Википедија:Избрана статија/2023/47
Бактерии — голем домен на прокариотски микроорганизми. Типично се неколку микрометри во должина и се среќаваат во голем број на облици, вклучувајќи сфери, стапчиња и спирали. Бактериите се едни од најстарите животни форми на планетата и може да се најдат во скоро сите хабитати. Тие ги населуваат океаните, копното, врелите извори, екстремно кисели води и радиоактивни отпади, а може да се најдат дури и на големите длабочини на Земјината кора. Тие исто така живеат во сложените повеќеклеточни организми како што се животните и растенијата, а со нив формираат симбиотски или паразитски односи. Повеќето бактерии сè уште не се карактеризирани, а само околу половина од сите бактериски колена имаат видови кои може да се одгледуваат во лабораторија. Науката за бактерии се нарекува бактериологија и претставува гранка на микробиологијата.
Во еден грам почва има околу 40 милиони бактериски клетки, а во милилитар слатка вода има околу милион бактериски клетки. На планетата Земја има околу 5×1030 бактерии. Ова образува бактериска биомаса која е поголема од растителната и животинската биомаса заедно. Бактериите се неопходни за многу фази од циклусот на елементите во биосферата, како што се врзувањето на јаглеродот и азотот од атмосферата. Циклусот на елементите исто така вклучува разградување на телата на мртвите организми, а бактериите се најодговорни за фазата на гниење на овој процес. Во биолошките заедници кои живеат околу хидротермалните извори или студените извори, екстремофилните бактерии ги обезбедуваат виталните хранливи материи кои се неопходни да се одржи животот во овие средини; како што е искористувањето на метан и сулфурводород за продукција на енергија.
Порано бактериите се сметаа за растенија и се класифицираа во класата Schizomycetes. Денес бактериите се класифицираат како прокариотски организми кои за разлика од животинските, растителните и другите еукариотски организми не поседуваат клеточно јадро и немаат мембрански органели. Иако традиционално терминот "бактерии" се користеше за сите прокариоти, научната класификација се промени со почетокот на деведесеттите години од дваесетиот век, по откритието дека археите се посебна група на прокариоти кои заедно со бактериите еволуирале од заеднички предок. Денес бактериите и археите се класифицирани во два одделни домени на животот, а третиот го чинат еукариотите. (Дознајте повеќе...)