Антоан де Сент Егзипери

(Пренасочено од Егзипери)

Антоан Мари Роже де Сент-Егзипери (француски: Antoine de Saint Exupéry; 29 јуни 1900, Лион, Франција — 31 јули 1944) — бил француски писател, поет, воздухопловец и репортер. Тој е најпознат по романот „Малиот принц“, објавен во Њујорк во 1943 година, заедно со неговите лични цртежи, а во 1946 година бил објавен во Франција. Оваа книга напишана за „возрасните кои заборавиле дека некогаш биле деца“ набргу постигнала светски успех.

Антоан де Сент-Егзипери
Antoine de Saint Exupéry
Роден/а29 јуни 1900(1900-06-29)
Лион, Франција
Починат/аверојатно 31 јули 1944(1944-07-31) (возр. 44)
Во морето јужно од Марсеј, Франција
Занимањевоздухопловец, писател
НационалностФранцузин
Период1929-1948 (посмртно)
ЖанрАвтобиографија, детска и уметничка литература
Значајни делаЈужна пошта
Ноќен лет
Малиот принц
Сопруг/аКонзуела де Сент-Егзипери (од 1931.)

Животопис

уреди

Младост и рана кариера

уреди
 
Родното место на Сент-Егзипери, на улицата сега именува по него.

Сент-Егзипери е роден во Лион во благородничко католичко семејство, чија лоза била стара неколку векови. Тој бил третото од петте деца на грофицата Мари де Фонкломб и грофот Жан де Сент-Егзипери[1] Татко му, извршител во осигурителна компанија, умрел од мозочен удар на возраст од 41 година. Смртта влијаела врз целото семејство, преобразувајќи го во семејство на „осиромашени благородници“.[2]

Сент-Егзипери имал три сестри и помал брат, Франсоа, кој умрел на 15-годишна возраст од ревматска треска, која ја префатил додека двајцата биле во Фробург, Швајцарија, за време на Првата светска војна. Сент-Егзипери бил постојано покрај брат му, а подоцна напишал дека Франсоа „...во еден момент стана неподвижен. Не ни плачеше. Падна нежно како младо дрвце“, слика која подоцна била искористена во последната сцена на „Малиот принц“. На 17-годишна возраст, како единствениот маж во семејството, младиот Сент-Егзипери бил погоден од смртта на брат му еднакво колку и мајка му и сестрите, па набргу ја презел улогата на заштитник и утешител на семејството.[3]

Уште во детството, Сент Егзипери се интересирал за техниката, иако во училиштето не се одликувал со голем успех. Истовремено, тој почнал да пишува стихови, а мајка му била неговата прва читателка и критичарка. Воопшто, таа извршила големо влијание во неговиот живот: таа му ја всадила љубовта кон книгата, народните приказни, музиката и сликарството.[4] По матурирањето во 1917 година, тој двапати по ред паднал на приемниот испит на морнаричката академија (според некои, намерно), по што се запишал на школата за убави уметности, како слободен слушател, каде студирал архитектура во текот на 15 месеци, но не дипломирал, поради што почнал да прифаќа секакви работни места. Во 1921 година, Сент-Егзипери започнал со воена служба како војник од најнизок ранг во француската коњаница и набргу бил пратен во мало гратче близу Стразбур.[5] Во тој период почнал да зема приватни часови по летање, а следната година му било понудено да биде префрлен од француската војска во француските воздушни сили. Се здобил со дозвола за летање откако бил на воена мисија во Казабланка, Мароко. По некое време бил префрлен близу Париз, каде го доживеал првиот од многуте падови со авион. Сент-Егзипери ги послушал советите на семејството и неговата свршеница, идната писателка Луиз де Вилморан, и ги напуштил воените воздушни сили за канцелариска работа. По кратко време, Луиз и Сент-Егзипери раскинале, а тој сменил неколку работни места, кои не му донеле значителен успех, ниту големо задоволство.

Веќе во 1926 година, Сент-Егзипери повторно му се вратил на летањето. Набргу станал еден од пионерите на меѓународната воздушна пошта, во време кога воздухопловството не било доволно развиено. Според него, оние кои летале со понапредни летала биле повеќе сметководители отколку пилоти. Работел за француската пошта, летајќи во релација Тулуз-Дакар, а станал и раководител на авионската линија за областа во Јужно Мароко, во пустината Сахара. Негова должност била да преговара за ослободување на заробените летачи кои биле заложници на вооружените Маври, опасна должност за која бил награден со национален орден на честа од француската влада. Во 1929 година, Сент-Егзипери бил префрлен во Аргентина, каде бил назначен за раководител на аргентинската поштенска авионска линија. Тој отворил нови линии во Аргентина, работел на преговорите, а одвреме-навреме лично пренесувал пошта и преземал спасувачки мисии на урнатите воздухопловеци. Овој период од неговиот живот е тема на филмот „Крилја на храброста“, на францускиот режисер Жан-Жак Ано.

Во 1931 година, во Грас, Антоан де Сент-Егзипери се оженил со Конзуела Сунсин (née Suncín Sandoval), писателка од Ел Салвадор, боемска жена со „змиски јазик“, веќе два-пати вдовица. Сент-Егзипери, потполно маѓепсан од неа, постојано ја напуштал, но бргу ѝ се навраќал – таа била едновремено негова муза, но и причина за многу несреќа во неговиот живот.[6] Била бурна врска, Сент-Егзипери постојатно ја изневерувал, пред сѐ со французинката Елен де Воге (1908–2003), позната како „Нели“ или „Мадам де Б.“ во биографиите пишувани за него.[7] Воге всушност станува одговорна по неговата смрт за издавањето на неговите дела, а таа самата има напишано и биографија за него под псевдонимот, Пјер Шеврие.[8]

Кариера како писател

уреди
 
Сент-Егзипери фотографиран близу Монтреал, Канада во мај 1942, на тура во поддршка на Франција по нејзиното примирје со Германија. Навидум насмеан, всушност бил под голем стрес и боледувал од запаление на жолчката.

Првиот роман на Сент Егзипери, „Воздухопловец“ (француски: L'Aviateur) бил објавен во речиси непознато книжевно списание во 1926 година. Во 1929 година, тој ја објавил книгата „Јужна пошта“ (француски: Courrier Sud) и тој почнал да работи како воздухопловец и новинар. Со романот од 1931 година, „Ноќен лет“, Егзипери станал нова ѕвезда на книжевната сцена. За ова дело, тој ја освоил наградата „Фемина“. Романот е инспириран од неговите искуства како поштенски пилот и како директор на Аеропоста Аргентина - авионска поштенска куќа во Буенос Аирес.[9]

 
Споменик во Тарфаја, Мароко, која ја означува поштенската станица кој ја управувал Сент-Егзипери.

На 30 декември 1935 година, летајќи 19 часа и 44 минути, Сент-Егзипери заедно со Андре Прево, се урнал во пустината во Либија,[10] во обид да го надминат рекордот во воздушна трка за награда од 150 000 франци.[11] Се верува дека несреќата се случила близу долината Вади Натрун.[12] Дехидрирани и погодени од топлотен удар, двајцата сепак ја преживеале несреќата. Картите кои ги користеле биле доста примитивни поради што и двајцата не знаеле каде се наоѓаат. Биле изгубени во пустината, а имале малку грозје, два портокали, термос со кафе, чоколадо, неколку крекери и малку вино. Исто така, тие имале течност, доволно за еден ден.[13] Двајцата почнале да имаат слушни халуцинации, а веќе четвртиот ден, потполно дехидрирани до степен да не се потат, почнале да имаат и визуелни халуцинации. Конечно, четвртиот ден, еден човек на камила ги нашол и, користејќи стар метод за рехидрирање, ги спасил од смртта.[11] Оваа случка е срцевината на мемоарите од 1939 година, „Земја на мажи“ со кои тој освоил неколку награди. Романот „Малиот принц“, кој почнува со пилот изгубен во пустината, несомнено потсетува на ова искуство. Антоан де Сент-Егзипери продолжил со пишување сѐ до пролета на 1943 година, кога ги напуштил САД и заминал во Северна Африка.

Втората светска војна

уреди

Во април 1943 година, по дваесет и седум месеци поминати во САД, Сент-Егзипери заминува со американската армија за Алжир, сакајќи да лета со француските воздушни воени сили, борејќи се на страната на Алијансата. Тогаш на 43-годишна возраст, очекувал унапредување во мајор, бидејќи бил постар од повеќето учесници во војната. Осум години постар од возрасната граница, неуморно барал да се направи исклучок за него, што било одобрено од генералот Двајт Д. Ајзенхауер. Сепак, Сент-Егзипери имал големи болки поради поранешните падови со авион, до тој степен што не можел сам да се облече ниту да ја врти главата на лево.[14]

Сент-Егзипери создал своја воена единица од други пилоти, наречена Groupe de reconnaissance 2/33 „Savoie“, снабдени со авиони од типот „Р-38 Лајтнинг“.[15] Авионите биле понапредни од кои било други модели со кои претходно летал, па затоа Егзипери морал да помине седум-неделен тренинг пред првата мисија. Откако доживеал уште еден пад поради откажување на моторот, бил казнет на осум месеци, но набргу бил вратен на должност по лично барање на генералот Ира Икер, заменик командант на американските воздушни сили.[16][17]

Откако продолжил со летање, Сент-Егзипери се вратил и на долго-годишната навика на читање и пишување. Толку многу бил задлабочен во книжевноста што некогаш читал или пишувал неколку моменти пред да полета, така што механичарите го загревале и тестирале неговиот авион наместо него. За време на еден лет, на сметка на неговите колеги кои го чекале да слета, вртел кругови околу аеродромот само за да заврши со читање на некој роман. Антоан де Сент-Егизпери речиси секогаш имал тетратка до него која ја носел кога летал сам, со тоа што голем дел од филозофските размисли ги бележел во овие тивки моменти кога можел да го набљудува светот одозгора.[18]

Мистеријата на неговата смрт

уреди

Францускиот генерал и подоцнежен претседател Шарл де Гол, за кој Сент-Егзипери и останатите имале ниско мислење, јавно изјавил дека писателот-пилот ја поддржува Германија. Соочен со депресија, Сент-Егзипери почнува да пие алкохол во големи количини.[19] Неговото здравје, ментално и физичко почнува да се влошува. Повеќето знаеле дека Сент-Егзипери е депресивен и се дискутирало да му се одземе летачката дозвола.[20][Note 1] Последната мисија на Сент-Егзипери била да ја надгледува германската армија во и околу долината на реката Рона некое време пред прочуената операција „Драгун“. На 31 јули 1944, иако му било дозволено да лета на уште само пет мисии[21], тој полетува со невооружен Р-38 на деветта мисија по ред од авионска база во Корзика. Тоа бил последниот лет на Антоан Сент-Егзипери, кој повеќе не се вратил и исчезнал без трага.[22][Note 2] Неговото исчезнување станува главен наслов на меѓународно ниво.[23][24] Некое време подоцна, некоја Французинка изјавува дека видела пад на авион близу нејзиниот дом, кој наскоро бил најден близу Марсеј, а телото во авионот било закопано, со претпоставка дека станува збор за Сент-Егзипери.

 
Алката, најдена во 1998.

Во септември 1998, Жан-Клод Бјанко, рибар, пронашол јужно од Марсеј, сребрена алка на која биле врежани имињата на Сент-Егзипери и жена му Консуело.[25] Откривањето на алката било емоционален настан во Франција, каде веќе во тоа време Сент-Егзипери бил национална икона, а некои се прашувале за автентичноста на алката бидејќи била најдена далеку од претпоставената летачка траекторија, што имплицира дека авионот не бил соборен.[26] Во мај 2000 година, нуркачот Лук Ванрел ги нашол остатоците од P-38 расфрлани низ илјадници метри квадратни на морското доно на брегот на Марсеј, каде претходно била најдена алката. Откритието ја разгорило земјата, која со децении го барала авионот и спекулирала за смртта на пилот.[27] По двегодишно одложување од страна на француската влада, остатоците од авионот бил преземани во октомври 2003 година.[25]

На 7 април 2004 година, Патрик Гранжан, тогашниот француски министер за култура, заедно со капетанот на француските воздушни сили, Фредрик Солано, како и неколку истражители од француското подводно арехолошко друштво потврдиле дека најдените остатоци навистина припаѓале на авионот на Егзипери.[28][29] Никакви дупки, ниту знаци од пукање не биле најдени, иако ова е небитно бидејќи само мал дел од авионот бил зачуван.[30] Во јуни 2004 година, фрагментите биле дадени на музејот за вселенски објекти во Ле Бурже, Париз, каде животот на авторот е комемориран во посебен излог.[31][32]

Дела

уреди

Можеби делата на Сент-Егзипери не може да се наречат автобиографски, но сепак најголем дел од нив се инспирирани од неговиот живот како поштески пилот, земајќи го предвид „Малиот принц“ (1943) — несомнено најпродавната книга (продена е во повеќе од 134 милиони примероци низ целиот свет[33], и е втората најпродавна книга во светот после Библијата[34]) — книга која е повеќе поетска и филозофска отколку биографска.

Тој има напишано и други книги, меѓу кои: Јужна пошта (1929), Ноќен лет (1931), Земја на мажи (1939), Воен пилот (1942), Писмо до еден заложник (1944), Белешки од војната (собрани во 1982), и Citadelle (посмртно, 1948). Сите овие романи раскажуваат приказни за некакви патувања во фиктивна, некогаш фантастична форма. Покрај делата наведени подолу, низ годините се објавени и најразлични писма, белешки и дописи на писателот.

Објавен во 1926. Првиот текст на Сент-Егзипери, кој наликува на фрагмент од некакво поголемо дело, кој ќе му послужи како материјал за Јужна пошта.
Објавен во 1929. Преку ликот на Жак Берни, Сент-Егзипери го раскажува своето искуство како пилот. Луиз де Вилморан е прикажана во ликот на Женевиев.
Објавен во декември 1931. Овој роман напишан како трагедија, носи предговор од Андре Жид, а му носи и награди на Сент-Егзипери кои го запечатуваат неговиот статус како писател. Овој роман доживува неколку преводи, а правата за филмска адаптација се продадени во Холивуд.
Издадена во декември 1939, книгата се здобива со главната награда на Француската академија. Станува збор за збирка раскази, сведоштва и размисли за чувствата, сеќавањата и случувањата од патувањата на Сент-Егзипери. Станува збор, истовремено, и за омаж на двајца пријатели на Сент-Езгипери, Море и Гијом. Делото е проткаено со една романтичарска визија за добрината на човештвото.
  • Воен пилот
Објавен во 1942.
Напишан во САД, а издаден во 1943 во Њујорк во две верзии (англиска и француска). Во Франција е објавен дури во 1946, две години по неговата смрт.
Приказна за еден пилот чиј авион се урнува во некоја пустина, каде запознава таинствено, нежно момченце.
Поради технички причини, „цртежите на авторот“ кои се репродуцирани во француските верзии се бледа копија на американските оригинали. Некои од деталите се дури променети. Изданието од 1999[35] е првото издание кое е веродостојно на оригиналот, со подобар уметнички и технички квалитет иако во помал формат.
  • Писмо до еден заложник
Издадено во 1944.
Издаден во 1948. Во 1936 Сент-Егзипери почнува со пишување, но никогаш не го завршува. Првото издание е скратена верзија од планираниот оригинал. Целиот ракопис е достапен дури во 1958 и повеќе ја доловува целоста на првичната идеја на Сент-Егзипери.
  • Писма од младоста (1923-1931)
Објавени во 1953. Ново издание во 1976 под насловот Писма од младоста до измислен пријател.

Наводи

уреди
  1. Webster (1994), стр. 12.
  2. Schiff (2006), стр. ix.
  3. Schiff (1996), стр. 61–62.
  4. Александар Поповски, „Разговор за делото „Малиот принц“ од А. Егзипери - Поетска и тажна сказна“, во: Антоан Де Сент - Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 71.
  5. Schiff (1996), стр. 80.
  6. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Guardian-2000.06.24.
  7. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Nelly.
  8. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име NewYorkTimes-2000.06.25.
  9. Schiff (1994), стр. 210.
  10. Schiff (1996), стр. 258.
  11. 11,0 11,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Schiff-1996a.
  12. Schiff (1996), стр. 263.
  13. Schiff (2006), стр. 258.
  14. Schiff (2006), стр. 180.
  15. Cate (1970).
  16. Schiff (2006), стр. 423.
  17. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Time-1944.08.14.
  18. Schiff (2006).
  19. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име BBC-2004.08.07.
  20. Schiff (2006), стр. 430–433, 436–437.
  21. Schiff (2006), стр. 430.
  22. Schiff (2006), стр. 402–451.
  23. Schiff (2006), стр. 434–438.
  24. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Time-1944.08.142.
  25. 25,0 25,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име CDNN.
  26. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Independent-2000.05.28.
  27. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име AgenceFrancePress-2004.04.07.
  28. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име AgenceFrancePress-2004.04.072.
  29. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Globe&Mail-2004.04.08.
  30. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Aero-relic.
  31. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име LeMonde-2008-03-15.
  32. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име MuseeAireSpace.fr-a.
  33. Article sur lepoint.fr.
  34. Jean-Philippe Ravoux, Donner un sens à l'existence, ou pourquoi Le Petit Prince est le plus grand traité de métaphysique du Предлошка:XXe siècle.
  35. Notice BnF.

Надворешни врски

уреди


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „Note“, но нема соодветна ознака <references group="Note"/>.