Марија Магдалена (Хебел)

Марија Магдалена е граѓанска трагедија во три чина од Фридрих Хебел. Напишана била во 1843 година и се смета за последната германска граѓанска трагедија. Жанрот потоа бил заменет со социјална драма.

Насловот, кој се однесува на библискиот лик Марија Магдалена, бил резултат на барање на издавачот, со цел да предизвика поголем интерес кај читателите. Хебел првично сакал да го нарече делото „Клара“ според еден од главните ликови. Поради печатарска грешка, насловот на корицата на оригиналното издание бил „Марија Магдаленa“. Дури и денес делото повремено се цитира под ова име, а дури и самиот автор понекогаш го користел насловот во оваа форма.

Содржина

уреди

Прв чин

уреди

Клара е ќерка на столарот мајстор Антон и е верена со благајникот Леонард, но не го сака. Ниту Леонард не ја сака неа, туку го сака миразот на мајстор Антон. Клара случајно повторно ја среќава љубовта од својата рана младост, секретарот Фридрих. Старата љубов повторно се разгорува и кога Леонард го забележува ова, ја притиска Клара да спие со него. Иако помеѓу нив нема страст, Клара очекува дете и мора да се омажи за него за да ја спаси својата и честа на семејството.

На крајот на првиот чин доаѓаат двајца извршители да ја претресат куќата на столарот, бидејќи братот на Клара, Карл, е осомничен за кражба на скапоцени камења. Мајката на Клара, која само што закрепнала од тешка болест, умира од тага кога дознава за обвиненијата. Таткото на Клара е убеден во вината на својот син и изјавува дека отсега Клара е сета негова надеж и дека ќе се самоубие ако Клара му донесе срам на семејството. Клара мора да се заколне пред телото на мајка си дека нема да го разочара, што ја влошува нејзината и онака тешка положба. Знаејќи дека носи дете, Клара решава дека мора да се омажи за Леонард за да го спаси таткото.

Во оваа ситуација пристигнува писмо од Леонард, во кое тој се откажува од Клара. Како изговор тој го наведува апсењето на Карл поради кое семејството на Клара ја изгубило честа. Вистинската причина е тоа што таткото на Клара миразот од 1000 талири му го подарил на својот стар мајстор. Без мираз Леонард не сака да се ожени со Клара и ја користи ситуацијата со Карл за да се извлече од веридбата.

Втор чин

уреди

Иако украдените скапоцени камења набрзо се појавуваат и се покажува дека Карл е невин, неговиот татко е загрижен бидејќи семејството ја изгубило граѓанската чест. Клара се среќава со секретарот и му ја признава својата љубов, која тој ја возвраќа. Кога ја бара за жена, таа смета дека е нејзина должност „на колена“ да го моли таткото на нејзиното дете да ѝ се врати, за да не го срами мајсторот Антон. Секретарот тешко ја поднесува оваа состојба бидејќи знае дека Леонард е бесчувствителен и решава даа го предизвика Леонард на двобој.

Трет чин

уреди

Клара оди кај Леонард и во долгиот разговор со него на читателот му се открива неговиот пресметлив лик. Тој ѝ открива дека во меѓувреме договорил венчавка со ќерката на градоначалникот, иако и самиот вели дека воопшто не била привлечна. По разговорот со Леонард, Клара гледа само две можности: или посрамена да се врати кај таткото или да се самоубие. Таа одлучува да изврши самоубиство и му го објавува тоа на Леонард, кој не ѝ верува.

Во моментот кога Леонард се сепнува и трча по Клара, влегува секретарот Фридрих и го предизвикува Леонард на двобој. Леонхард прво се противи, но не може да одбие и на крајот оди со секретарот во шумата.

Во меѓувреме, Карл, братот на Клара, го ослободуваат од затвор и се враќа во куќата на својот татко. Во монолог пред публиката тој ја објавува својата одлука да се вработи како морнар и да замине од дома за да ги избегне срамот и тагата. Иако до одреден степен го вратил угледот кај татко си, тој сѐ уште има тешки долгови кај пријатели од крчмата што не може да ги врати. Тој не ја слуша или не ја разбира намерата на Клара да се самоубие и ја моли да му донесе свежа вода. Клара оди до бунарот цврсто решена да се фрли во него.

За тоа време, секретарот Фридрих го победил Леонард во двобојот и ја одмаздил Клара, но е тешко повреден. Карл одеднаш се сеќава да провери дали нешто ѝ се случило на сестра му и се враќа со вест дека некој паднал во бунарот и го изгубил животот.

Збунет и скршен, таткото останува сам. Драмата завршува со неговата изјава дека веќе не го разбира светот.

Надворешни врски

уреди