Бановиќ Страхиња (српски: Бановиһ Страхиња) е српска епска песна (бугарштица).

Содржина уреди

Прва верзија уреди

Бановиќ Страхиња бил голем јунак, владетел на малата бановина Бањска, покрај Косово Поле. Еден ден, тој заминал во Крушевац, на посета кај таткото на жена му, Југ-Богдан. Таму го пречекале со сите почести, а потоа, во текот на неколку денови, тој ги посетувал благородниците во околината. Меѓутоа, едно утро, Страхиња добил писмо од мајка му, која му соопштила дека за време на неговото отсуство, во Бањска упаднал турскиот одметник Влах-Алија, кој го разурнал неговиот замок, ги избркал слугите, со коњот ја изгазил мајка му и му ја грабнал жената. Бановиќ Страхиња го замолил Југ-Богдан да му ги даде деветте синови за да одат во Косово во потрага по грабнатата жена. Притоа, неговиот план бил тој и синовите на Југ-Богдан да се преоблечат во турски војници, бидејќи разбрал дека на Косово Поле се собрала огромна турска војска. Југ-Богдан го одбил предлогот, со цел да ги заштити своите синови. Тогаш, Бановиќ Страхиња го јавнал својот коњ, го зел со себе својот верен загар, Караман и отишол сам во Косово за да го бара Влах-Алија. Покрај реката Ситница, тој видел турски чадор и мислел дека го пронашол Влах-Алија. Меѓутоа, во чадорот седел еден пијан дервиш, кој веднаш го познал Бановиќ Страхиња, зашто своевремено бил затворен кај него за време од девет години. Бидејќи Бановиќ Страхиња добро се однесувал кон него, дервишот се заколнал дека нема да го предаде и, истовремено, му кажал дека Влах-Алија бил сместен на планината Голеч.

Изутрината, Бановиќ Страхиња се упатил кон чадорот на Влах-Алија, кој спиел во прегратката на жената на Страхиња. Тогаш, таа го разбудила, предупредувајќи го за опасноста што му се заканувала, но Влах-Алија бил убеден во својата сила и не се исплашил. Меѓу двајцата започнала борба во која најпрвин им се искршиле копјата, потоа и боздоганите, а на крајот и сабјите, но никој не можел да го победи противникот. Затоа, Бановиќ Страхиња ѝ рекол на жена си да го земе остатокот од скршената сабја и да го убие оној кој не го сака. Таа го избрала Влах-Алија и го удрила својот маж по главата, но бидејќи тој носел турбан, поминал само со полесна повреда. Налутен, Бановиќ Страхиња добил дополнителна сила и со заби му го прегризал грлото на Влах-Алија. Потоа, ја однел жена си кај нејзиниот татко, Југ-Богдан и таму му раскажал што се случило. Југ-Богдан се налутил поради предавството на неговата ќерка и на синовите им рекол да ги извдадат ножевите и да ја исечат на парчиња. Меѓутоа, Бановиќ Страхиња им се спротивставил, укорувајќи ги за нивниот кукавичлук, кога ги замолил да му се придружат во потрагата по Влах-Алија, па така ја оставил жена си да живее.[1][2][3]

Втора верзија уреди

Браќата Уговиќи се веселат во својот дворец, а нивниот зет, Бановиќ Страхиња стои замислен. Стјепан Уговиќ го прашува за причините на неговата тага, тешејќи го дека, ако тагува по својата грабната невеста, тие ќе му најдат друга жена, а ако тагува за опустошениот дворец, тие ќе наметнат царина во земјата и така ќе му обезбедат богатство. На тоа, Бановиќ Страхиња одговара дека не може да се откаже од сопругата Елица и затоа ќе оди во планината во потрага по неа. Стјепан му нуди еден од браќата Уговиќи да му се придружи, но Бановиќ Страхиња ја одбива понудата и заминува сам, одејќи пеш, во придружба на својот загар Безбелег. Во планината среќава Турчин кому му се претставува како пријател на Деналија Влаховиќ за кого слушнал дека умрел. Но, Турчинот му кажува дека Деналија е жив и дека се наоѓа се наоѓа крај брегот на Дунав. Бановиќ Страхиња го наоѓа Деналија како спие во скутот на Елица, која веднаш го буди и така почнува борба меѓу двајцата јунаци. Борбата е рамноправна и никој не може да победи, но Деналија се лизнува на тревата и паѓа, па ја повикува Елица да дојде и да му помогне на едниот или на другиот. Елица почнува да го удира својто сопруг по рамото, но тој го повикува својто загар, кој му го прегризува грлото на Деналија. Знаејќи што ја чека, Елица го јавнува коњот на Деналија и бега низ планината, а Бановиќ Страхиња ја моли да се врати, со ветување дека нема да ја повреди, туку ќе ја однесе кај нејзините браќа. Таа се враќа назад, Бановиќ Страхиња го граба богатството на Деналија и со сопругата се враќа во дворецот на браќата Уговиќи. Таму започнува голема веселба, но Бановиќ Страхиња повторно седи нерасположен. Кога му ја кажува на Стјепан Уговиќ случката во планината и му ги покажува раните на рамото, браќата Уговиќи ја убиваат својата сестра.[4]

Осврт кон песната уреди

Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од старецот Милија кој бил родум од Колашин, Херцеговина, а во времето на Караѓорѓе Петровиќ пребегал во Србија и се населил во пожешката нахија. Со помош на кнезот Милош Обреновиќ, Караџиќ се сретнал со Милија во Крагуевац, во 1822 година. Според сведоштвото на Караџиќ, старецот Милија не знаел песните да ги кажува по ред, така што бил принуден да бара да му ги пее песните полека и по неколкупати, за да може да ја поврзе содржината. Освен тоа, Милија воопшто не сакал да пее без ракија.[5] Мотивите во „Бановиќ Страхиња“ имаат паралела во руската песна за Иван Годинович.[6] Бановиќ Страхиња е првиот јунак во српската епска поезија кому Турците му направиле неправда и кој ја почувствувал горчината на предавството. Пред битката, напуштен од сопругата и од нејзините браќа, тој се упатува сам низ непрегледната турска војска, наоѓа доволно сила да го победи Влах-Алија, а потоа да ѝ прости на неверната жена.[7]

Врз основа на песната за Бановиќ Страхиња, во 1981 година е снимен истоимениот филм во режија на Ватрослав Мимица, а ликот на Страхиња го игра Франко Неро.[8]

Наводи уреди

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 29-49.
  2. Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 77-96.
  3. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 117-138.
  4. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 36-39.
  5. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 489.
  6. В.Ђ., „Поговор - О интернационалним мотивима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 486.
  7. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 13.
  8. IMDb, Banovic Strahinja (1981) (пристапено на 27.6.2020)