Ајдар-кади џамија
Ајдар-кади џамија — отоманска џамија во Битола. Таа е типична битолска џамија, со квадратна основа, голема единична купола и порта. Куполата, висока 20 метри, лежи на цилиндар кого од своја страна го држат дванаесеттоаголни столбови. Надворешноста е многу едноставна, единствениот украс се тулите кои ги опшиваат отворите. Оваа џамија е единствена во Македонија со две минариња.[1].
Основни податоци | |
---|---|
Место | Битола, Општина Битола |
Припадност | сунитски ислам |
Духовно-организациски статус | активна |
Водство | Битолско муфтиство |
Архитектонски опис | |
Архитектонски тип | џамија |
Архитектонски стил | османлиска архитектура |
Завршен | 1563 |
Особености | |
Куполи | 1 |
Висина на куполата (надв.) | 19 метри |
Минариња | 2 |
Материјали | камен |
Местоположба
уредиСе наоѓа во стариот „Овчи Пазар“, блиску до стариот амам „Дебој“ и до стариот пазар.
Историја
уредиБила изградена во 1561-1563 година од кадијата Ајдар од Битола. Џамијата е градена од градители од школата на најголемиот османлиски градител Мимар Синан и е позната како џамија „Принцеза на Балканот“.[2] Впечатливата џамија била изградена од Ајдар-ефенди при неговото назначување за кадија во Битола. За издршка на храмот Ајдар-ефенди основал вакаф со продавници, анови, и куќи меѓу Чира Пазар и затворот Ченгел каракол. Во 1607 година се додадени и нови вакафи од везирот Ахмед-паша со годишен фонд од 60 000 акчиња и 9 000 акчиња приход. Кога во 1661 година Евлија Челебија ја посетил Битола кажал: „Ајдар-кади џамија е уметнички прекрасна градба за религиозна намена“[3] Кон комплексот на џамијата е додадена медреса, која е пет пати обновувана. За време на Првата балканска војна во 1912 година, џамијата била напуштена. За време на Првата светска војна минарето било погодено од артилериска граната и било срушено. По 1945 година џамијата била прогласена за споменик на културата. Меѓу 1960 и 1961 година била направена реставрација од архитектот Крум Томовски.[4][5] Долги години потоа храмот бил запоставен. Внатрешноста била доста оштетена, единствено михработ бил зачуван. Другите елементи биле изгубени пред реставрацијата извршена во 1960-1961 година. Муралите биле ретки и во многу лоша состојба.[1].
Реставрацијата, конзервацијата и реконструкцијата на Ајдар-кади џамијата започнала на 12 мај 2014 година (заедно со Исак џамијата) со поддршка на Турција.[6]. На 4 ноември 2016 година Ајдар-кади џамија е свечено отворена[7]
Архитектура
уредиНатпис
уредиНад главниот портал има добро зачувана мермерна плоча со размери 108 x 65 cm со натпис во три реда.[4]
Од најправедниот од кадиите, нашиот господар Ајдар-кади. Нека Семоќниот Бог го благослови и му даде прекрасен престој во Рајот, Рај со пролетен шадрван. Тој ја изгради оваа џамија и пријатно место за богослужба само од името на Семоќниот Господар и сакајќи да биде задоволен од неа (од џамијата). Тој беше дарежлив добродетел. Година 969.[4]
Молитвен простор
уредиХрамот има голем квадратен молитвен простор 10,95 m на 10,98 m, покриен со 20-метарска купола која лежи на дванесетаголен цилиндар. Пропорцијата од 1:2 ја акцентира височината на куполата. Ѕидовите дебели меѓу 1,38 и 1,48 м се состојат од два реда тули и еден ред делкан камен, кои наизменично се менуваат што е многу слично со ѕидарската техника на Синановата школа. Како сврзен материјал користен е малтер. Сличности можат да се најдат со Синан-пашината џамија во Бешикташ и Кара Ахмед-паша килије во Топкапи во Истанбул од 1550 до 1560 година.[4]
Внатрешноста на Ајдар-кади џамијата е богато осветлена од 12 цилиндрични и странични прозорци - по осум на секој ѕид, освен на ѕидот кон портикот, каде има само четири. Иако внатрешноста е многу оштетена, зачуван е оригиналниот михраб украсен со пет реда сталактити, додека махвилот и минбарот скоро ги нема.[4]
Од сликаната декорација пред реставрацијата 2014-2016, во горните зони има само траги, а во долните зони таа е оштетена или целосно уништена. Околу прозорците, лаковите и тромпите има стилизирана сликана геометриска орнаментика. Како стил, тие припаѓаат на XIX век и се слични со декорацијата што се користи во Анадолија. Михработ и тромпите се извајани, а на портикот, главните капители и минбарот има декорација со низок релјеф.[8]
Галерија
уреди-
Џамијата пред обновата, во 2011 година
-
Минарето на Ајдар-кади џамија
-
Кон влезот во џамијата
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 (англиски) Macedonian Cultural Heritage, Ottoman Monuments, Unesco Office Venice[мртва врска]
- ↑ (англиски) Мрежно место на Агенцијата за регионален развој на Пелагонија - Џамии Архивирано на 6 март 2016 г.
- ↑ Mihajlovski, Robert (2010). „The Sixteenth Century Mosques of Bitola/Toli Manastir“ (PDF). Патримониум. 7–8: 362.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Mihajlovski, Robert (2010). „The Sixteenth Century Mosques of Bitola/Toli Manastir“ (PDF). Патримониум. 7–8: 363. Посетено на 21 март 2015.
- ↑ Pavlov, Zoran, Radmila Petkova (2008). Ottoman Monuments (PDF). Skopje: Macedonian Cultural Heritage, Ministry of Culture of the Republic of Macedonia. стр. 18. ISBN 978-608-4549-03-01 Проверете ја вредноста
|isbn=
: length (help). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. - ↑ „Нов сјај за двете најубави џамии во Битола“. Архивирано од изворникот на 2017-04-25. Посетено на 2015-09-05.
- ↑ Свечено отворена Хајдар-кади џамија Архивирано на 14 септември 2017 г. на семрежното место на Тера телевизија
- ↑ Pavlov, Zoran, Radmila Petkova (2008). Ottoman Monuments (PDF). Skopje: Macedonian Cultural Heritage, Ministry of Culture of the Republic of Macedonia. стр. 20. ISBN 978-608-4549-03-01 Проверете ја вредноста
|isbn=
: length (help). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04.