Проф. д-р Зоран Десподов, дипл. руд. инж., е роден на: 18.09.1965 год. во општина Делчево. Основно образование завршил во родното место, а општа гимназија во Делчево. Дипломирал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“Скопје, на рударскиот оддел, во мај 1990 год., со просечен успех 8,51 и бил прогласен за најдобар студент во генерацијата. Во февруари 1991 год. се вработил на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, како соработник-помлад асистент по предметите: Технологија на подземна експлоатација и Подземен транспорт и извоз. Во декември 1996 год. магистрирал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, на тема: Избор на оптимални параметри на локомотивскиот транспорт на главните хоризонти во рудниците за олово и цинк: Злетово, Саса и Тораница, под менторство на проф. д-р Милош Грујиќ. Во јуни 1998 год. во рамките на подготовките за изработка на докторска дисертација, бил на студиски престој во траење од 20 дена во Институтот за рударска механизација, Политехнички универзитет Шлеска, во Гливице, Р.Полска. На 19 јуни 2002 год. на Рударско-геолошкиот факултет во Штип докторирал на тема: Одредување на оптимални параметри на лентестите транспортери за нивна примена во рудниците за метални минерални суровини со подземна експлоатација во Р Македонија, и се стекнал со научна титула доктор на технички науки. Докторската дисертација ја работел под менторство на проф.д-р Милош Грујиќ. Со Одлука од 22.11.2002 г. донесена од Наставно-научниот совет при Рударско-геолошкиот факултет во Штип бил избран во наставно звање доцент по предметот Руднички транспорт. Во 2007 г. од страна на Наставно-научниот совет на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, бил избран во наставно звање вонреден професор по наставната дисциплина Руднички транспорт. Од септември 2007 год. е вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, при Факултетот за рударство, геологија и политехника, а денес Факултет за природни и технички науки, и работи како наставник[1] кој е ангажиран на студии од прв, втор и трет циклус, каде што на судиската програма Рударство[2] ги покрива наставните дисциплини: Транспорт на минерални суровини 1 и 2, Рударски извозни постројки, Технологија на подземна експлоатација, а исто така постојано е ангажиран како наставник и на студиските програми: Индустриска логистика, Индустриски менаџмент и Инженерство на работна и животна средина. Две учебни години бил ангажиран како наставник и на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде ја предавал наставната дисциплина Логистички менаџмент. Со Одлука, донесена од страна на Универзитетскиот сенат при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, бил избран во наставно звање редовен професор за наставно-научната област Транспортни и извозни постројки на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Наставно-образовна дејност

Од октомври 2002 год. проф. д-р Зоран Десподов успешно ја изведувал и организирал наставата на Рударскиот одсек, по предметите: Руднички транспорт, Технологија на подземна експлоатација, Рударски извозни постројки и група предмети од модулот – Подземна експлоатација на минерални суровини, кои се изучуваат на Катедрата за подземна експлоатација[3]. Потоа, од 2007 год. до денес ја изведува и наставата на студиската програма Логистика, по следниве предмети: Теорија на информации, Теорија на одлучување, Теорија на системи 1 и 2, Дизајн на логистички системи и Производен менаџмент[4]. Бил ментор на една одбранета докторска дисертација, четири магистерски труда, голем број дипломски трудови, а исто така, како претседател или член учествувал во испитни комисии за одбрана на докторат, магистратури и дипломски работи, како и рецензентски комисии за избор на наставници и соработници. Учествувал во работни комисии за изготвување на нови студиски програми, потоа во комисии за запишување на студенти и други комисии за разгледување на наставни прашања. Автор е на поголем број интерни скрипти, и соавтор на учебникот Рударски извозни постројки, издаден од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Исто така бил и рецензент на учебници од областа на рударството.

Научно-истражувачка дејност

Во текот на својата работна кариера проф.д-р Зоран Десподов исклучително време и посветува на научно-истражувачката работа. Добиените резултати од научните истражувања и достигнувања преку научни трудови ги презентирал на реномирани странски и домашни научни собири, каде што во поголем број од нив бил и член на научните и организациони одбори, како и работните претседателства. Одреден број на научни трудови ги објавил во следниве меѓународни научни списанија: Acta Montanistica Slovaca, International Journal of Civil Engineering and Building Materials, Transport i logistisika, Подземни радови, како и во домашното списание Природни ресурси и технологии. Учествувал во работата на неколку научно-истражувачки проекти финансирани од страна на Министерството за образование и наука при Владата на Р.Македонија. Како експерт од областа на рударството бил ангажиран од страна на Министерството за наука и технолошки развој на Р.Србија за рецензент на предлог-научно истражувачки проект. Член е на уредувачкиот одбор на научното списание Природни ресурси и технологии кое го публикува Факултетот за природни и технички науки при УГД - Штип, како и научното списание Подземни радови кое го публикува Рударско-геолошкиот факултет, Универзитет во Белград, Р.Србија[5].

Стручно-апликативна и организациско развојна дејност

На стручен план голем е неговиот придонес во изработка на апликативни проекти за рудниците со подземна експлоатација на металични минерални суровини, во форма на главни рударски проекти, дополнителни рударски проекти, студии и елаборати, каде посебно би го истакнале неговото ангажирање во рудникот за производство на оловно-цинкова руда „Саса” од М.Каменица. За посебниот придонес и квалитетната соработка со рудникот „Саса”, Катедрата за подземна експлоатација при ФПТН, под негово раководство има добиено Благодарница од страна на рудникот по повод петтгодишниот јубилеј од неговото рестартирање. Меѓутоа, проф.д-р Зоран Десподов активно работел и на истражувањата во врска со експлоатацијата на неметалните минерални суровини. Постојано бил присутен со свои трудови на научни и стручни собири посветени на експлоатацијата на јаглените во Р.Македонија и пошироко. Тој бил ангажиран во изработката на Физибилити студијата за почеток за експлоатација на јаглен од јагленовото наоѓалиште „Неготино” - Неготино, финансирана од Министерството за економија при Владата на Р.Македонија, и тоа како главен проектант за подземна експлоатација.

Четири пати бил избиран за потпреседател на Стручното советување со меѓународно учество ПОДЕКС, во организација на Сојузот на рударски и геолошки инженери на Македонија (СРГИМ) и Факултетот за природни и технички науки, УГД - Штип, каде активно учествувал и со стручни трудови. Исто така, бил главен и одговорен уредник на Зборникот на трудови презентирани на ПОДЕКС.

Активно учествувал со научни и стручни трудови во информативно-стручната ревија Македонско рударство и геологија публикувана од СРГИМ, каде што е член на издавачкиот и редакцискиот совет. Од страна на Институтот за акредитација на Р.Македонија (ИАРМ) е ангажиран како технички експерт - оценувач на инспекциски тела за рударска опрема. Посетувал семинар во рамките на европскиот проект - Техничка помош за зајакнување на капацитетите на ИАРМ, за имплементација на стандардот ISO/IEC 17020:2004, кој успешно го завршил. Во текот на неговата работна кариера извршувал и денес извршува одредени функции во рамките на Факултетот за природни и технички науки при УГД во Штип. Во два последователни мандати бил избран за Раководител на Катедрата за подземна експлоатација при ФПТН, а како претставник од ФПТН еден мандат бил член на Универзитетскиот сенат, во чија работа успешно учествувал. Моментно ја обавува функцијата Декан на Факултетот за природни и технички науки при УГД - Штип[6].

Наводи

уреди
  1. „Официјално мрежно место на ФПТН - „Наставници". Архивирано од изворникот на 2013-10-03. Посетено на 2013-05-29.
  2. „Судиска програма „Рударство". Архивирано од изворникот на 2013-10-22. Посетено на 2013-05-29.
  3. „Факултет за природни и технички науки - Катедри“. Архивирано од изворникот на 2013-06-30. Посетено на 2013-05-29.
  4. „Факултет за природни и технички науки - Прв циклус“. Архивирано од изворникот на 2013-03-30. Посетено на 2013-05-29.
  5. Објавени научни и стручни трудови, проекти и конференции
  6. „Факултет за природни и технички науки - За факултетот“. Архивирано од изворникот на 2013-09-06. Посетено на 2013-05-29.

Надворешни врски

уреди