со цел да се извлече од опсадата одредот се разделил на помали групи. Во една таква група која се обидела да ја премине реката Црна кај селото Возарци бил фатен Ило Костов од страна на бугарските фашисти и стрелан на 13 јуни 1943 година во близината на селото Фариш.[1]

Една улица во Кавадарци е именувана по него.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 416–417. ISBN 978-608-4621-04-1.
  2. „Со реконструкција на фекалната канализација на улицата „Галишка" се решава долгогодишен проблем“. makpress.mk. 4 април 2023.