Црква „Св. Атанасиј“ - Сенгелово

црква во Сенгелово, Валовишко

Свети Атанасиј (грчки: Αγίου Αθανασίου) — црква кај селото Сенгелово, Валовишко, Егејска Македонија. Влегува во состав на Валовишката епархија на Цариградската патријаршија.[1]

Свети Атанасиј
Αγίου Αθανασίου
Карта
41°23′36″N 23°24′22″E / 41.39333° СГШ; 23.40611° ИГД / 41.39333; 23.40611
МестоСенгелово, Валовишко
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Архит. типтрикорабна базилика
ЗавршенаXIX век
Управа
ЕпархијаВаловишка

Архитектура уреди

Црквата се наоѓа на рид на неколку километри северозападно од селото, до самата граница со Пиринска Македонија. Претставува трикорабна базилика без нартекс и со димензии 11,75 × 17,54 м без централната апсида. Во средината на западниот ѕид се издига импресивна четирикатна камбанарија со правоаголен облик и димензии 2,84 × 3,70 м во основата. Првите два ката се со широк сводест отвор од секоја страна, а горните два имаат по два сводести отвора. Камбаната има натпис на македонски.[1] На западниот ѕид од камбанаријата почнува отворен трем од дрвени столбови, кој продолжува по целиот јужен ѕид. Црквата има два влеза — еден од запад и еден од југ. Над јужниот влез има ниша со претстава на покровителот Свети Атанасиј.[2] На северниот ѕид нема прозорци, а на јужниот има пет окна над покривот на тремот. На исток има еден прозорец над апсидата. Жртвеникот завршува на исток со три полукружни ниши, при што однадвор се подава само централната апсида, која е по целата ширина на коработ, а другите две влегуваат во ѕидот. Полукружни ниши има и од север и југ. Ѕидаријата е проста — од делкан камен и малтер, а ѕидовите се варосани.[3] Во внатрешноста, трите кораби се поделени со два реда столбови со аркади во облик на буквата П.[1]

Живопис уреди

 
Фреска на Архангел Михаил
 
Апостолите Петар и Павле со макета на црквата

Над западниот влез има мошне оштетена фреска на светецот-покровител, претставен во архијерејска облека, со евангелие во рака и како благословува. Сите внатрешни ѕидови се живописани. Во западниот дел на северниот ѕид над прозорот има остатоци од сцената „Колежот на витлеемските деца“.[3] Понатаму на исток е претставен гол светец, можеби Свети Онуфриј. Следи Архангел Михаил со меч, како му ја одзема душата на возрасен маж и Страшниот суд со грчки натписи: Η ΔΕΥΤΕΡΑ ΠΑΡΟΥΣΙΑ // ΤΟΥ ΧΡΙΣΤΟΥ[4] и ΚΑΙ ΕΚΡΙΘΗΣΑΝ ΟΙ ΝΕΚΡΟΙ ΕΚ ΤΩΝ ΓΕΓΡΑΜΕΝΩΝ ΕΝ ΤΟΙΣ // ΚΑΙ ΕΙ ΤΙΣ ΟΥΧ ΕΥΡΕΘΗ ΕΝ ΤΗ ΒΙΒΛΩ ΤΗΣ ΖΩΗΣ.[5] Живописот на јужниот ѕид е во три подрачја. Над влезот има монах во голема схима како благословува, чиј натпис е избришан. До него има испосник и Свети Тодор (според натписот Θεόδωρος). Натписите на двајцата биле на македонски, но се избришани, но само едниот е заменет со грчки.[5] Над нив во второто подрачје е Чудото на исцелувањето на бесомачните. Под прозорецот се апостолите Петар и Павле како во раце држат макета на црква со купола. По нив во долното подрачје се двајца прелати со архијерејски митри.[6] Десниот носи свиток со натпис ΕΞΑΙΡΕΤΩΣ ΤΗΣ ΠΑΝΑΓ- / ΙΑΣ ΑΧΡΑΝΤΟΥ. Заедно држат свиток, на кој се чита само првиот ред ΟΙ ΛΕΓΟΝΤΕΣ... Во средното подрачје е Христос со Самарјанката. Сцената има полуизбришан натпис на македонски. Во третото подрачје е чудото со исцелувањето на фатениот во Витезда. Потоа, под прозорецот се претставени светците Кузман и Дамјан. Се гледаат грчки натписи — лево ΑΓΙΟΣ, а десно од втриот светец ΔΑΜΙΑΝΟΣ, а меѓу нив има македонски натпис ΚΟЗΜΑ ДΑΜИΑ. Во фризот на прозорецот десно е Света Катерина, а лево е Свети Трифун со македонски натписи CB. EKATEPИНА и CB. TP[И]ФОН. Потоа на исто во долното подрачје се претставени еден јерарх и Свети Христофор со македонски натпис CB. XPИCOФOPЪ. Во средното подрачје е Томиното неверство со натпис ΗΕΒΕΡΗИ ΤΟΜΑ,[7] а во третото подрачје се Мироносците. Во фризот на прозорецот десно е Свети Пантелејмон, а лево е Свети Мина со копје и маченички крст со македонски натписи CB. ПAНTEЛEИMOН и СВ. Во малиот преостанат простор до жртвеникот има насликан предел со грмушки и дрвја кој продолжува во жртвеникот.[8]

На јужниот ѕид на жртвеникот, во долното подрачје е претставен ѓаконот Роман Слаткопевец со натпис ΜΕΛΩΔΟΣ. Под неговата глава стои избришан македонски натпис. Во горното подрачје има непознат прелат. Во нишата на ѕидот има долап, на чија врата се насликани два ангела свртени кон чесната трпеза на која има крст и евангелие. Во фризот на прозорецот десно има јерарх со бела, а десно јерарх со црна брада.[8]

На источниот ѕид во три последователни подрачја стојат сцени од Стариот завет, од Новиот завет и житијата на светците. Во југозападниот агол на првото подрачје се Марија Египетска и Свети Зосим со траги од македонски натпис, а до нив во конхата на жртвеникот еден јерарх — веројатно Свети Спиридон, судејќи по остатокот од македонскиот натпис CП.[8]

Во второто подрачје е предавство на учениците од Јуда, кој на рамото има црн демон. Во третото подрачје е претставена гостопримливоста на Авраам и молитвата во Гетсиманската градина. Во нишата на ѓаконикот е Христос Агнец Божји, како носи овца на рамената. Македонскиот натпис е премачкан со сина боја. Лево и десно од нозете на Христос има мали ангелски глави.[9]

Во предниот дел на нишата на жртвеникот е претставена Светата Троица. Лево од прозорецот е Христос, а десно е Бог Отецот. Претставата на Светиот Дух над нив е уништена. Во конхата на апсидата е претставена Богородица Поширока од небесата од типот Влахернска со Малиот Христос кој има спокојно лице и благословува. Натписот е избришан. Од лево и десно има два ангела како коленичат на облаци со отворени свитоци. Лево е насликан архихереј со бела брада и натпис СВ... / БΟΓΟCЛ... – Григориј Богослов. Десно се Свети Јован Златоуст и Свети Василиј Велики како благословуваат држејќи отворено евангелие во левата рака. Словенските натписи се презапишани.[9]

Во долното подрачје лево од конхата има јерарх со отворен свиток.[9] Во нишата на жртвеникот е Апокалипсата и Видението на Свети Петар Александриски, кој носи отворен свиток. Во долното подрачје е причестувањето на учениците и чудото со лебот.[10]

На северниот ѕид на жртвеникот, во конхата е епизодата со измивањето. Во североочниот агол Христос во бела руба над чесната трпеза држи свиток, а лево, непосредно до влезот на жртвеникот, е претставен непознат јерарх со отворен свиток. Во второто подрачје има луѓе на колена како продолжение на сцената со чудото со лебот. Следува мачеништвото на Свети Игнатиј, претставен од напред, нападнат од два лава на висината на рамената.[10]

Иконостас уреди

Иконостасот е дрвен и резбан, и има три врати — царските двери, една жртвеникот и една за ѓаконикот. Се состои од основа за царските икони, архитрав и крст. Царските двери се во црвена и зелена боја. Во горниот дел има две змејски глави врамени во расцветани фиданки, во средното подрачје е Благовештението со Архангел Гаврил десно и Богородица лево, а во долното подрачје се Свети Григориј Богослов и Свети Василиј лево и Свети Јован Златоуст и Свети Атанасиј десно. На останатите табли во овални рамки има сцени од настанокот на светот: создавањето на Адам, создавањето на Ева, нивната непослушност, истерувањето од рајот, жртвата на Авел, неговото убиство и жртвата на Авраам. Од иконостасот отсуствуваат царските икони на Христос, на Богородица и на Свети Јован Претеча, како и сите апостолски икони. Останале само оние на Свети Никола, Свети Ѓорѓи како ја убива ламјата и Свети Атнас (трите со избришани и презапишани натписи на грчки), Света Марина, Света Петка и Свети Димитрија, датирана 1859 во долниот десен агол.[11]

Во жртвеникот има лизгачка врата на која е претставен Христос со Светиот грал. На неа има натпис од зографот Лазар Аргиров од Мелник:

 
Натписот врз лизгачката врата
+ Δια δαπάνη τον δούλων του Θεού Αθανάσι Αλεξίου από Τζοφλίκι

εις μνημόσινον αυτόν εν έτει Σωτηρίω 1869 Μαΐου 9. χείρ Λαζάρου
Αγιογράφου εκ Μελένικον[12]

Преносливи икони и амвон уреди

Во северниот и јужниот дел на црквата, близу иконостасот се зачувани три икони. На север е Вознесението на Свети Илија со годината 1859, исто како онаа на Свети Димитрија, и очигледно се од истиот автор. На истиот ѕид е иконата Воскресението Лазарево, која со сигурност може да му се припише на Лазар Аргиров. На јужниот ѕид е иконата на Светата Троица, чиј натпис е избришан и препишан на грчки, но долу десно пишува Марта 19 и подолу има нечитлив македонски текст. Во проскинитар во јужниот кораб има икона на светците Константин и Елена со избришан натпис пренапишан на грчки. Таа икона покажува најголема сличност со насликаното на лизгачката врата од Лазар Аргиров, датирано 1869 г. Во друг проскинитар во северниот кораб има икона на Христос, претставен со хитон и наметка, со затворено евангелие и избришан натпис.[12] Иконата е од средината на XIX век и е доста оштетена.[13]

Во југозападниот агол на наосот е зачуван мал дел од амвонот. На него се насликани двајца ѓакони и еден светец со отворен свиток, можеби евангелист, но натписите на тројцата се избришани.[13]

Датирање и авторство на фреските уреди

Според архитектонските одлики, храмот се датира во средината на XIX век — пред 1859 г. кога е датирана царската икона на Свети Димитрија. Живописот е сличен со оној во егзонартексот на главната црква на Серскиот манастир, кој датира од 1852 г. и е дело на Серги Георгиев од Неврокоп. Веројатно и фреските се од 1859 г. — истата година напишана на иконата на Свети Димитирја.[13] Вратата на долапот на јужниот ѕид на жртвеникот, царските икони и иконите на Вознесението на Свети Илија и Воскресението Лазарево се насликани од истиот зограф.[14] Зографот од Сенгелово покажува послаба техника и поупростени ликовни решенија отколку Серги Георгиев,[15] и земајќи ја сличноста помеѓу лизгачката врата и фреските, тие можат да му се припишан на Лазар Аргиров од Мелник.[16]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 91. ISSN: 1792 – 5045.
  2. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 92. ISSN: 1792 – 5045.
  3. 3,0 3,1 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 93. ISSN: 1792 – 5045.
  4. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 94. ISSN: 1792 – 5045.
  5. 5,0 5,1 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 95. ISSN: 1792 – 5045.
  6. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 96. ISSN: 1792 – 5045.
  7. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 97. ISSN: 1792 – 5045.
  8. 8,0 8,1 8,2 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 98. ISSN: 1792 – 5045.
  9. 9,0 9,1 9,2 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 99. ISSN: 1792 – 5045.
  10. 10,0 10,1 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 100. ISSN: 1792 – 5045.
  11. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 101. ISSN: 1792 – 5045.
  12. 12,0 12,1 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 102. ISSN: 1792 – 5045.
  13. 13,0 13,1 13,2 Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 103. ISSN: 1792 – 5045.
  14. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 103–104. ISSN: 1792 – 5045.
  15. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 104. ISSN: 1792 – 5045.
  16. Ζήκος, Θωμάς Ε. „Ο ναός του Αγίου Αθανασίου στο Άγκιστρο του Νομού Σερρών“ (PDF). Σερραϊκά Σύμμικτα: 105. ISSN: 1792 – 5045.

Надворешни врски уреди