Устав на Македонија

(Пренасочено од Уставот на Македонија)

Устав на Македонија (службено: Устав на Република Северна Македонија) — највисок правен акт со кој се дефинира државното уредување на Македонија.

Устав од 17 ноември 1991

уреди

Граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, плебисцитарно самопотврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија ја изразија својата волја и го дадоа својот глас Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија, што уставно-правно се заокружи со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година.

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се заснова на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.

Уставот на Република Македонија е највисок правен акт во Република Македонија. Донесен е на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено 32 амандмански промени: во 1992 (амандмани 1 и 2), 1998 (амандман 3), 2001 (амандмани 4-18), 2003 (амандман 19), 2005 (амандман 20-30), 2009 (амандман 31) и 2011 (амандман 32). Инаку, Уставот е составен од Преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави:

  1. Основни одредби
  2. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот
  3. Организација на државната власт
  4. Уставен суд на Република Македонија
  5. Локална самоуправа
  6. Меѓународни односи
  7. Одбрана на републиката, воена и вонредна состојба
  8. Измена на уставот
  9. Преодни и завршни одредби

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија

уреди

Во член 8 став 1 од Уставот се дефинирани темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија:

  • основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
  • слободното изразување на националната припадност. Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа;
  • владеењето на правото;
  • поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
  • политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
  • правната заштита на сопственоста;
  • слободата на пазарот и претприемништвото;
  • хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
  • локалната самоуправа;
  • уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
  • почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Амандмани

уреди

Амандмани I и II

уреди

Првите измени на Уставот на Република Македонија се усвоени во 1992 година со донесување на Амандманите I и II.

Амандманот I се однесува на тоа дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави, односно, дека, границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.

Со амандманот II беше дополнет членот 49 од Уставот: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“. Оваа одредба беше дополнета со формулацијата дека „Републиката при тоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Амандман III

уреди

Амандманот III е усвоен во 1998 година, по иницијатива на Врховниот суд на Република Македонија. Со овој амандман се променија одредбите за времетраењето на притворот, односно наместо 90 дена, притворот до подигањето на обвинението, по одлука на судот може да трае најдолго 180 дена од денот на притворањето. По подигнувањето на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд, во постапка утврдена со закон.

Амандмани IV-XVIII

уреди

Во 2001 година беа донесени 15 амандмани (IV–XVIII) како обврска од Охридскиот рамковен договор.

Со амандманот IV беше заменета Преамбулата на Уставот.

Преамбулата од 1991 Новата преамбула со амандманот IV од 2001
Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, а со цел:

- Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава;
- да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта;
- да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност;
- да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и
- да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Собранието на Република Македонија, донесува ...

Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро - Република Македонија - во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој ...

Амандман XIX

уреди

На предлог на Владата на Република Македонија, во 2003 година е донесен Амандманот XIX. Со овој амандман се овозможува отстапување од неповредливоста на тајноста на писмата и сите други облици на комуникација, а не само на писмата како што е наведено во Уставот од 1991 година. Отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, поради спречување или откривање на кривични дела, и поради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Амандмани XX-XXX

уреди

Во 2005 година усвоени се 11 амандмани (XX-XXX) кои се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство.

Амандман XXXI

уреди

Со амандманот XXXI се намали цензусот за избор на претседателот на Република Македонија. Па така, за претседател ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката, наместо дотогашните 50%.

Амандман XXXII

уреди

Со Амандманот XXXII се дополни член 4, кој однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно ниту да биде протеран од Република Македонија или предаден на друга држава. Со амандманот се допрецизираше дека тоа може да се случи само врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд.

Амандмани XXXIII-XXXVI

уреди
 
Амандманите XXXIII-XXXVI се донесени како обврска од Преспанскиот договор

Во 2019 година беа донесени 4 амандмани (XXXIII-XXXVI) како обврска од Преспанскиот договор.

Со амандманот XXXIII зборовите „Република Македонија“ и „Македонија“ се заменија со „Република Северна Македонија“ и „Северна Македонија“.

Со амандманот XXXIV по втор пат се направени измени во Преамбулата.

Измените во Преамбулата од 2019 година со амандманите XXXIII и XXXIV

(со задебелено се деловите кои се додадени, со сиво се деловите кои се избришани)

Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Северна Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро - Република Северна Македонија - во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор, одлучија да ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој ...

Претходни устави

уреди

Уставниот развиток на Македонија од 1946 до 1991 може да се подели на три периоди:

  • Устав на Народна Република Македонија, од 31 декември 1946
  • Устав на Социјалистичка Република Македонија, од 25 февруари 1974
  • Устав на Република Македонија, од 17 ноември 1991

Надворешни врски

уреди