Шест лица го бараат писателот
Шест лица го бараат писателот или Шест лица го бараат авторот (италијански: Sei personaggi in cerca d'autore) е сатирична трагикомедија на италијанскиот писател Лујџи Пирандело, за првпат изведена во 1921 година, во театарот Вале во Рим.
Содржина
уредиТематско-фабуларната основа на оваа драма потсетува на натуралистичките драми. Тоа е судбината на едно семејство, чии членови се одредени само со своите семејни односи, па се нарекуваат: Татко, Мајка, Пасторка, Син, Момче и Девојче.
Буквално земено, драмата зборува за трагичната пропаст на семејството: Согледувајќи дека сопругата извронредно се сложува со неговиот секретар, Таткото му ја „предава“ Мајката на секретарот, така што таа се премажува со него и раѓа три деца. Дури откако се разделува со сопругата, кај Таткото се јавува необичен интерес за неа и за нејзините деца. Подоцна, Мајката и секретарот се селат во друга земја, но секретарот умира и семејството запаѓа во беда, така што тоа повторно се враќа назад. Мајката почнува да работи во божемниот кројачки салон на Мадам Паче за да може да ги издржува децата. Тој кројачки салон, всушност, е јавна куќа, во која Пасторката работи како проститутка, а исцрпувачката работа на Мајката е само завеса зад која се крие вистинскиот извор на приходите на семејството. Кулминацијата настапува кога Таткото доаѓа во јавната куќа и води љубов со Пасторката, без да знае која е таа. Подоцна, Пасторката оди во домот на Таткото и успева да издејствува тој да го прими целото семејство. Меѓутоа, нивното доаѓање му пречи на Синот, кој потекнува од бракот на Таткото и Мајката, но бил одделен од Мајката од двегодишна возраст. Синот се смета себеси за единствениот законски наследник на Таткото и не е наклонет кон своите присестри. Истовремено, тој е рамнодушен кон Мајката и гледа со презир кон Таткото, додека Мајката тагува поради неможноста да воспостави близок однос со Синот кого не го видела две децении. Најпосле, драмата завршува трагично, зашто Девојчето се дави во барата во градскиот парк, а Момчето наоѓа револвер и извршува самоубиство.[1]
Во делото, оваа семејна трагедија, всушност, е испрекинато раскажана од членовите на семејството, додека на сцената се случува нешто сосема друго: Во еден театар, лицата означени како: Директор на драмата, Прв глумец, Прва глумица, Втор глумец, Суфлер, итн., се подготвуваат за проба на една комедија од Пирандело. Неочекувано, на сцената се појавуваат членовите на семејството и бараат да се изведува „нивната драма“. На почетокот, директорот и глумците негодуваат поради тоа што им е прекината пробата, но постепено стануваат заинтересирани за приказната на семејството, а Директорот се согласува дека нивната драма е поинтересна и планира да ја запише. Во таа првична конфронтација меѓу Директорот и шесте лица, тие упорно тврдат дека театарот е илузија, а дека токму тие се живи и дека тие ја претставуваат стварноста. На тој начин, сите традиционални видливи разлики меѓу сцената и реалноста стануваат измешани, бидејќи на сцената се реални само глумците, а членовите на семејството како да доаѓаат од „некоја друга реалност“ и стануваат свои сопствени глумци. Односите меѓу вработените во театарот и „лицата кои го бараат својот писател“ не можат докрај да се разберат на ниедно вообичаено ниво: членовите на семејството не се глумци, но тие се глумат себеси врз основа на она што го правеле во својот вистински живот. Глумците пак, наликуваат на реални ликови, кои на сцената всушност ништо не глумат. Иако во „Шест лица го бараат авторот“ нема формална поделба на чинови и на сцени, во првиот дел на драмата е прикажано појавувањето на шесте лица, кои фрагментарно ја раскажуваат својата животната историја, додека во вториот дел на драмата, директорот се обидува да направи импровизирана проба за „новата“ драма. Притоа, кога глумците од театарот почнуваат да глумат, шесте ликови почнуваат да негодуваат, барајќи самите да го „играат“ својот живот. На крајот, драмата завршува така што шесте лица исчезнуваат од сцената.[1]
Така трагедијата лесно преминува во комедија, и обратно. Пирандело овој длабок парадокс успеал да го обликува така што хаотичното мешање на илузиите и реалноста сепак не се претвора во хаотично дело. Сите делови на драмата, сите нејзини елементи и сите односи меѓу ликовите се цврсто поврзани со внатрешната логика. Сепак, биле потребни големи промени во навиките и вкусот на публиката за оваа драма да биде најпосле прифатена како уметничко дело.
Ликовите во драмата
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[1]
- Таткото:
- Мајката
- Паштерката
- Синот
- Момчето
- Девојчето
- Мадам Паче
- Директорот на драмата
- Првиот глумец
- Првата глумица
- Втората глумица
- Младата глумица
- Младиот глумец
- Другите глумци и глумици
- Мајсторот на сцената
- Суфлерот
- Реквизитерот
- Техничарот
- Секретарот на директорот на драмата
- Чуварот
- Декоратерите и сценските работници
- Таткото има околу 50 години. Тој е проќелав, црвенокос, со густи мустаќи, а често, устата му е искривена во несигурна и беспричинска насмевка. Лицето, а особено челото, му е бело; има сини, продорни очи; облечен е во светли панталони и во темно сако; понекогаш е пријатен, а понекогаш е бесен и гневен.
- Мајката личи како да е преплашена и смачкана од товарот на срамот и понижувањето. Лицето ѝ е покриено со непроѕирен вел, зашто пред два месеца ѝ умрел сопругот и облечена е во црно. Кога ќе го крене велот, се гледа лице коешто не е измачено, но како да е од восок, а погледот постојано ѝ е спуштен надолу.
- Паштерката има околу 18 години. Таа е дрска и речиси бесрамна, многу убава и елегантна. И таа е облечена во црно. Постојано го искажува својот презир кон четиринаесетгодишниот брат, но жива нежност кон четиригодишната сестричка.
- Синот има 22 години. Тој постојано се држи настрана од другите ликови; чувствува целосен презир кон татко му и рамнодушност кон мајка му.[2]
Во предговорот на „Шест лица го бараат писателот“, Пирандело ги опишува ликовите во драмата. Според него, на прв поглед, сите шест лица не се на еднаков степен на разработка, но не затоа што меѓу нив постојат ликови кои се на прв или на втор план, т.е. „протагонисти“ и „споредни ликови“, ниту затоа што сите не се потполно вообличени. Сите шестмина се на истиот степен на уметничка реализација и се наоѓаат на истиот план на реалноста. Единствената разлика меѓу нив лежи во тоа што Таткото, Паштерката и Синот се реализирани како духовни ентитети, Мајката како природа, а Момчето и Девојчето како „присуство“. Притоа, тој ја признава својата несвесна намера некои од ликовите да ги реализира целосно уметнички, додека некои само да ги скицира, а од нив, најживо и најпотполно остварени се Таткото и Паштерката.[3]
Според Пирандело, комедијата настанала во еден спонтан налет на фантазија, кога сите елементи на духот дејствуваат во божја согласност. Притоа, со посредство на три ликови (Таткото, Паштерката и Мајката), во драмата е прикажан вечниот судир меѓу животното движење и формата, како услов на духовниот и природниот поредок. Во својот повик кон Директорот, Мајката ја обзнанува специфичната вредност на уметничката форма - формата која не го содржи и не го уништува животот.[4] Оттука, во драмата ништо не е однапред предодредено, туку сè се гради и движи на самото место, сè е обид без подготовка. Во неа, дејството не се развива постепено, туку делува како измешана, нејзиниот тек не е логичен и не постои поврзаност на настаните. Таа претставува суптилна сатира на романтичарското проседе, во која разгорените страсти на ликовите, инаку својствени за романтичарската постапка, се согледуваат низ хумористична призма. Во драмата е прикажан органскиот хаос, но тој не е прикажан на хаотичен начин, т.е. романтичарски, така што делото е далеку од конфузно, туку напротив, тоа е многу разбирливо, едноставно и урамнотежено.[5]
Осврт кон делото
уредиВо предговорот на „Шест лица го бараат писателот“, Пирандело се опишува себеси како писател-философ - оној кому не му е доволно да ги опише ликовите и настаните само колку да ги опише, туку оној кој има подлабока духовна потреба, така што не признаваат ликови и настани коишто немаат посебна животна смисла што има дава универзално значење. Притоа тој вели дека ја мрази симболичната уметност во која она што е прикажано ја губи спонтаноста претворајќи се во инструмент, алегорија. Таквиот симболизам претставува идеја која сака да биде слика, наместо да биде обратно, т.е. сликата, која мора да остане жива и слободна во целиот свој исказ, треба да ја содржи смислата што дава вредност.[6]
Според Пирандело, „Шест лица го бараат авторот“ е смеса на трагичното и комичното, на измисленото и на стварното, во една необична и исклучително сложена хумористична ситуација; драма која, со помош на своите живи ликови, по секоја цена сака да најде начин да биде прикажана.[3]
Надворешни врски
уреди- Online text of Six Characters in Search of an Author Архивирано на 1 септември 2009 г. (Англиска верзија на Едвард Сторер)
- Sei personaggi in cerca d'autore на Проектот „Гутенберг“ (Пиранделовата ревидирана верзија, на италијански јазик)
- „Pirandello Confesses . . .: Why and How He Wrote 'Six Characters in Search of an Author'“, Virginia Quarterly Review, Spring 1925. Архивирано на 11 мај 2011 г.
- Предлошка:Ibdb show
- Six Characters in Search of an Author, Nick Hern Books, London, 2003.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008.
- ↑ Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008, стр. 36-37.
- ↑ 3,0 3,1 L. P., „Predgovor“, во: Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008, стр. 9-10.
- ↑ L. P., „Predgovor“, во: Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008, стр. 18.
- ↑ L. P., „Predgovor“, во: Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008, стр. 20-22.
- ↑ L. P., „Predgovor“, во: Luiđi Pirandelo, Šest lica traži pisca. Beograd: Paidea, 2008, стр. 7.