Тирунеш Дибаба исто позната како Тирунеш Дибаба Кенене (родена на 1 јуни 1985 г.) — атлетичарка од Етиопија која е специјализирана за трките на долги патеки и е моментален светски рекордер на 5.000 метри.[2]

Тирунеш Дибаба
Лични податоци
Роден(а)1 јуни 1985(1985-06-01)(39 г.)
Бекоџи, Етиопија
Висина&100000000000001650000001,65 м[1]
Тежина48 кг
Спорт
Земја Етиопија
СпортАтлетика
Дисциплини5.000 метри, 10.000 метри
Успеси и титули
Лични рекорди5.000 м: 14:11.15 СР
10.000 м: 29:54.66 
Маратон: 2:20:35

Таа е моментален светски и олимписки шампион на трките на 10.000 метри. Таа во кариерата има освоено вкупно осум светски титули (три олимписки златни медали и пет златни медали од Светските првенства) како и пет златни медали од Светските првенства во крос. Таа е сестра на Гензебе Дибаба и на олимписката сребрена медалистка Еџагајеху Дибаба, и братучетка на поранешната олимписка шампионка Дерарту Тулу.[3]

Заднина

уреди

Родена во селото Бекоџи, Тирунеш е четврто од шестте деца во семејството, и започнала да се занимава со атлетика на 14-годишна возраст. Таа израснала во провинцијата Арси во Етиопија, но живее во главниот град, Адис Абеба, од 2000 година.

Тирунеш потекнува од спортско семејство: нејзината постара сестра, Еџагајеху, го освоила сребрениот медал на трката на 10.000 метри на Летните олимписки игри 2004; нејзината помлада сестра, Гензебе, е светски рекордер на трките на 1.500 метри, 3.000 метри, 5.000 метри и две милји и е моментална светска шампионска на 1.500 метри; а нејзиниот брат Деџене се смета за идна ѕвезда. Нејзина братучетка е двократната олимписка шампионка на 10.000 метри, Дерарту Тулу.

Кариера

уреди

Прво големо натпреварување за Тирунеш во нејзината кариера било Светското првенство во крос во 2001 година. Со 15 години, таа го освоила 5. место на јуниорската трка. Таа го освоила сребрениот медал на трката на 5.000 метри на Афроазиските игри во 2003 година.

Тирунеш остварила голем успех на светските првенства во 2003, 2005 и 2007. Во 2003 во Париз, Тирунеш победила на трката на 5.000 метри со завршен спринт на крајот на трката, оставајќи ги зад себе Марта Домингез од Шпанија и Едит Масај од Кенија. Таа станала најмлада атлетичарка во историјата која освоила поединечен златен медал на Светските првенства. Две години подоцна, во Хелсинки, Тирунеш експлозивно ја завршила трката на 10.000 метри, победувајќи ја сонародничката Берхане Адере и нејзината сестра Еџагајеху со што го освоила својот втор златен медал од Светските првенства, а седум дена подоцна го освоила и третиот златен медал, повторно победувајќи на трката на 5.000 метри. Во 2007 во Осака, Тирунеш повторно го искористила нејзиниот извонреден спринт и го освоила златниот медал на трката на 10.000 метри пред турчинката Елван Абејлегесе и покрај проблемите со кои се соочила во трката. Таа станала единствената жена со две последователни титули на 10.000 метри. Нејзиното победничко време изнесувало 31:55.41.

На Летните олимписки игри 2004 во Атина, Тирунеш го освоила третото место на трката на 5.00 метри, завршувајќи зад Месерет Дефар од Етиопија и Изабела Очичи од Кенија. Резултатот од многумина бил сметан за разочарувачки, но со своите 19 години, таа станала најмладиот освојувач на олимписки медал за Етиопија.

Во 2006, таа победила на пет од шестте трки на 5.000 метри од Златната лига и заработила 83,333 долари.

Тирунеш исто така била исклучително успешна на Светските првенства во крос на кои има освоено вкупно пет златни и три сребрени медали. Својот прв златен медал таа го освоила на 17-годишна возраст на јуниорската трка одржана во Лозана.

Главна одлика на нејзиниот стил на трчање е нејзиниот неверојатен спринт во последните мигови од трките. За време на последниот круг од трката на 10.000 метри во 2005, таа последните 400 метри ги истрчала за 58.33 секунди.

Двојно олимписко злато

уреди

На митингот од златната лига одржан во Осло, Тирунеш поставила нов светски рекорд на 5.000 метри, истрчувајќи време од 14:11.15.[2]

Таа го освоила златниот медал на трката на 10.000 метри на Летните олимписки игри 2008 во Пекинг, поставувајќи нов олимписки рекорд од 29:54.66; стариот рекорд од 30:17.49 бил поставен од нејзината братучетка Дерарту Тулу на игрите во Сиднеј во 2000 година. Новиот олимписки рекорд претставувал второ најбрзо време во историјата како и африкански рекорд.

Една недела подоцна, таа го освоила златниот медал и на трката на 5.000 метри победувајќи ја бранителката на титулата, Месерет Дефар. Победничкото време на Тирунеш изнесувало 15:41.40. Со освоената двојна титула, таа станала првата жена која победила на трките на 5.000 и 10.000 метри на исти олимписки игри.[4]

Повреди по ЛОИ 2008

уреди

Поради повреди, таа ги пропуштила Светското првенство во крос 2009 одржано во Аман и Светското првенство 2009 одржано во Берлин.

На 15 ноември 2009 година, таа победила на 15 километарската трка во Најмеген, Холандија и го соборила рекордот на Кајоко Фукуши за речиси пола минута, завршувајќи со време од 46:28 минути. Ова била нејзина прва друмска трка по 2005 година, но таа ја отфрлила идејата да се натпреварува на друмски трки, изјавувајќи дека нејзин приоритет се трките на тартанот.[5]

На Светското првенство во крос во 2010 година одржано во Бидгошч, таа не успеала да го повтори резултатот од претходните првенства и го освоила четвртото место. Тирунеш ја одбранила титулата на трката на 10.000 метри на Африканското првенство во 2010 година во Најроби со време од 31:51.39. Последните 400 метри таа ги истрчала за 61 секунда.[6]

Враќање во 2012

уреди
 
Дибаба на Летните олимписки игри 2012 во Лондон.

Нејзината кариера била повторно нападната од повреди и по шеснаесет месеци пауза, таа се вратила победувајќи на новогодишната друмска трка во Мадрид со спринт на крајот на трката.[7] Таа победила на трката на две милји на митингот во Бостон и вторпат во кариерата победила на 5 километарската трка во Карлсбад, Калифорнија.[8][9] Таа исто така победила на трката на 10,000 метри на митингот од дијамантската лига во Јуџин, Орегон, завршувајќи на целта пред Флоренс Киплагат.[10]

На Летните олимписки игри 2012 во Лондон, таа го одбранила златниот медал на 10.000 метри со силен завршеток во последните 600 метри, победувајќи со време од 30:20.75 минути – време кое било најбрзо во годината.[11] Со оваа победа таа станала првата жена со две последователни титули на олимписките игри. По победата таа изјавила: "Никогаш не сум била посреќна од денес – ова е дури подобро од Пекинг".[12] Таа се обидела повторно да дојде до двојно олимписко злато, но на трката на 5.000 метри таа го освоила само бронзениот медал. По игрите таа поставила нови предизвици пред себе, фокусирајќи се на друмските трки. На својот прв настап на полумаратоните, на Great North Run, таа остварила едно од најбрзите дебитански времиња во историјата и победила со време од 67:35 минути.[13] Таа ја завшрила сезоната со победата на 15 километарската трка во Најмеген, на која остварила најдобро време во годината.[14]

Таа имала цел да го собори светскиот рекорд на две милји во сала на митингот во Бостон, но нејзиното време од 9:13.17 минути било седум секунди послабо од светскиот рекорд.[15] Тирунеш требала да го оствари својот прв настап на маратонските трки на Лондонскиот маратон, но поради повреда таа морала да го одложи своето деби.[16] Таа била во добра форма на 10 километарската трка во Манчестер, поставувајќи сопствен најдобар резултат од 30:49 минути со кој стигнала до победата.[15]

На Светското првенство 2013 во Москва, како најголем фаворит, таа победила на трката на 10.000 метри, освојувајќи го петтиот златен медал од Светските првенства. По првенството, таа го свртела своето внимание кон дијамантската лига, учествувајќи на трката на 5.000 метри во Цирих каде за противник ја имала Месерет Дефар, моменталната олимписка и светска шампионка на 5.000 метри. Тирунеш била во водство до последните 700 метри, но сепак таа не успеала да ја победи Дефар која ја претркала во последниот круг. Три дена подоцна, Тирунеш трчала трка на 10 километри во Тилбург, забележувајќи време од 30:30 минути, време кое е четврто најбрзо во историјата. Нејзина последна трка за 2013 била полумаратонот Great North Run, каде била бранител на титулата. Трката била претставена како „пресметка“ помеѓу Тирунеш и Дефар, но сепак, кенијката Приска Џепту ги победила двете со трето најбрзо полумаратонско време во историјата. Тирунеш завршила на третото место, зад Џепту и Дефар, со време од 66:55 минути, со што станала седумнаесетта жена со резултат под 67 минути на полумаратонските трки.

Својот прв настап на маратоните, Тирунеш го остварила на Лондонскиот маратон во 2014 година. Таа го освоила третото место со време од 2:20:34, заостанувајќи зад Една Киплагат и Флоренс Киплагат.[17] Подоцна во годината, откако останала бремена со нејзиното прво дете, таа објавила дека ќе ја прескокне 2015 година.[18]

Лични рекорди

уреди
 
Дибаба по победата на 10.000 метри на Светското првенство 2007 во Осака.
Дисциплина Резултат Место Датум
На отворено 3.000 метри 8:29.55 Лондон, Обединето Кралство 28 јули 2006
5.000 метри 14:11.15 (СР) Осло, Норвешка 6 јуни 2008
10.000 метри 29:54.66 Пекинг, Кина 15 август 2008
5 километри (пат) 14:51 Карлсбад, Калифорнија, САД 3 април 2005
10 километри (пат) 30:30 Тилбург, Холандија 1 септември 2013
15 километри (пат) 46:28 Најмеген, Холандија 15 ноември 2009
Полумаратон 1:06:55 Њукасл, Обединето Кралство 15 септември 2013
Маратон 2:20:35 Лондон, Обединето Кралство 3 април 2014
Во Сала
2.000 метри 5:47.26 Бостон, САД 2 февруари 2013
3.000 метри 8:33.37 Бостон, САД 26 јануари 2008
2 милји 9:12.23 Бирмингем, Обединето Кралство 20 февруари 2010
5.000 метри 14:27.42 Бостон, САД 27 јануари 2007

Наводи

уреди
  1. „Tirunesh Dibaba“. sports-reference.com. Sports Reference LLC. Архивирано од изворникот на 2017-07-09. Посетено на 1 June 2015.
  2. 2,0 2,1 "News Flash – 14:11.15 – Dibaba smashes World 5000m record in Oslo! – ÅF Golden League 2008" at IAAF.org
  3. Dibaba sisters make it a family affair – Edinburgh 2008. IAAF (2008-03-30). Посетено на 2013-02-17.
  4. Mulvenney, Nick (2008-08-22). „Distance queen Dibaba surprises herself“. Reuters. Посетено на 2008-08-24.
  5. van Hemert, Wim (2009-11-15). Dibaba shatters 15Km World record in Nijmegen! – UPDATED. IAAF. Посетено на 2009-11-16.
  6. Dibaba takes down Masai in 10,000 m to notch first Ethiopian gold in Nairobi Архивирано на 26 октомври 2012 г.. IAAF.org 31 July 2010
  7. Valiente, Emeterio (2012-01-01). Gebrehiwot surprises, Dibaba signals strong return in Madrid 10Km – San Silvestre Vallecana report. IAAF. Посетено на 2012-01-06.
  8. Morse, Parker (2012-02-05). Suhr scales 4.88m national record in Boston Архивирано на 9 февруари 2012 г.. IAAF. Посетено на 2012-04-03.
  9. Rosenthal, Bert (2012-04-02). Gebremeskel, Dibaba Win Carlsbad 5000. IAAF. Посетено на 2012-04-03.
  10. Gains, Paul (2012-06-02). Dibaba 30:24.39 and Kiprop 27:01.98 on stunning but wet first night in Eugene – Samsung Diamond League Архивирано на 4 јуни 2012 г.. IAAF. Посетено на 2012-06-03.
  11. 10,000 Metres - women - senior - outdoor - 2012. IAAF. Посетено на 2013-01-21.
  12. Dibaba is back writing Olympic history again. IAAF.org 04 August 2012
  13. Wenig, Jorg (2012-09-16). Dibaba and Kipsang take Great North Run victories - REPORT. IAAF. Посетено на 2013-01-21.
  14. van Hemert, Wim (2012-11-18). Dibaba and Kipkemboi prevail in Nijmegen 15K. IAAF. Посетено на 2013-01-21.
  15. 15,0 15,1 Wenig, Jörg (2013-05-26). World lead and course record for Tirunesh Dibaba over 10km in Manchester. IAAF. Посетено на 2013-06-01.
  16. Tirunesh Dibaba withdraws from London Marathon Архивирано на 2 ноември 2013 г.. Athletics Weekly. Посетено на 2013-06-01.
  17. http://www.letsrun.com/news/2014/04/edna-kiplagat-sprints-victory-2014-london-marathon-22020/
  18. Mulkeen, Jon (5 November 2014). „Pregnant Tirunesh Dibaba to miss 2015 season“. iaaf.org. Посетено на 30 March 2015.

Надворешни врски

уреди
Рекорди
Претходник
  Месерет Дефар
Светска рекордерка на 5.000 метри
6 јуни 2008 – сè уште
Наследник
Актуелна
Награди
Претходник
  Месерет Дефар
Атлетичарка на годината
2008
Наследник
  Сања Ричардс
Спортски позиции
Претходник
  Месерет Дефар
Најдобар резултат во годината на 5.000 метри
2008–2009
Наследник
  Вивијан Черијот