Боздаг

планина во Драмско, Егејска Македонија

Боздаг (Драмски Боздаг или Мраморица; грчки: Φαλακρό, Фалакро) — планина во Драмско, североисточна Егејска Македонија, денес во Грција. Највисока точка е врвот Свети Илија (Профитис Илијас) со 2.232 м, втора по височина е Вардина (2.194 м). Од другите врвови, позначајни се: Триглав (Трија Кефалија, 2.176 м), Снежна Дупка (Хионитрипа, 2.111 м), Лажен Заб (Псевдодонти, 2.086 м) и Момина Могила (Корицомагула, 1.996 м). Снежна Дупка е така наречена по пештерската пропаст близу врвот со длабочина од 100 м, со карактеристични ледени сталактити и сталагмити. На север од планината се одделува огранокот наречен Штилка или Свети Тодор кој навлегува во Пиринска Македонија кај с. Беслен, а на југ два огранока, кои се протегаат до Драмското Поле, наречени Дебелина и Дабар. На запад, преку краткиот планински гребен Штудер е сврзана со планината Серски Боздаг (Меникио), а на север се долината на реката Места и областа Чеч (Пиринска Македонија). На југоисток преку венецот Голомбар се граничи со планината Урвил, а на југ се протега Драмското Поле. Од Боздаг извире реката Драматица (Ангитис).

Боздаг
Поглед на Боздаг од југ
Највисока точка
ВрвСвети Илија
Надм. височина2.232 м
Координати41°17′38″N 24°05′41″E / 41.2939° СГШ; 24.0947° ИГД / 41.2939; 24.0947
Географија
Боздаг is located in Грција
Боздаг
МестоДрамско, Егејска Македонија
Поглед на Боздаг

Планината се одликува со значајна растителна разновидност – над 500 различни таксономски единици (видови и подвидови). Високите делови на планината се вклучени во биолошката мрежа „Натура 2000“ под името „Врвовите на планината Боздаг“.

Друга туристичка атракција е пределот од височина 1.200 м нагоре на јужната страна од планината, кој е погоден за параглајдерство.

Обележје на планината се мермерните каменоломи. Карпите се прекриени со глинеста почва. Пониските делови се обраснати со шума, а повисоките се тревести. По северните падини пасат стада крави, овце, коњи и мулиња. Од подножјето има патеки до секој врв. Скијачкиот центар „Боздаг“ („Фалакро“) се наоѓа на надморска висина од 1.702 м и претставува појдовна точка за ситигнување до високите врвови на планината. Располага со современа инфраструктура и важи за еден од најдобрите во Грција. До центарот се стасува по двоен асфалтиран пат од селото Волак. Највисокиот врв (Свети Илија) се искачува за околу еден час и до него водат три патеи – северна, по билото и јужна.

За време на бугарската окупација во 1942 г., планината е преименувана во Мраморица, но ова име денес не се наложува како најправилното.[1] Боздаг на турски значи сива планина, а грчкото име Фалакро орос значи ќелава планина.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Йордан Иванов. „Местните имена между Долна Струма и Долна Места“. София, БАН, 1982, стр. 161.