Влада во егзил ― привремена влада на суверена или полусуверена држава евакуирана или формирана во туѓа земја од прогонета група луѓе кои се надеваат дека ќе владеат по ослободувањето на нивната земја.[1] Владите во егзил обично очекуваат еден ден да се вратат во својата родна земја и да ја обноват формалната моќ. Владата во егзил се разликува од скусена држава во смисла дека скусената држава контролира барем дел од својата поранешна територија.[2] На пример, за време на Првата светска војна, речиси цела Белгија била окупирана од Германија, но Белгија и нејзините сојузници контролирале мал дел во западниот дел на земјата.[3] За разлика од тоа, владата во егзил во целост ја губи територијата со која владее. Меѓутоа, во практика мала е разликата; во горниот пример, белгиската влада во Сен-Адрес се наоѓала на француска територија и дејствувала како влада во егзил.

Владите во егзил најчесто се појавуваат за време на воена окупација или како последица на граѓанска војна, револуција или воен удар. На пример, за време на германската експанзија во Втората светска војна, некои европски влади побарале засолниште во Обединетото Кралство, за да ги избегнат последиците ако паднат во раце на нацистичка Германија. Од друга страна, привремената влада на слободна Индија прогласена од Нетаџи Субас Чандра Бозе се обидела да ја искористи поддршката од јапонските инвазивни сили за да ја преземе контролата врз земјата од според нив британските окупатори. Откако нацистите се повлекле од Франција, во енклавата во Зигмаринген биле сместени членовите на Вишиевската влада како француска влада во егзил.

Влада во егзил може да се создава и голем дел од населението верува дека владејачката влада е нелегитимна. Како резултат на избувнувањето на сириската граѓанска војна во 2011 година, на пример, била формирана Националната коалиција за сириските револуционерни и опозициски сили чии членови се обиделе да стават крај на владеењето на владејачката партија Баас.

Владите во егзил може делумно или воопшто да не се признати од другите држави. Делотворноста на владата во егзил првенствено зависи од тоа колку поддршка добива од странските влади или од населението во матичната земја. Некои прогонети влади се развиваат во застрашувачка сила, што претставува сериозен предизвик за актуелниот режим на земјата, додека други се одржуваат претежно како симболичен гест.

Влади во егзил постоеле и пред да започне формалната употреба на терминот. Во периодите на монархиско владеење, прогонетите монарси или династии понекогаш создавале дворови во егзил, каков што е примерот со Стјуартската династија кога Оливер Кромвел ги протерал од престолот и во Славната револуција.[4] Бурбонската династија е уште еден пример затоа што во тоа време од другите земји била признаена како легитимна власт во Франција по нејзиното соборување за време на Француската револуција. Поддршката продолжила и за време на владеењето на Наполеон Бонапарт и Наполеоновите војни од 1803–04 до 1815 година. Со распространувањето на уставната монархија како начин на владеење, протераните монархистички влади во својот состав почнале да вклучуваат и премиер, каков што бил случајот со холандската влада за време на Втората светска војна на чело со Питер Шурдс Хербранди.

Активности уреди

Меѓународното право признава дека владите во егзил можат да преземат многу различни активности при вршењето на секојдневните работи. Вакви активности се:

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Princeton University WordNet“. Wordnetweb.princeton.edu. Посетено на 20 September 2012.
  2. Tir, J. (22 February 2005).Keeping the Peace After Secessions: Territorial Conflicts Between Rump and Secessionist States". Paper presented at the annual meeting of the International Studies Association, Hilton Hawaiian Village, Honolulu, Hawaii. Retrieved 22 May 2009.
  3. De Schaepdrijver, Sophie (2014). „Violence and Legitimacy: Occupied Belgium, 1914–1918“. The Low Countries: Arts and Society in Flanders and the Netherlands. 22: 46. OCLC 948603897.
  4. Corp, Edward (2009). A Court in Exile: The Stuarts in France, 1689-1718. Cambridge University Press. стр. 12. ISBN 978-0521108379.