Алфред Адлер
Алфред Адлер[1] (7 февруари 1870 – 28 мај 1937) австриски лекар кој дал голем придонес во развојот на психологијата преку неговиот теориски систем наречен поединечна психологија.[2]
Алфред Адлер Alfred Adler | ||
Роден | 7 февруари 1870 Рудолфсхајм, Австрија | |
---|---|---|
Починал | 28 мај 1937 Абердин, Шкотска Срцев удар | |
Познат | за поединечна психологија | |
Занимање | Психијатар | |
Сопружник | Раиса Епштајн |
Адлер е роден во Виена како трето дете, втор син, во семејство на татко Евреин – трговец со жито и неговата жена. Како дете Адлер развил рахитис што го попречувало да прооди сè до неговата четврта година. На петгодишна возраст се разболел од пневмонија и за влакно и избегал на смртта. На оваа возраст веќе кажувал дека сака да биде лекар.
Адлер бил просечен ученик и многу повеќе сакал да игра отколку да седи во училишната клупа. Бил доста дружељубив, популарен и палав и бил познат по напорите што ги вложувал, постојано да го надминува својот постар брат.
Лекарската диплома ја стекнал на виенскиот универзитет во 1895 година. Во текот на студиите се приклучил кон група студенти-социјалисти каде што се запознал со неговата идна сопруга Раиса Тимофејевна Епстајн. Таа била интелектуалка и општествена активистка, дојдена од Русија да студира во Виена. Стапиле во брак во 1897 година и имале четири деца од кои две, подоцна, станале психијатри.
Својата лекарска пракса Адлер ја започнал како офталмолог, но набрзо се преориентирал кон општата пракса и отворил своја ординација во посиромашниот дел од Виена во кој се наоѓал забавен парк и циркус. Меѓу пациентите имало и луѓе од циркусот, па некои автори претпоставуваат дека невообичаената силина и слабостите на изведувачите го навеле да ги истражува инфериорноста на некои органи и компензацијата[3].
Потоа се насочува кон психијатријата и во 1907 година бил поканет да се приклучи на Фројдовата дискусиона група. По пишувањето на некои трудови за инфериорноста на органите кои доста се совпаѓале со Фројдовите сфаќања, прво напишал труд во врска со инстинктот за агресија со кој Фројд не се согласувал, а потоа труд за чувствата на инфериорност кај децата во кој укажува дека Фројдовите поими за сексуалноста треба да се сфатат повеќе метафорички отколку буквално.
Иако Фројд го назначил Адлер за претседател на виенското аналитичко здружение и соуредник на билтенот на истото, Алфред не престанал со критиките. Била одржана дебата помеѓу Адлеровите и Фројдовите приврзаници која резултирала со напуштање на здружението од страна на Адлер и девет негови истомисленици кои во 1911 година го формираат Здружението за Слободна Психоанализа. Следната година тоа прераснува во Здружение за Поединечна Психологија.
Во текот на Првата светска војна, Адлер служел како лекар во австриската војска, прво, на рускиот фронт, а подоцна во детска болница. Непосредно имал прилика да ги види ужасите од војната, па неговите размисли особено го насочил кон поимот - социјален интерес. Сметал дека човештвото ќе треба да го промени колосекот ако сака да преживее.
По војната бил вклучен во најразлични проекти, вклучувајќи ги клиниките кои биле поврзани со државните училишта и обуки на учителите. Во 1926 година оди во Соединетите Американски Држави за да држи предавања каде што и добива позиција како визитинг професор на Лонг Ајленд колеџот за медицина. Во 1934 година, поради политички притисоци, целото негово семејство засекогаш ја напушта Виена. Во 1937 година за време на серија предавања на Абердин универзитетот умира од срцев удар.
Негови најпознати дела се: “The Theory and Practice of Individual Psychology” (1918) и “Pattern of Life” (1930).
Наводи
уреди- ↑ „Definition of Adler | Dictionary.com“. www.dictionary.com (англиски). Посетено на 2022-06-24.
- ↑ Hoffman, E. (1994). The Drive for Self: Alfred Adler and the Founding of Individual Psychology. Reading, MA: Addison-Wesley. стр. 41–91. ISBN 978-0-201-63280-4.
- ↑ Carlson, Neil R. (2010). Psychology the science of behaviour.