Вулкански појас
Вулкански појас — големо вулкански активно подрачје. Помалите подрачја на активност се нарекуваат вулкански полиња или вулкански системи. Се среќаваат над подрачја на необично висока температура (700 до 1.400 °C) каде магмата се создава со делумно топење на цврст материјал во Земјината кора и горниот плашт. Овие подрачја обично се создаваат долж граници на тектонски плочи на длабочини од 10 до 50 км. На пример, вулканите во Мексико и западна Северна Америка се претежно вулкански појаси, како што е Трансмексиканскиот Вулкански Појас кој се протега 900 км од запад кон исток преку средно-јужно Мексико и Севернокордиљерската Вулканска Покраина во западна Канада. Во случајот на Исланд, геологот Г. Г. Баурдарсон во 1929 г. пронашол групи од вулкански појаси при проучувањето на полуостровот Рејкјанес.[1]
Длабоко изобличените и еродирани остатоци од прастари вулкански појаси се среќаваат на вулкански неактивни подрачја како Канадскиот Штит. Тоа содржи преку 150 вулкански појаси (денес изобличени и еродирани до степен на речиси рамни низини) со старост од 600 до 1.200 милиони години. Ова се подрачја со различно метаморфозирани мафични до ултрамафични вулкански низи и придружни седиментни карпи кои образуваат т.н. „зеленокамени појаси“. Се смета дека настанале во средишта на океанско ширење и терани на островски лакови во далечното минато. Зеленокамениот појас Абитиби во Онтарио и Квебек, Канада е еден од најголемите зеленокамени појаси на светот.
Вулканскиот појас е сличен на планински венец, но планините во венецот се вулкани, а не планини настанати со раседнување и набирање при судир на тектонски плочи.[2]
Настанок
уредиВулканските појаси можат да се образуваат во повеќе тектонски окружувања. Може да се создадат од зона ни подвлекување (подвлекување), кои се места на Земјата каде се среќаваат две тектонски плочи и се движат една кон друга, па една се вовлекува под другата и оди кон плаштот со стапка која се мери во сантиметри годишно. Океанска плоча обично се вовлекува под континентална плоча; ова создава орогено подрачје со многу вулкани и земјотреси. Така, зоните на подвлекување се спротивна појава на раздвојувачките граници, места каде материјалот се искачува од плаштот и плочите се одвојуваат. Пример за вулкански појас поврзан со подрачје на подвлекување е Охотско-чукотскиот Вулкански Појас во северна Евроазија, едно од најголемите такви подрачја на светото, протегајќи се 3.200 км и содржи 2 × 106 км3 вулкански и плутонски материјал.[3]
Појасите може да бидат создадени и од врели точки, места на Земјината површина кои долго време трпеле активен вулканизам. Овие вулкански појаси се нарекуваат „вулкански ланци“. Канадскиот геолог Џон Тузо Вилсон во 1963 г. дошол до идејата дека вулканските ланци како Хавајските Острови се производ на бавно движење на тектонска плоча преку неподвижна врела точка длабоко под површината на планетата, предизвикана од тесен млаз од врел плашт кој струевито се искачил од плаштово-јадрената граница наречена плаштова перјаница.[4] Меѓутоа, во поново време некои геолози како Гилијан Фулџер сметаат дека причинител е струењето во горниот плашт.[5][6][7] Ова од своја страна потворно го отворило прашањето на хипотезата за антиподни парови — идејата дека може да настанат парови од противположни врели точки како последица од астероиден удар.[8] Геолозите пронашле 40-50 вакви врели точки во светот, меѓу кои денес најактивни се Хаваите, Реинион, Јелоустоун, Галапагос и Исланд. Пример за вулкански појас на врела точка е Анахимскиот Вулкански Појас во Британска Колумција, Канада, настанат како последица од лизгањето на Северноамериканската Плоча врз Анахимската Врела Точка во западен правец.[9]
Највеќето вулкани врз врели точки се базалтни бидејќи избиваат преку океанската литосфера (на пр. Хаваите, Тахити). Поради ова, тие се помалку експлозивни од вулканите од зоните на подвлекување, кои содржат доста вода. Онаму кадешто врелите точки се јавуваат под континентална кора, базалтната магма е заробена во помалку густа континентална кора, која се загрева и топи образувајќи риолити. Овие риолити може да бидат прилично врели и разорни избуви, и покрај малата водена содржина. На пример, Јелоустоунската Калдера е настаната како последица од еден од најсилните вулкански избуви во геолошката историја на Земјата.
Примери
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Thordarson, T.; Larsen, G. (2007). „Volcanism in Iceland in historical time: volcano types, eruption styles and eruptive history“. Journal of Geodynamics. 43 (1): 118–152. Bibcode:2007JGeo...43..118T. doi:10.1016/j.jog.2006.09.005.:123
- ↑ Volcano World - What is a volcano belt? Архивирано на 26 мај 2007. посет. 8 јули 2007 г
- ↑ Ispolatov, V. O.; Tikhomirov, P. L.; Heizler, M.; Cherepanova, I. Yu. (мај 2004). „New 40Ar/39Ar Ages of Cretaceous Continental Volcanics from Central Chukotka: Implications for Initiation and Duration of Volcanism within the Northern Part of the Okhotsk Chukotka Volcanic Belt (Northeastern Eurasia)“. The Journal of Geology. 112 (3): 369–377. Bibcode:2004JG....112..369I. doi:10.1086/382765. S2CID 129022397.
- ↑ „Hotspots [This Dynamic Earth, USGS]“. pubs.usgs.gov. Архивирано од изворникот 3 февруари 2006. Посетено на 23 март 2018.
- ↑ Foulger, Gillian. „The Great Plumes Debate 2003“. Архивирано од изворникот на 6 септември 2007. Посетено на 10 февруари 2008.
- ↑ Wright, Laura. „Geotimes - November 2000: New Notes“. www.geotimes.org. Архивирано од изворникот 8 август 2017. Посетено на 23 март 2018.
- ↑ „Gillian R. Foulger“ (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 3 јули 2007. Посетено на 8 јули 2007.
- ↑ „Antipodal hotspots and bipolar catastrophes: Were oceanic large-body impacts the cause?“ (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 28 ноември 2007. Посетено на 2 февруари 2008.
- ↑ Volcanoes of Canada - Map of Canadian volcanoes Архивирано на 2 јуни 2008. посет. 8 јули 2007 г
Надворешни врски
уреди- Вулкански појас на Ризницата ?