Балканска федерација
Балканска федерација или Балканска конфедерација бил проект за создавање на федерација или конфедерација на балканските земји.
Оваа идеја ја претставил во Европа и ја популаризирал Пол Аргиријадес (1869-1894).
Политичка позадина
уредиЗа време на владеењето на Османлиите со Балканот постоела единствена географска целина, без внатрешни граници. Во 19 век доаѓа до создавање на национални држави и воспоставување на меѓудржавни граници.
Новонастанатите национални држави на Балканот ја прифатиле стратегијата на ширење на сопствените територии. Во тоа време поимот „нација“ бил сфаќан како етничка заедница која има потреба повторно да се обедини врз основа на своите историски предосманлиски делови. Така, Грција требало да стане Голема Грција, Бугарија - Голема Бугарија, а Србија - Голема Србија. Оваа политика била поврзано со етнички чистења.
Македонско прашање
уредиИдејата за Балканска Федерација е тесно поврзана со Македонското прашање, кое е дел од поголемото Источно прашање.
Македонскиот интелектуалец Спиро Гулапчев објавил во 1887 година свој проект за Источна федерација на Балканот од осум држави учеснички: Македонија (во нејзините географски и етнички граници), Епир(Албанија), Европска Турција, Црна Гора, Романија, Србија, Бугарија и Грција.
Македонските социјалисти се застапувале за создавање самостојна македонска република во федерација на балканските републики. Во почетокот на XX век македонските интелектуалци, групирани во Србија околу весникот „Балкански гласник“ (Белград, уредуван од Стефан Јакимов Дедов) и тие во Русија, организирани во Македонското научно-литературно другарство, се застапувале за создавање самостојна македонска национална држава, „пиемонт“ за обединување на словенските и православни народи на Балканот, „балканското словенство и православие“.
Непосредно по Илинденското востание (јануари 1904), претставниците на ТМОРО Борис Сарафов и Михаил Герџиков отпатувале во Рим за да ја заинтересираат Италија заедно со Франција и Англија да се ангажираат за создавање македонска држава, јадро за формирање Балканска конфедерација. Македонскиот клуб во Белград и неговиот орган, весникот „Автономна Македонија“ (1905), што го издавале Хаџиташковиќ и Ѓерѓиковиќ, се застапувал исто така за балканска федерација/конфедерација.
Народната федеративна партија на Јане Сандански (1908) се определила за создавање Источна федерација со Македонија како одделна федерална единица. За создавање Балканска федерација, односно конфедерација се застапувале и социјалдемократските организации 1908–1913, македонските интелектуалци во Русија (1913–1914 и 1917–1924), а македонските друштва во Швајцарија (1919) барале создавање македонска држава и балканска, односно јужнословенска федерација.
По војната ВМРО (Обединета) се определила за македонска република во балканска федерација.
Балканската Федерација се предлага како решение на Македонското прашање, и како таква се појавува во повеќе програми на ВМОРО. Идејата била разгледувана од голем број на видни дејци на организацијата на чело со Гоце Делчев. После Илинденското востание 1903 година и расцепот на ВМОРО, левото крило на организацијата на чело со Јане Сандански, после младотурската револуција ја основа Народната федеративна партија која испаќа делегати во Османлискиот парламент, едниот од нив е Димитар Влахов. Исто така, започнува со издавање на весникот „Балканска федерација“ во Виена, кој претставувал орган на левото крило на ВМОРО.
Поврзано
уредиЛитература
уреди- М. Миноски, Федеративната идеја во македонската политичка мисла (1887 & 1919), Скопје, 1985;
- А. Христов & М. Миноски, Идејата за федерација во македонското националноослободително движење и неговите програмски основи (1893 & 1935), Зборник на документи, Скопје, МАНУ, 1994;
- М. Пандевски, Политички партии и организации во Македонија (1908 & 1912), Скопје, 1965;
- Б. Ристовски, Македонскиот народ и македонската нација, ИИ, Скопје, 1983, 75 & 144;
- Б. Ристовски, Програмата на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград од 1917 година за Балканска федеративна демократска република (Прилог кон проучувањето на идејата за Балканска федерација во македонското револуционерно движење), "Историја", 1, 1977.