Благоја Ивановски

Благоја Ивановски (роден на 28 февруари 1921 година во Скопје - починал на 14 мај 1994 година во Скопје) — македонски композитор. Се категоризира во втората генерација македонски повоени композитори. Заедно со Смокварски и Македонски, бил еден од втемелувачите на современиот македонски симфонизам[1]

Благоја Ивановски
Роден(а)28 февруари 1921
Скопје
ПотеклоМакедонија Македонија
Починал(а)14 мај 1994
Скопје
ЗанимањаКомпозитор

Животопис

уреди

По завршувањето на основното училиште, во 1936 година се запишал на Военото музичко училиште во Вршац. Во Вршац главно се подготвувале идните инструменталисти на воените оркестри. По распаѓањето на предвоена Југославија, се вратил во Скопје, а во 1944 година му пристапил на Скопскиот одред, како заменик на командантот на II одред. Кон крајот на 1944 година станал член на штотуку формираниот Симфониски оркестар (подоцна Македонска филхармонија).

Со првите композиторски обиди (1947) се јавила и желбата за натамошно стручно усовршување. Во 1948 година се запишал на Музичката академија во Белград, најнапред во класата на Миховил Логар, а подоцна во класата на Љубица Мариќ. Во 1953 година ги прекинал студиите по композиција и се вратил во Скопје. Речиси целиот работен век потоа го поминал во Радио Скопје извршувајќи одговорни функции, меѓу другите и уредник на Музичката продукција на Радиото. Во повеќе наврати бил член на раководството на Здружението на композиторите на Македонија, а еднаш и член на главниот одбор на тогашен СОКОЈ. Поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски му е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми. Тоа произлегува од една страна од фактот што една од преокупациите во време на војната му била проучувањето на историјата на македонскиот народ, а од друга страна – неговото потекло. Имено, потекнувал (по лозата на мајка му) од комитско семејство. Поради отпорот кон Турците, дедо му бил во ропство 7-8 години, подоцна бил гаваз во Бугарската гимназија (оттаму и прекарот Стојан Гавазот), а во 1903 година со своја чета се борел против турскиот аскер кога и загинал. Првото дело со кое се навестила неговата идна успешна кариера како композитор е композицијата „Размислување“ (1954), која освен одличниот прием и оценки кај тогашната македонска стручна јавност и критика, доживеала низа изведби во повеќе земји во светот. Веќе во него се открива врската на авторот со македонската народна традиција (5/8 такт), која ќе биде присутна во целиот творечки опус. Подоцна создал уште низа оркестарски композиции, главно со програмска содржина и историска тематика (на пример – трилогијата „Самуилова епопеја“).

Починал на 14 мај 1994 година во Скопје.

Наводи

уреди
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Ивановски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 585. Text "series " ignored (help)