Даниел Ортега
| |||
Претседател на Никарагва | |||
На власт | |||
10 јануари 1985 – 25 април 1990 | |||
Претходник | Хунта за Национална Обнова | ||
Наследник | Виолета Чаморо | ||
Роден | 11 ноември 1945 Ла Либертад, Чонталес | ||
Политичка партија | Frente Sandinista de Liberación Nacional |
Хосе Даниел Ортега Саведра (роден на 11 ноември 1945 година) е претседател на Никарагва. Таа функција ја вршеше од 1985 до 1990 година, а повторно е избран за претседател во 2006 година. Исто така, тој е еден од најистакнатите водачи на Сандинистичкиот фронт за национално ослободување (ФСЛН).
Ортега станува член на ФСЛН во 1963 година како студент на Универзитетот на Средна Америка во Манагва. Во тоа време ФЛСН е илегално движење забрането од власта на Анастасио Сомоза. Во 1967 година станува водач на ФЛСН, одговорен за акциите на градската герила, но набрзо е уапсен. Во затвор останува до 1974 година, кога е ослободен во замена за заложниците кои ги зароби ФСЛН. Веднаш по ослободувањето, Ортега заминува за Куба, каде повторно станува командант на герилците.
По соборувањето на Сомоза во јули 1979 година, Ортега станува член на Хунтата за национална обнова. Со текот на времето сандинистите почнаа да доминираат со Хунтата, по што двајцата нејзини членови не-сандинисти, Алфонсо Робело и Виолета Чаморо, поднесуваат оставка, а Ортега станува де факто владејач на Никарагва.
По изборот на Роналд Реган за претседател на САД, неговата администрација започнува да ги финансира и вооружува противниците на сандинистичката власт, вклучително и припадниците на злогласната Национална гарда на Сомоза. Со американска помош, контристите, како што се нарекуваат овие анти-сандинистички герилци, поведуваат вооружена борба против сандинистичката власт. Во 1984 година, додека војната со контристите сè уште траеше, сандинистите одржаа избори на кои победува Ортега со 63% поддршка. Многу опозициски партии ги бојкотираат овие избори, но најголемиот број од меѓународните набљудувачи ги прогласуваат изборите за слободни и фер.
Во текот на своето претседателствување, Ортега и сандинистите спроведуваат многу социјални мерки, инспирирани во прв ред од Куба, но и од европските социјалдемократски партии.
Во меѓувреме, војната со контристите продолжува со несмален интензитет и сериозно ја исцрпува Никарагва. Војната и надворешните притисоци од страна на САД се основните причини зошто Ортега ги изгуби следните претседателски избори во 1990 година од кандидатот поддржан од САД и член на пост-сомозистичката хунта, Виолета Чаморо.
Ортега се кандидира и на изборите во 1996 и 2001 година, но губи и на двата избори. Сепак, во следната прилика, на изборите во 2006 година победува со 38% од гласовите, станувајќи повторно никарагвански претседател.
Во ноември 2021 година, Даниел Ортега беше реизбран за четврти петгодишен мандат со 75% од гласовите, според првите делумни официјални резултати објавени од Врховниот изборен совет.