Фридрих Хебел
Кристијан Фридрих Хебел (* 18 март 1813 во Веселбурен, Дитмаршен; † 13 декември 1863 во Виена) е германски драматичар и лиричар. Неговиот псевдоним во младоста бил д-р Ј. Ф. Франц.[1]
Рани години
уредиРодителите на Фридрих Хебел биле ѕидар и ќерка на чевлар.
Во 1819 тој го посетувал народното училиште и кратко време работел како ѕидарски чирак. Општествената положба на семејството значително се влошила кога морале да ја напуштат куќата поради долг на таткото. По смртта на таткото во 1827 Хебел станал писар, но живеел многу скромно и морал да дели собичка под скалите со некој кочијаш. Смеел да чита книги од библиотеката на својот господар и тоа го правел со задоволство. Во овој период настанале и неговите први песни.
Почнал да ги објавува песните во разни списанија и издавачката на едно од нив го забележала и почнала финансиски да му помага. Во 1835 му помогнала да се пресели во Хамбург, каде што работел во Научниот сојуз и ја запознал Елиза Лензинг. Се вљубил во неа, а таа го поддржувала во неговата творечка дејност. На 18 март 1835 започнал да води дневник.
Во 1836 добил стипендија и се преселил во Хајделберг, но и покрај стипендијата немал доволно финансиски средства да се издржува. На 12 септември тргнал пеш преку Стразбур, Штутгарт и Тибинген, за на 29 септември да стигне во Минхен. Таму живеел кај столарот Антон Шварц, кој веројатно служи и како основа за ликот на „столарот Антон“ во драмата Марија Магдалена (1843).
Врв на творечката дејност
уредиВо 1839 година повторно се вратил во Хамбург од Минхен, пеш и без храна за патот. Патувањето траело од 11 до 31 март. Елиза Лензинг се грижела за него бидејќи за време на патот опасно се разболел.
Една година подоцна им се родил син, Макс Хебел, а истата година Хебел ја завршил трагедијата Јудит. Премиерата на оваа драма се случила на 6 јули 1840 во Берлин и настанот многу го израдувал Хебел. Наредната година драмата била и испечатена и со тоа неговото име станало познато во Германија.
Потоа ја напишал трагедијата Геновева, која била објавена во 1843, и ја завршил комедијата Дијамантот. Операта Геновева од Роберт Шуман е заснована врз истоимената драма од Хебел, но композиторот морал да го напише либретото сам, без поддршка од писателот. Други композитори што користеле материјал од Хебел во своите дела биле Франц Лист и Јоханес Брамс.
Неговата прва збирка песни била објавена во 1842. Набрзо потоа Хебел заминал за Копенхаген, каде што добил двогодишна стипендија за патувања од данскиот крал Кристијан VIII. Со стипендијата заминал во Париз, каде меѓу другото се запознал со Хајнрих Хајне.
Во овој период започнал да страда од ревматизам на зглобовите, разменувал писма со Елиза во кои имале чести и интензивни несогласувања, ја пишувал граѓанската трагедија Марија Магдалена, која ја завршил во декември 1843. Во меѓувреме во Хамбург починал син му Макс.
Една година подоцна се родил неговиот втор син Ернст, поради што Елиза преку писма вршела притисок да се венчаат. Хебел тоа го одбил. Во периодот од 1844 до 1846 патувал низ Италија, преку Лион, Авињон и Марсеј заминал за Рим, па за Неапол. Потоа преку Анкона, Трст и Грац стигнал во Виена. Таму браќата Цербони ди Спосети, двајца полски благородници, го прифатиле и го вовеле во високото општество во градот. Хебел одлучил да остане во Виена. Истата година врз основа на испратена дисертација универзитетот во Ерланген во отсуство му доделил докторска титула.
Во Виена, каде што Хебел живеел сѐ до својата смрт, во 1846 година се оженил со глумицата Кристина Енгхаус, која ја запознал во театар. Нивни деца биле синот Емил и ќерката Кристина („Тити“).
Со венчавката се стабилизирала и неговата финансиска состојба, што му овозможило непречено да му се посвети на книжевното творештво. Во овој период пред сѐ пишувал драми што биле добро прифатени од јавноста во Виена. Неговото најупешно дело е граѓанската трагедија Марија Магдалена од 1843 година.
Преписката со Елиза набрзо престанала, иако таа се спријателила со неговата нова сопруга и дури ѝ го испратила да го воспитува синот Ерик.
На 18 ноември 1854 Елиза починала во Хамбург на возраст од 50 години. По нејзината смрт Хебел почнал редовно да пишува писма во кои ги опишувал сите свои активности. Оваа еднострана преписка ја водел до крајот на 1862 година.
Хебел бил постојано политички и социјално ангажиран и ја поддржувал мартовската револуција.
Смрт
уредиВо последните години од животот сѐ повеќе страдал од ревматизам, веројатно како последица на раните години помината во сиромаштија пред да се пресели во Виена. Сепак, и по преселбата патувал низ Австрија.
Починал на 13 декември 1863 во својот стан на возраст од 50 години. Погребан е до својата сопруга.
Неговите внуки Кристина и Тереза станале глумици, исто и како неговата сопруга.
Поважни дела
уредиЈудит (1840)
Геновева: трагедија во 5 чина (1843)
Матео (1841)
Дијамантот (1841)
Песни (1842)
Мојот збор за драмата (1843)
Песни и епиграми (1845)
Марија Магдалена: граѓанска трагедија во три чина (1844)
Ана (1847)
Трагедија во Сицилија (1847)
Јулија и кралот Петар (1847)
Господин Хајдфогел и неговото семејство (1848)
Молох (1849–1850)
Кравата (1849)
Рубинот (1851)
Агнес Бернауер (1851)
Мајка и дете (еп) (1857)
Нибелунзите (1861)
Верна љубов
Дневници
- ↑ Bamberg, Felix (1880). Hebbel, Friedrich. In: Allgemeine Deutsche Biographie (ADB). Band 11. Leipzig: Duncker & Humblot. стр. 169–188.