Шведска маса
Шведска маса (шведски: smörgåsbord) — еден на скандинавски оброк кој се состои од повеќе различни производи кои се наоѓаат на масата, а името го добилa бидејќи има шведско потекло. Вообичаено таа е послужување каде што гостите можат да консумираат низа јадења по сопствен избор и без ограничување во количината.
Шведската маса станала меѓународно позната со појавата на светскиот саем во Њујорк во 1939 година кога таа била понудена во шведскиот павилјон во ресторанот „Три круни“[1].
Традиционалната шведска маса се состои од топли и ладни јадења. Лебот, путерот, сирењата секогаш се дел од оригиналната шведска маса. Вообичаено е да се почне (првата чинија) со ладни јадења од риба кои генерално се харинга, лосос и јагула, во различни облици. После оваа прва чинија, гостите обично продолжуваат со други ладни предјадења, за потоа да завршат со топлите јадења. Десертот може, но не мора да биде вклучен во шведската маса.
Историја
уредиЧленовите на здруженијата на шведски трговци и повисоките класи во 14 век во Шведска и Финска први сервирале „бранвинсборд“ (brannvinsbord) (ракиена маса), мало бифе поставено на помошна маса, каде што се служеле различни предјадења пред оброкот, пред да се седне на главната маса[2]. Задолжителна храна била леб, путер, сирење, харинга и неколку видови на ликери, чаден лосос, колбаси, но исто така се служело ладно исечено солено месо. Бранвинсбородот служел како предјадење додека луѓето се собирале и јаделе додека стоеле пред вечерата или после неа, често и два до пет часа пред вечерата, понекогаш со мажи и жени во одвоени соби[3]. Шведската маса станала позната во средината на 17 век, кога храната се преместила од споредната на главната маса и почнало сервирање на топли и ладни јадења[3]. Шведската маса исто така служи како предјадење во хотелите, а подоцна и на железничките станици, пред појава на вагон-рестораните. Рестораните во Стокхлом на Олимписките игри во 1912 година престанале да служат шведска маса како предјадење, па почнале да ја служат како главно јадење.
Шведската маса денес
уредиШведската маса е вообичаена во хотелите (за појадок), некои ресторани, на коктели и приеми. Кај нас се користи на свадби и други прослави каде на тој начин се овозможува на секој да консумира онолку колку што сака, при што сервирањето е далеку побрзо и поедноставно, бидејќи е без посредство на келнер.
Во Србија постои една варијанта која е наречена „Златиборска маса“ каде се сервираат типично српски специјалитети како што се пршута, јагнешко и прасечко, кајмак, грав, проја и сл.
Спремање на шведска маса
уредиКога се врши пресметка на потребната храна која се очекува дека ќе биде доволна, тогаш се пресметува 350 грама храна по човек. Во зависност од сложеноста, бројот на јадењата постои следната поделба на шведската маса: едноставна која брои шест јадења (три ладни и три топли), средна која бори десет (пет ладни и пет топли) и сложена односно банкетски која брои повеќе од десет јадења во понудата. Исто така можат да бидат мрсни, посни, вегетаријански и слатки и овошни. Поставувањето на масата може да биде покрај ѕидот во просторијата или во средината каде што гостите можат да се вртат во круг околу неа. Масата покрај ѕид се користи во случаи кога се очекува после послужувањето на гостите таа да не им смета или во друг случај кога бројот на гостите е поголем. Обликот на масата не е пресуден, но се смета дека најдобар е доколку е четвртест. На самиот почеток на масата се чиниите и приборот. Како што гостите ќе пристапат кон масата храната треба да биде подредена по следниов редослед: салата, предјадења, главни јадења, сосови, колачи, овошје и на крајот печиво. На масата освен храна може да има и кошница со овошје или неутрално цвеќе. Исто така е обичај пијалаците да бидат поставени на друга маса.
Наводи
уреди- ↑ „Straight-up Scandinavia: Understanding the smörgåsbord“. Gadling. Посетено на 12 January 2015.
- ↑ Bertil Falk. „The Smorgasbord“. Посетено на 12 January 2015.
- ↑ 3,0 3,1 Nordiska Museet Архивирано на 26 јули 2009 г., in Swedish
Надворешни врски
уреди„Шведска маса“ на Ризницата ? |