Дримкол
- За други значења на поимот Дримкол, видете на појаснителната страница
Дримкол — етногеографски предел во југозападниот дел на Македонија, на границата со Албанија. Името го добил од реката Дрим и турскиот збор „кол“ што значи „одред“, „војска“ или „стража“, „жупа“. [1]
Географски одлики
уредиСе простира на запад од реката Црн Дрим, по источните страни на планината Јабланица. На југ допира до брегот на Охридското Езеро, а на север до Дебарска Жупа. Се дели на Струшки/Горни Дримкол [2] на југ и Дебарски/Долни Дримкол [2] на север. Струшкиот Дримкол е поголем и се шири на дел од Струшкото Поле, а дебарски Дримкол е планинско-ридест крај. Покрај источната периферија на двата Дримкола води регионален пат кој го поврзува пределот на север со Дебар и на југ со Струга. На запад, од Струга преку Ќафасан, води меѓународен пат кој го поврзува со Албанија. Во Дримколската Клисура се изградени две вештачки акумулации, Глобочица и Шпилје, на кои се подигнати и две електроцентрали. Кај селото Пискупштина е откриен јаглен со резерви од околу 3,5 милиони тони и тој се исцрпува. Главно занимање на дримколци во Струшко Поле е земјоделството, а во јабланичките села сточарството. Значаен дел од населението е заминато на привремена работа во странство. [3]
Опис
уредиДебарски Дримкол е мала пределска целина сместена на источните падини на планината Јабланица. Нејзината западна страна се движи по границата спрема Албанија. На север и запад од Дебарски Дримкол е пределот Голо Брдо, на југ Струшки Дримкол, а на исток преку дрим е Малесија.
Во овој неодамна тешко пристапен планински предел живее, главно, старински слој словенско-македонско население со присуство на преселници од локалните миграции. За етничкиот развиток на Дебарски Дримкол од особена важност била врската со селата и пределите на запад, како на пример со Голо Брдо. Населението во него со векови се занимавало со екстензивно сточарство и експанзивно земјоделие, а од економски причини било упатено и на печалба. [4]
Струшки Дримкол е расположен на источните падини од планината Јабланица, со која Република Македонија граничи со Албанија. Неговата источна гранива оди по левата страна од течението на Дрим, почнувајки со истекот од Охридското Езеро, а на север се протега до пределот Дебарски Дримкол.
Од десната страна по течението на Дрим, паралелно со претходниот предел, е расположено Струшко Поле. Во времето на турското владеење овие два предела административно припаѓале на Струшката нахија во рамките на Охридската каза.[4]
Населени места и население
уредиВо Дримкол има 23 села, од кои 15 се во Струшки, а 8 во Дебарски Дримкол. Главно административно и стопанско средиште на Дримкол е Струга.
Струшки Дримкол: Боровец, Вевчани, Велешта, Враништа, Вишни, Горна Белица, Долна Белица, Добовјани, Заграчани, Калишта, Лабуништа, Октиси, Подгорци, Радолишта и Шум.
Дебарски Дримкол: Јабланица, Безово, Дренок, Лакаица, Луково, Модрич и Нерези, Пискупштина.
Најголемо село е Лабуништа, со 5.936 ж. (2002 г.), додека селото Вевчани е самостојна општина. Населението го сочинуваат Македонци, Македонци муслимани (Торбеши) и Албанци, кои се поделени на Геги и Тоски.
Вкупното население на Дримкол според последниот попис од 2002 година изнесува 30.269 жители, од кои 28.790 живеат во Струшки, а само 1.479 во Дебарски Дримкол.
Наводи
уреди- ↑ Pianka, Włodzimierz (1970). Топономастиката на Охридско-преспанскиот базен. Institut za makedonski jazik "Krste Misirkov".
- ↑ 2,0 2,1 Поповски, Јован; Душко Наневски (1971). Дримколски Записи. Македонска книга.
- ↑ Миленко, Филиповић (1939). „Дебарски Дримкол“.
- ↑ 4,0 4,1 „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 60 и 88)“.