Гомора (серија)
Гомора (Gomorra) е италијанска телевизиска серија, за првпат емитувана на Sky Italia од 2014 до 2021 година.
Серијата е инспирирана од истоимениот роман на Роберто Савијано и ја раскажува приказната за клановите Камора во различни области на Неапол, особено во Секондиљано. Филмот „L'Immortale“ (Бесмртниот) од 2019 година ја прикажува приказната на еден од главните ликови од серијата.
Продукција
уредиСнимањето на првата сезона започна во август 2013 година и се одвивало во: Неапол, Милано, Ферара, Ментон и Барселона. Најголем дел од сцените се снимени во центарот и околните области на Неапол, како: Понтичели, Сан Џовани а Тедучо, Сан Пјетро а Патиерно, Скампија, Секондиљано, Областа 219 на Сан Виталијано и Парко Верде на Каивано. Режијата е на Стефано Солима, Франческа Коменчини и Клаудио Купелини.
Снимањето на втората сезона започна на 14 април 2015 година во Келн, Германија, во јуни продолжи во Нола и завршило во Неапол на шести ноември. Другите сцени се снимени во: Рим, Бергамо, Милано, Трст, Хрватска и Хондурас. На режисерите од првата сезона им се приклучува и Клаудио Џованези.
Во октомври 2016 година, започна снимањето на третата сезона, во која Стефано Солима и Клаудио Џованези се повлекуваат како режисери, а снимањето завршило на 7 јуни 2017 година.
Снимањето на четвртата сезона започнува на 16 април 2018 година и завршува на 29 ноември истата година; дел од сцени се снимени во: Поџомарино, Лондон, Болоња и Реџо Емилија. На Франческа Коменчини и Клаудио Купелини, како режисери се придружуваат и Марко Д'Аморе (веќе актер во оваа серија), Енрико Розати и Чиро Виско.
Снимањето на петтата сезона, последна од серијата, во која Франческа Коменчини, Енрико Росати и Чиро Виско ја напуштаат режисерската функција, е снимена во Рига, Латвија, во септември 2020 година. Сцените оОд 29 октомври 2020 до 22 мај 2021 се снимени во Неапол и во Рим.
Содржина
уредиПрва сезона
уредиВо Неапол, почитуваниот и стравуван дон Пјетро Савастано е шеф на кланот на Камора во Секондиљано. За него работат многу доверливи луѓе, меѓу кои и Чиро ди Марцио, познат како Бесмртниот и токму на него, дон Пјетро му ја дава задачата да ја запали куќата на мајката на Салваторе Конте, негов ривалски шеф. Покрај тоа Чиро има обврска да го подготви синот на Пјетро, Џенаро Савастано, познат како Џени за неговата идна улога како глава на семејството, односно шеф на кланот.
По дојава, полицијата врши претрес на еден од каминоните со дрога и го уапсува дон Пјетро. Меѓутоа тој успева да командува и од затворот, но по масакрот во Кастел Волтурно, полицијата го открива виновникот и дон Пјетро е осуден на суровиот затвор од 41 бис. И покрај неговите негодувања, раководењето на кланот го презема неговата сопруга, дона Има Савастано, која не му верува на Чиро и смета дека Џени не е подготвен да стане шеф. Поради тоа таа решава да го испрати Чиро во Шпанија за да склучи мир со шефот на ривалскиот клан, Конте, а Џени го испраќа во Хондурас, за да преговара со шверцерите на дрога. Договорот со Конте е успешен, но и покрај тоа дона Има продолжува да не му верува на Чиро и да го потценува. Во тој период бизнисот доживува пораст, па таа одлучува да отвори нови места за продажба, свесна и за опасностите од новите непријателства.
По долг период во Хондурас, Џени се враќа во Неапол, целосно променет и физички и карактерно, подготвен да го земе она што му следува, но се оддалечува од Чиро и сè повеќе се здружува со негови врсници. Првото нешто што го прави е промена на дотогашниот градоначалник на општината Џуљано, Фабрети, верен на дон Пјетро и на семејството Савастано, и на негово место го става неговиот пријател Микеле Касиљо. Тоа предизвикува недоверба кај старите послушници на дон Пјетро и поради тоа со доаѓањето на Џени започнува внатрешна војна помеѓу старите и младите, односно приврзаниците на Џени и оние на дон Пјетро.
Чиро, чувствувајќи се отфрлен и омаловажен од Џени, решава заедно со неколку негови пријатели да го прекине примирјето, што самиот тој го склучил со Конте. Па така му наредува на Даниелино да го убие Тонино Русо, десната рака на Конте, но сите сомнежи паѓаат врз Џени. Чиро сака да ги избрише сите докази, но неможејќи да го најде младиот Даниелино, ја киднапира неговата девојка и подоцна ја убива. Даниелино пак очаен бара помош од брат му Масимо, возачот на Конте, кој му ја раскажува приказната на шефот и се обидува да го натера да му прости. Конте, откако дознава за тоа, ги убива двајцата браќа и решава да ги прекине односите со Џени, сè уште сметајќи го за виновен и одговорен за убиството на Русо. Дона Има го открива предавството на Чиро, благодарение на пораката што девојката на Даниелино ја испраќа до еден негов другар, и го уценува Чиро дека ќе му каже на Џени, доколку тој не го убие Конте. Но наместо него, Чиро ја убива дона Има и го поштедува животот на Конте. Меѓутоа Џени наоѓа копија од снимката во чантата, што тој ѝ ја подарил, и станува свесен за предавството на Чиро. Не знаејќи кому повеќе да верува, им наредува на младите приврзаници да ги убијат старите, сметајќи ги за сојузници на Чиро, па така голем дел од послушниците на дон Пјетро умираат, но Чиро заедно со Маламор успева да избега. Откако приврзаниците на Џени откриваат каде се крие Чиро, одат да го убијат, но паѓаат во заседата на Конте, сè уште убеден дека вистинскиот непријател е Џени.
За време на училишната претстава, на која учествува и ќерката на Чиро, Џени заедно со неговите приврзаници одат со намера да го убијат, но наместо тоа Чиро пука и го повредува Џенаро. По тоа, Чиро бега, а неговата сопруга го напушта затоа што го ставил во опасност животот на ќерка им.
Дон Пјетро успева да избега, со помош на Маламор, кој заедно со некои други луѓе го напаѓаат комбето со кое полицајците треба да го префрлат во друг затвор. Во последната сцена е прикажан Џени, тешко ранет, меѓутоа движењето на раката укажува дека сè уште е жив.
Втора сезона
уредиПочетокот на втората сезона ги прикажува сцените од крајот на првата: Џени е во болница, а болничарите прават сè што е во нивна моќ за да го одржат во живот.
Дон Пјетро е во бегство, откако го ослободуваат од комбето за време на трансферот, дознава што му се случило на Џени и го планира неговиот следен потег.
Чиро го формира Сојузот со некои поранешни подружници на Савастано и со Салваторе Конте, кој ги снабдува со дрога и тежнее да си ги врати старите, изгубени места за продажба. Чиро има јасна замисла: од Сојузот да добие моќна и многубројна војска, поради тоа има за цел да ги придобие и т.н. Неодлучни. Целта на Сојузот е секој член да работи автономно низ Секондиљано, но дрогата ја земаат од исто место, од Конте. Бесмртниот, сигурен за одмаздата од Савастано, ги носи на сигурно Дебора, неговата сопруга и малата МаријаРита. Но и покрај тоа што на Дебора сè ѝ е овозможено, таа чувствува гнев и огорченост кон Чиро, сакајќи дури и да го пријави во полиција. По безбројна кавга, Чиро, бесен над неа, ја убива.
Во меѓувреме здравствената состојба на Џени се подобрува и тој излегува од болница.
По една година во Неапол, тој се враќа во Хондурас, каде што организира шверц на дрога во име на татко му. По неколку месеци, се враќа во Европа, оди прво во Рим за да ја договори продажбата на неговата дрога со дон Џузепе Авитабиле, шеф на Камора и градежник. Во тој период Џени почнува да се гледа со неговата ќерка Азура Авитабиле. Потоа заминува за Германија, каде што го чека татко му Пјетро. Тоа се тешки времиња за семејството Савастано, поради тоа што се барани од полицијата. Дон Пјетро почнува да шверцува гориво и оружје, додека расте неговата желба за одмазда против Чиро и Конте. Една вечер додека преговара со шефот на калабриската ‘Ндрангета, дон Пјетро заедно со Џени го ризикуваат нивниот живот, во заседа против калабрискиот шеф. Но благодарение од предупредувањето на пријателите на Џени, кои успеваат да го убијат шефот, Џени и татко му успеваат да побегнат неповредени. За време на бегството, германската полиција, сметајќи ги за сомнителни, почнува да ги брка, но на дон Пјетро му се слошува и принудени се да застанат. Џени и покрај омразата кон татко му поради непочитувањето од минатото, му помага и го засолнува на сигурно. Меѓутоа утрото откако ги повратил силите, дон Пјетро одлучува да се врати во Неапол и да ги врати загубените криминалните активности, оставајќи го синот сам на себе.
Со Сојузот не владее мир, бидејќи членовите се незадоволни од Салваторе Конте, кој иако тврди дека е различен од Савастано, се однесува како шеф, грабајќи се по најпрофитните места за продажба. Чиро се обидува да ги смири сите, велејќи им да бидат трпеливи, во очекување на погрешен чекор од Конте, на тој начин ќе можат да земат дел од неговите места. Таквиот момент брзо пристигнува: за време на роденденската забава на Конте, тој ја прободува раката на ‘О Мулато, еден од членовите, бидејќи ја исмева трансродовата девојка Нина, сестра на јавната девојка на Конте и потајно негова љубовница. Како дополнителна казна, го одзема местото за продажба на ‘О Мулато и го доделува на ‘О Принчипе. Чиро ја користи приликата и бара од ‘О Мулато и ‘О Принчипе, мајстор во разредувањето на дрогата, да го предадат Конте. Иако и двајцата се негови верни приврзаници, тие се согласуваат со планот на Чиро. Прво го информираат Конте, кој му ја враќа базата за продажба на ‘О Мулато, а потоа за време на религиозната миса, на која Конте учествува секоја година, го убиваат.
По смртта на Конте, дон Пјетро гледа можност да го нападне Сојузот, прво наредува на неговите луѓе да го ограбат курирот на Шанел, сестрата на Ѕекинета. Дон Пјетро се среќава со Џенаро да го информира за тоа што планира да го направи против Сојузот, наредувајќи му да замине од Секондиљано, по стоти пат понижувајќи и омаложувајќи го. Шанел оди во затворот да го посети син ѝ Рафаеле, познат како Лелучо, заедно со нејзината млада снаа која секојдневно ја прекорува. Дон Пјетро продолжува со провокациите против Шанел, овојпат организира грабеж во коцкарницата каде што таа често игра покер. Во меѓувреме наоѓа тајно засолниште и успева да се информира за настаните од Патриција, внука на Маламор, која е неговите очи и уши надвор. Шанел го открива сторителот на кражбата во коцкарницата и наредува да го запалат жив, меѓутоа навреме пристигаат Чиро и ‘О Принчипе да го спасат по цена да им каже кој му го наредил тоа. Младиот успева само да проговори: „Пјетро Савастано ... се врати“ , пред да го убијат. Стравувајќи од можните последици, Сојузот предводен од Чиро,‘О Муларо и О’Принчипе одлучува да преговара за договор со Савастано. Патриција, амбасадорот на дон Пјетро го известува дека Сојузот сака да преговара само со Џенаро, негирајќи го присуството на поранешниот шеф.
Дон Пјетро за да ја одмазди дона Има, дури и по цена на животот на неговиот син, му наредува на Џени да го убие Бесмртниот, му дава испечатен тридимензионален пиштол, за да не го откријат при авионските контроли, што може да испука само еден куршум. Патриција го испраќа оружјето преку еден млад човек, што треба да го достави на Џенаро. Чиро се упатува кај дон Аниело, кој во негово име разговара со Џузепе Авитабиле и обајцата гарантираат за нивната сигурност. Аниело лично разговара со Чиро и Џенаро во посебни соби и средбата ја договара во Трст, по барање на Џенаро кој сака да биде што подалеку од татко му. На роденденската забава на Џенаро во Рим, доаѓаат неговите верни пријатели ‘О Кардило, Капа’ и бомба и ‘О Трак. Во една прилика ‘О Трак краде часовник од раката на еден непознат гостин, откако Азура му кажива на Џенаро, тој се налутува и ги брка. Во следните денови, Чиро и Џенаро одат во Трст и се сместуваат во два различни хотели оддалечени на еден километар, но сепак Џенаро ја знае точката локација на Чиро. Уште вечерта тајно оди во неговата соба, сакајќи да го нападне, но Чиро не се обидува да се одбрани и на крајот Џенаро, по низа изнакажани навреди, си заминува. Следниот ден во присуство на дон Аниело, Џенаро ги прифаќа двата услови од Сојузот: тие ќе земаат стока од младиот Савастано, доколку луѓето на татко му останат во нивниот кварт неможејќи да поседуваат други места за продажба. Прв што подложи на новото правило е Маламор, кој е спречен од две момчиња да излезе од неговото соседство. Патриција го информира дон Пјетро за новиот договор, а тој е бесен на синот и бара средба со него.
Тоа и го добива, Џенаро му укажува на застарениот менталитет за одмазда и дека убиството на Чиро би предизвикало нова војна меѓу нив, додава и дека меѓу нив двајца тој е посилен заради стоката што ја поседува, а татко му е сам и немоќен. Децата од улицата, пријателите на Џени, го обвинуваат нивниот пријател што не се враќа да им помогне, а без клан немаат работа ниту пари за да преживеат, па одлучуваат да преземат акција, односно ограбуваат едно место во зашититено подрачје. Дон Пјетро, информиран од Патриција, го испраќа Маламор крвнички да ги истепа. Чиро ја користи приликата да разговара со третиот од нив ‘О Кардило за да го убеди да оди на неговата страна. Фрустрирани од новите правила, другите двајца решаваат да формираат помала група и почнуваат да вршат кражби на оружје. Џенаро дознава од ‘О Принчипе за настаните и сфаќа дека крвопролевањето мора да престане бидејќи расправиите меѓу двете страни му штетат на бизнисот. Оди во Неапол и зборува со ‘О Трак, во присуство на ‘О Кардиљо и му ги нуди истите услови од претходно доколку одлучи да се врати на неговата страна. Меѓутоа ‘О Трак ги напаѓа луѓето околу него и го вперува пиштолот кон Џенаро, но ‘О Карило успева да го спречи во намерата, а Џенаро му го помилува животот.
Дон Пјетро решава да не го почитува договорот што Џени го склучи со Сојузот, поради тоа решава да го нападне Габриеле наречен‘О Принчипе, кој не се движи со луѓе околу себе за да го заштитат. Патриција се осмелува и го прашува дон Пјетро кој е вистинската причина за таквата постапка, а тој одговара дека во прашање е личната војна против Џени, кој успеал да го престигне. Росарио, ‘О Нано десната рака на Чиро, се сомнева дека Габриеле работи и со нив и со Џенаро. По советот на ‘О Мулато, Габриеле решава да земе заштита, поради тоа дон Пјетро почнува да се сомнева дека можеби Патриција е шпион. Во меѓувреме Росарио ги пренесува сомнежите за ‘О Принчипе и некои други членови, а пак неговите луѓе го напаѓаат салонот на девојката на Габриеле и веднаш по тоа главниот осомничен е ‘О Нано. Додека Сојузот е фокусиран на тие работи, дон Пјетро го поткупува Анџело Сепино, најблискиот човек на ‘О Принчипе и во заседа лично го убива Габриеле.
Вината за смртта на ‘О Принчипе веднаш паѓа врз Росарио ‘О Нано, кој веднаш потоа умира, застрелан пред неговата сопруга и мала ќерка. Сојузот успева да го фати и Анџело Сепино, Чиро му го поштедува животот за да не создава нови внатрешни војни, откако тој ќе признае. По тоа свикува состанок за да им објасни на присутните дека ‘О Принчипе тајно работел и за Џени, затоа и сомнежите на Росарио биле основани и е убиен од дон Пјетро, а Росарио бил невин. Па така новата војна од Сојузот е насочена кон дон Пјетро, кој сака да владее со сите.
По ослободувањето на Лелучо, Шанел бара и го добива местото за продажба на Габриеле, но таа постапка предизвикува лутина кај Децата од уличката, кои се надевале дека ќе го добијат истото, а нивната реакција дополнително се должи на нискиот процент на заработувачка. Поради тоа, го киднапираат Лелучо, кој во меѓувреме дознал за предавството на сопругата, но полицијата ги запира на контролен пункт и спречени се во намерата да го убијат. Патриција во договор со дон Пјетро, ѝ нуди помош на сопругата на Лелучо, доколку таа соработува со нив и со Децата од уличката за да го убијат. Гневна на Шанел за убиство на љубовникот и гледајќи конечно прилика да ѝ се одмазди, го прифаќа предлогот на дон Пјетро. Но поради непредвидена грешка, убиваат друг човек на местото на Лелучо. Во Рим, Чиро се среќава со Џени и го информира за случувањата и низата убиства што ги предизвикал татко му, со цел да го натера да ги земе работите во свои раце.
Шанел лута на Чиро поради лошото менаџирање на Сојузот и Децата од уличката, договара средба со дон Пјетро, сакајќи да премине на неговата страна. Чиро, пак, дознава за постапката на Шанел, а истовремено открива дека Патриција е амбасадорот на дон Пјетро. Веднаш потоа испраќа луѓе да ја следат, додека таа оди да се види со Џени. Таа го забележува автомобилот што ја следи, сфаќа дека е во опасност, ги уништува телефонските картички и преку фиксен телефон успева да го предупреди Џени, кој веднаш оди да го спаси татка си. Луѓето на Чиро ја фаќаат Патриција и ја носат во еден магацин каде што се наоѓа и нејзиниот брат, ја уценуваат да им каже каде се наоѓа Пјетро Савастано. Таа иако им признава, тој веќе е избеган, но Чиро не го знае тоа и ѝ го поштедува животот, укажувајќи ѝ ја разликата меѓу него и дон Пјетро, кој на негово место веројатно би ја убил. Дон Пјетро немајќи доверба во Шанел, им наредува на Децата од уличката да ја убијат за да ја преземат нејзиното место за продажба. Таа иако навремено бега, запрена е од полицијата која ја уапсува поради убиство на љубовникот на нејзината снаа. За време на средбата со синот, Пјетро го прекорува за тајната соработка со ‘О Принчипе. Потоа се среќава со Патриција и ја испрашува за тоа како се спасила од Чиро.
Во Рим, Џузепе Авитабиле испраќа еден од неговите да заплаши јавен службеник, но наместо тоа, момчето го убива и подоцна исчезнува. Тројца членови од Сојузот што преминале на страната на Децата од уличката го убиваат ‘О Мулато, тоа предизвикува повторен бран на паника во Сојузот. Во меѓувреме ‘О Зингарело оди кај дон Пјетро да побара прошка за повторно да се врати во неговиот клан, но условот од Пјетро останува истиот: главата на Чиро ди Марцио. Од друга страна Чиро прави сè што е во негова можност да го најде дон Пјетро нудејќи парична награда за секој кој знае нешто. Во еден момент ‘О Зингарело бара состанок со него, убедувајќи го дека му го нашол дувлото. Всушност се работи за стапица наменета за Чиро, кој пак ја насетува и Маламор, десната рака на Пјетро, го убива ‘О Зингарело. Чиро се среќава повторно со Џени со цел да го убеди да ја преземе контролата, што дотогаш ја има татко му. За време на свадбата на Џенаро и Азура, доаѓа полицијата која го уапсува Џузепе Авитабиле поради убиство на јавниот службеник. Патриција, добива заштита од дон Пјетро за нејзините браќа, почнува да живее со него.
Одмаздата на дон Пјетро продолжува без престан, овојпат наредува да се убие Лелучо. Чиро, од друга страна собира луѓе за да му се приклучат во војната против Савастано. Азура, веќе бремена, се сомнева дека Џенаро го предал татко ѝ, а пак тој ѝ го потврдува тоа, но без оглед на околностите, таа му е благодарна бидејќи и самата посакува свој живот, без влијание на татка си. Во меѓувреме Маламор ја убива ќерката на Чиро, МаријаРита, по наредба на стариот Савастано. Џени го прекорува за смртта на девојчето, а тој пак продолжува да го навредува. Чиро, уништен и поразен, по погребот решава да си замине, оставајќи им ги парите на најверните пријатели. Дон Пјетро, радувајќи се на малата победа го кани Џенаро во семејната капела, но наместо него се појавува Чиро, откако претходно Џенаро го нашол и му дал оружје, и го убива Пјетро. Во исто време, во Рим Азура раѓа момче, кое Џени ќе го нарече Пјетро.
Трета сезона
уредиЏенаро Савастано сега е моќен и управува со најважните плоштади за дилање друга во Секондиљано. Стекна кредбилитет благодарение на татко му и луѓето се плашат од него како и од дон Пјетро претходно. Успева дури и да го измами Џузепе Авитабиле, искористувајќи ја нивната семејна врска и на тој начин има пристап и до неговите бизниси. Чиро, немајќи што друго да изгуби, го убива Маламор и со помош на Џени заминува во Бугарија, каде што работи како курир на стока кај криминалецот Валентин. Но откако открива дека неговиот син имал намера да го измами, го убива и него и татко му Валентин. Во меѓувреме дон Авитабиле излегува од затвор и е подложен на домашен притвор и почнува да се сомнева дека Џени го предал само за да му го преземе бизнисот. Со помошта на Џеџе, сметководителот на Џени, дознава дека тој управувал со бизнисите во негово име и праќал од неговите пратки со дрога. Заедно со најдоверливите луѓе Авитабиле смртно го тепа Џени и меѓу низата закани, го брка од семејната куќа и му забранува да ги види сопругата и детето. Џени се упатува кај Чиро, веќе вратен во Неапол, барајќи утеха и помош од него. Желни да се вратат на власт, Џенаро склучува сојуз со Чиро и Шанел која излегува од затвор, благодарение на повлекувањето на обвиненијата од нејзината снаа Маринела. Чиро решава да го покани во сојузот и Енцо, наречен Сина крв кој се стреми да ја освои областа Форчело, а подоцна и до централниот дел на градот благодарение на неговиот близок пријател Валерио. Со помошта на сојузниците, Џени успева повторно да го започне бизнисот со дрога, ги искористува и изборите за повторно да победува неговиот пријател Микеле Касило, нудејќи им пари на сиромашни работници, кои работат во фирми во криза или пред пропаст во замена за нивниот глас. ‘О Шарманте, член на Конфедерација, стар клан од центарот на Неапол, по наредба на Авитабиле, го испрашува Енцо кој стои зад него, но тој не му открива ништо и одбива да стане член на Конфедерацијата. Меѓутоа бомбата фрлена пред пицеријата на сестрата на Енцо го означува почетокот на војната помеѓу нив и Конфедеративците. Пред состојбата да се влоши, Џени им предлага примирје што тие го прифаќаат. Енцо ја добива областа Форчела и се оддалечува од Џени. Тој, пак, има потреба од него и Чиро за да си го врати семејството, поради тоа ја убива сестрата на Енцо, обвинувајќи го ‘О Шарманте, кој по примирјето му ја отстапува Форчела на Енцо. За да го врати семејството, Џенаро се согласува на сите услови од Авитабиле, Енцо заради него дури ја отстапува и долго посакуваната Форчела. Во меѓувреме Шанел преминува од страната на Конфедерацијата, верувајќи дека Патриција игра двојна игра со неа и Џенаро, но таа останува до крајот верна на семејството Савастано. Чиро и Џени организираат заседа на Авитабиле и неговите луѓе во Неапол, на крајот и го убиваат за Џенаро да може да биде повторно со семејството. По смрттта и на ‘О Шарманте, Чиро го убедува Џени да склучи мир со Конфедеративците предводени од ‘О Стрегоне, стар криминалец. Тие го прифаќаат мирот и Енцо повторно ја добива посакуваната област. Од друга страна, Патриција ја убива Шанел поради теророт што го преживеала нејзината пријателка Маринела. Браќата Капачо, поранешни членови на Конфедерацијата, го убиваат ‘О Стрегоне за да не се потчинуваат повеќе на неговите услови. Енцо ги кани Чиро и Џени на неговата јахта за да го прослават успехот и тогаш всушност тој ја открива неговата вистинска намера: да го убие Џенаро поради тоа што дознал кој е убиецот на сестра му. Чиро, се жртвува за него, тврдејќи дека тој е вистинскиот виновник со цел да го заштити пријателот. По тоа, Сина крв го тера Џени да пука во Чиро, барајќи одмазда и го фрла неговото тело во морето.
Четврта сезона
уредиЏени ја одбележува смртта на Чиро заедно со Сина крв. По тоа, одлучува да го промени својот живот, поради ветувањето што ѝ го дал на Азура, но прво се обидува да стави крај на војната што браќата Капачо ја почнаа против него. За да успее во намерата бара помош од семејството Леванте, моќен клан од Вила Литерно, воедно и роднини на Џенаро, мајка му Има била братучетка на сопругата на Герландо, главата на семејството. Тие решаваат да му помогнат: синовите на Герландо ставаат бомба во еден автомобил пред обложувалница, што предизвикува експлозија и тешко го ранува еден од браќата, ‘О Крези. Другиот ‘О Дипломато решен е веднаш да преземе нешто, но дон Аниело го спречува во намерата, информирајќи го за огромната моќ што ја поседува кланот Леванте.
Џени договара средба со Патриција, Енцо и Валерио, браќата Капачо и семејството Леванте: Герландо и неговите три сина. Ги информира дека Секондиљано го доделува на Патриција, а за да нема конкуренција, тој ќе ги снабдува сите со дрога по однапред договорена цена. На крајот ги известува дека се повлекува и решава да го смени својот живот.
Една година подоцна, Џенаро има за цел да изгради втор аеродром во Кампанија, легално со помош на менаџерот Алберто Реста и неговата помошничка Тицијана Палумбо. Патриција, веќе шеф на Секондиљано, е во врска со еден од синовите на Леванте, Микеланџело, но освен неговата сестра Грација, целото семејство е против нивната врска.
Покрај тоа, Патриција има и голем проблем бидејќи полицијата ја запленува пратката со дрога, па таа заради мирот во новосоздадениот сојуз, се обврзува сама да ја плати следната пратка надоместувајќи ги загубите на останатите. Сепак браќата Каспачо не се согласуваат со нејзиниот предлог и ги бараат дадените пари назад за да може да купат дрога од друго место, заради тоа Патриција е принудена да побара пари од Џенаро. Тој ѝ дава, но наредува да се најде кој го пријавил запленувањето во полицијата. Најдоверливиот човек на Патриција, Никола истражува за тоа заедно со неговиот братучед Лино, дури бара помош и од Енцо и Валерио, но тие го одбиваат. Дознава дека дел од пратката завршила кај африканската криминална група што живее на брегот Домитио, па оди на средба со нив со цел да открие кој стои позади запленувањето. Открива дека повикот до полицијата го направиле Леванте, за да ја тргнат Патриција од Секондиљано. Двајца од браќата го убиваат Лино и го уценуваат Никола да ја убие Патриција, во спротивно тие ќе ја убијат сестра му и внуците.
Микеланџело, информиран од Грација, дознава што направиле и оди кај Никола со цел да го спречи во неговата намера. Го носи со себе кај татко му и браќата за да се соочи со нив, меѓутоа неможејќи да оди против своето семејство, на крајот го убива Никола. Вечерта Патриција го информира дека е бремена. Во меѓувреме Џенаро наидува на проблеми при градењето на аеродромот, бидејќи градежниците наоѓаат мртви трупови во едно од земјиштата и полицијата му е зад петици. Го убива Алберто, кога од Тицијана дознава за средбата со обвинителот и за можноста дека може да се појави неговото име зад проектот и ја назначува неа како одговорна. Во Неапол, Џенаро ја носи Патриција пред олтарот каде што ја чека Микеалнџело и како свадбен подарок ѝ дава делосна контрола на Секондиљано.
Во Форчело, Енцо додека ја чека ветената пратка од Патриција, ги праќа своите луѓе да ограбат комбе со пари за да може да купи нова. Мисијата е успешна, но еден од неговите луѓе умира. Валерио, од друга страна се обидува заедно со ‘А Голија, Катонезе и ММА да открие кој стои позади запленувањето на претходната пратка, дури склучува и лажен таен договор со браќата Карпачо, сомневајќи се најмногу во нив. Но пред втората средба со нив, Валерио доставува писмо на неговиот татко, со упатства да му го даде на Енцо доколку му се случи нешто. Ја дознава вистината за Леванте, но како и Никола, завршува мртов поради тоа, убиен од предавникот ‘А Голија, кој последователно склучува договор со браќата Карпачо и Леванте против Сина крв. Но благодарение на неочекуваната посета на таткото на Валерио, Енцо ја дознава вистината и пожртвуваноста на пријателот, што до тој момент го сметал за предавник. Потоа им поставува стапица на вистинските предавници и успева да го заврши она што Валерио го започнал. Го носи ‘О Креци во Секондиљано за да и ја соопшти вистината на Патриција, пред да го убие.
Патриција пред да одлучи што да преземе следно, го информира Џенаро за настаните. Потоа решава да ја остапи нејзината работа на сопругот за да може да се посвети на малата Бјанка откако ќе се роди. Му ги покажува местата за продажба на дрога и го запознава со своите предодредени. Герландо е задоволен и добива порака од Микеланџело во која е напишано каде е скривалиштето на Сина крв, поради тоа што ‘О Дипломато ја зел Форчела и го бара Енцо за да го одмазди брат му. Браќата Леванте одат на местото посочено од Микеланџело, меѓутоа наидуваат на заседа и едвај остануваат живи. Џени решава да си го врати Секондиљано, бара помош од луѓето кои биле верни на татко му и од мистериозниот шеф Маестрале.
Браќата Леванте се сомневаат дека Микеланџело стои зад заседата, но тој го негира тоа, а Патриција, пак, му ветува на Енцо дека повторно ќе се обидат да им се одмаздат. Леванте повторно пробуваат да ја убијат Патриција, овојпат ставаат бомби во структурата каде што се очекува да стигне новата пратка со дрога, но доаѓа полиција и ги попречува нивните планови, ја уапсува Патриција и некои од мажите што не успеале да избегаат. Во разговор со обвинителот Руџери, татко на еден од соучениците на Пјетро, Џенаро дознава дека Микеланџело ја викнал полицијата, немајќи избор бидејќи неговото семејството ја сакале мртва. Џенаро се обидува да ѝ најде адвокат што ќе ѝ помогне да излезе, со намера да ја спречи да соработува со полицијата и да зборува за него и неговите злодела, додека Азура претпочита да ја убие.
На средбата во затворот, Микеланџело ѝ ги објаснува на Патриција своите постапки и зошто морал реагира на тој начин, исто така се обидува да ја убеди дека соработката со полицијата е нејзиниот единствен излез. Таа прво се противи, но по обидот за убиство од страна на Леванте во затворот, размислува за таа можност. Почнува да зборува за своите непријатели со обвинителот, но тој сака други конктерни информации за Џенаро Савастано, кој пак се обидува да го најде местото каде што ја чуваат. Бара помош од Герландо, но откако тој одбива, Џенаро сфаќа зошто татко му претходно не сакал да има никаква врска со нив, но добива целосна поддршка од Маестрале. Микеланџело оди во рестранот каде што е неговото семејство и им соопштува дека неговото семејство што избрал да го заштити е она со Патриција, не знаејќи дека ги гледа сите заедно за последен пат. По тоа, Микеланџело оди на местото каде ја чуваат Патриција, благодарение на Џенаро кој дознал каде се наоѓа со помошта на ‘О Дипломато, во замена за дувлото на Енцо.
Во меѓувреме Сина крв има таен состанок со ‘О Беллебуоно, еден од ретките што му останале верни, но неочекувано таму го наоѓа Катонезе кој бара прошка и го информира дека ‘О Дипломато знае каде се крие. Сите заедно се упатуваат натаму, но Енцо ја наоѓа неговата девојка Марија мртва заедно со двете момчиња.
Џенаро организира заседа на семејството Леванте и успева да ги убие Герландо, неговата сопруга и нивната придружба, ја остава жива само ќерката Грација за да ја пренесе пораката на браќата за неговото враќање. Праќа други луѓе да ги ослободат Патриција и Микеланџело од скривалиштето на обвинителот, потоа ги носи пред приватниот авион со цел да им помогне да избегаат. За последен пат разговара со Патриција во врска со тоа што зборувала со Руџери, но бидејќи не ѝ верува, вперува пиштол во неа и ја убива, додека истовремено друг го убива Микеланџело во авионот. Конечно потоа Џенаро оди во своето засолниште и го започнува својот нов претходен живот.
Петта сезона
уредиИако живее во скривалиште и под строга заштита од дон Анџело наречен Маестрале, Џенаро успева да бега од полицијата и да го врати Секондиљано од рацете на преживеаните Леванте. За време на нападите, од сојузникот на противниците, дон Аниело дознава дека Чиро ди Марцио е сè уште жив. По смртта на двајца преостанати браќа Леванте, Џенаро оди во Рига каде што престојува Чиро. Но наместо да го продожат истиот однос од претходно, Џенаро продолжува да се чувствува напуштен и предаден, а Чиро не го негира тоа. На крајот од вечерта, Џенаро го затвора во гулаг и одлучува да се врати назад во Неапол.
Меѓутоа Чиро успева да им избега на луѓето што го чуваат, преправајќи се дека се обесил и се враќа во Секондиљано. Така тој започнува војна, обединувајќи ги Питбул, еден од неговите најверни пријатели, Енцо и уште тројца од неговите луѓе. Во конфликтот што следи, Бесмртниот излегува победник и успева да се прошири благодарение на Енцо и помошта на дона Нунција, вдовица на Господинот, убиен од страна на Џенаро. Потоа успеваат да му украдат неколку пратки на кокаин на Џенаро, потребни да основаат економска империја. Добива дури помош и од неочекуван сојузник, дона Лучана, сопруга на Маестрале, насетувајќи го поразот на Џенаро и неговите луѓе. Чиро и дона Нунција склучуваат договор со неа: еден милион евра во замена на имињата на деловните партнери кои соработуваат со Џенаро, кој по ограбувањето оди да бара пари кај нив за нова пратка. Пред Руџери, Азура го ослободува од обвиненијата за убиство и бегајќи од нападот на Нунција, ја открива измамата на Лучана, а Џенаро наредува на нејзиниот сопруг да ја убие. Сепак Маестрале не го прави тоа и ја крие надвор од Секондиљано, без знаење на шефот. Чиро, откако губи дел од своите луѓе и по торутрата и суровото убиство на Енцо, успева да го порази Џенаро, лишувајќи го од неговиот син, затворен во дом. Потоа пали дел од местата за продажба на Џенаро, со цел да го привлече вниманието на полицијата и да му нанесе штета во бизнисот. Тој, пак, свесен за ситуацијата, се подготвува да избега заедно со сопругата и синот, откако претходно го киднапирал синот на Руџери во замена за информација каде го чуваат малиот Пјетро.
Браќата Макауро, по задача на Џенаро почнуваат да го следат Маестрале и ја откриваат неговата тајна, како и тајното планирано бегство на Савастано. Постариот брат ‘О Муначело го уценува Маестрале да го убие Џенаро за да не избега со нивните пари, во спротивно ќе му ја каже тајната за Лучана, па двајцата ќе бидат мртви. Незнаејќи што да прави, Маестрале оди кај Чиро со цел да стави крај на војната, а тој ја користи приликата иако не му верува. Одат заедно во куќата на браќата, каде што се наоѓа и детето на обвинителот, а по телефонскиот повик Руџери им ја открива куќата каде е сместен Пјетро. Потоа Чиро предавнички го убива Маестрале, му наредува на ‘О Муначело да му ја донесе Азура и да ја убие Лучана. Чиро ја уценува Азура да му го донесе Џенаро во замена на нејзиниот син. Немајќи избор, таа става силно апче за спиење во чашата на Џени и го одведува кај Чиро.
Чиро и Џенаро повторно се среќаваат лице в лице по последната средба што ја имаа во Летонија. Во меѓувреме пристигнува дона Нунцијата која бара одмазда, како првично што се договорила со Чиро и ја зема Азура како заложник дека тој ќе го исполни ветувањето. По излагањето на Џенаро за повлекување од мафијата пред многубројните присутни, Чиро му помага да го земат Пјетро за семејството Савастано да можа да го напушти Неапол.
На пат кон местото за средба, луѓето на Чиро ја убиваат дона Нунзија и нејзиниот возач во заседа. Спасена е само Азура, која ја земаат за да може повторно да ја спојат со семејството. Така, Бесмртникот го има целото семејство Савастано пред себе и има можност да ги убие, но чувството на грижа на совест и загубата на неговото семејство го предомислува во таа намера и им дава можност да си заминат. Во тој момент доаѓаат луѓето на дона Нунција кои ги напаѓаат, поради тоа Џенаро ги испраќа само Азура и Пјетро, за тој да може да му помогне на Чиро. Во престрелката умираат дел од луѓето на Чиро, како и Џенаро застрелан неколкупати. Во солзи и обземен од чувство на тага поради загубата на пријателот, Чиро невнимателен и убеден дека е сам, е погоден од куршум во темнината, најверојатно од единствениот преживеан од луѓето на дона Нунција. Телото на Чиро паѓа до она на Џенаро. Смртта на кралот на Неапол и Бесмртниот го означуваат крајот на серијата.
Епизоди
уредиСезона | Епизоди | Prima TV |
---|---|---|
Првата сезона | 12 | 2014 година |
Втора сезона | 12 | 2016 година |
Трета сезона | 12 | 2017 година |
Четврта сезона | 12 | 2019 година |
Петта сезона | 10 | 2021 година |
Дистрибуција
уредиПрвата сезона на Гомора се емитуваше од 6 мај 2014 до 10 јуни 2014 година на Sky Atlantic и истовремено на Sky Cinema 1.
Почнувајќи од март 2014 година, серијата веќе беше продадена во повеќе од педесет земји, меѓу кои: Германија (Sky Deutschland), Франција (Canal+), Скандинавските земји (HBO Nordic), Обединетото Кралство (Sky), Латино Америка (HBO Latin America), САД (The Weinstein Company),[1] Израел (HOT) и Монголија (Supervision).[2]
На 22 септември 2014 година, серијата се емитува и во италијанските кино сали.[3]
Во јуни 2015 година, по првата сезона, серијата постигнува меѓународен успех и вкупно 113 земји ја купија и втората.[4]
Втората сезона од серијата се емитуваше од 10 мај 2016 година до 14 јуни 2016 година на Sky Atlantic, Sky Cinema 1, а од 31 март 2017 до 5 мај 2017 и на Rai 3.
Третата сезона се емитуваше на Sky Atlantic и Sky Cinema 1 од 17 ноември до 22 декември 2017 година.
Четвртата сезона се емитуваше на каналите Sky Atlantic и Sky Cinema 1 од 29 март 2019 до 3 мај 2019 година.
Во 2016 година, серијата е продадена во 190 земји.
Петтата сезона се емитуваше на каналот Sky Atlantic и на платформата Now од 19 ноември до 17 декември 2021 година.
Признанија
уреди- Римски фестивал на фикцијата 2014 година (Roma Fiction Fest 2014)
- Најдобро италијанско дело
- Најдобра италијанска актерка - Марија Пиа Калцоне
- Специјално споменување од жирито на Салваторе Еспозито
- Награда Скардамаља за најдобро сценарио на Стефано Бисес, Леонардо Фазоли, Лудовица Рамполди, Филипо Гравино и Мадалена Раваљи
- Награда Л.А.Р.А. за најдобар актер во фикција - Салваторе Еспозито
- Телевизиски фестивал во Монте Карло 2015 година (Festival della televisione di Monte Carlo 2015)
- Најдобар актер во серија - Марко Д'Аморе
Наводи
уреди- ↑ Gomorra venduta anche negli USA, TheHollywoodReporter.com 8 aprile 2014
- ↑ IL QUOTIDIANO FRANCESE ‘LE MONDE’ HA TITOLATO: “GOMORRA, SERIE NOIRE ECCEZIONALE”, DA QUESTA SERA SU CANAL+ Архивирано на 31 март 2016 г., tvzoom
- ↑ Gomorra - La serie al cinema. fattoquotidiano.it
- ↑ „Sky Atlantic | Sky TG24“. Архивирано од изворникот на 2016-06-19. Посетено на 2023-04-27.