Смртта на Артемио Круз
Смртта на Артемио Круз (шпански: La muerte de Artemio Cruz) — роман на мексиканскиот писател Карлос Фуентес од 1962 година. Фуентес започнал да го пишува романот во Хавана, во мај 1960 година, а го завршил во Мексико, во декември 1961 година.[1]
Посвета и цитати
уредиФуентес му го посветил романот на Чарлс Рајт Милс, нарекувајќи го „единствениот глас на Северна Америка, пријател и сопатник во борбата за Латинска Америка“.[2] На почетокот од романот, Фуентес наведува пет цитати, и тоа: од „Есеите“ на Монтењ, од „Големата сцена на светот“ на Калдерон, од „Црвено и црно“ на Стендал, од „Бескрајна смрт“ на Хосе Горостиса и стих од една мексиканска народна песна („Не вреди животот: животот ништо не вреди“.[3]
Содржина
уреди- Артемио Круз, богат стопанственик на возраст од 71 година, лежи на смртната постела. Тогаш се присетува на претходниот ден, 9 април 1959 година, кога со авион допатувал во Мексико Сити. За време на летот се запалил еден од моторите на авионот и сите патници ги фатила паника, а само тој останал присебен. Сепак, авионот успешно слетал, а подоцна, во својата канцеларија, Артемио се онесвестил по што е пренесен дома. Таму, тој се бори за животот, во присуство на сопругата Каталина и ќерката Тереза, кои најмногу се интересираат за неговиот тестамент. Во собата доаѓа и неговиот секретар Падиља, кој на Артемио му ги пушта неговите снимени разговори. Додека лежи, тој се присетува на најважните случки од неговиот живот.[4]
- 6 јули 1941 година: Возејќи се кон својата канцеларија, Артемио ги здогледал сопругата Каталина и ќерката Тереза како одат да купат гардероба. Во канцеларијата, тој имал состанок со американските инвеститори од кои барал голем износ пари како надомест за тоа што им обезбедил концесија за експлоатација на рудните богатства.[5]
- 20 мај 1919 година: Артемио го посетил таткото на соборецот Гонсало Бернал со кого бил заедно затворен. Неговата намера била да му ги откупи побарувањата од селаните, а потоа да му ја одземе земјата. За да си го сочува имотот, гсподинот Бернал се согласил да му ја даде ќерката Каталина за жена, иако таа сакала друг човек.[6]
- 4 декември 1913 година: За време на Мексиканската револуција, Артемио бил поручник во револуционерната војска. Еднаш, тој ја сретнал Регина во која се заљубил и оттогаш таа го следела насекаде и тие повремено се среќавале. Додека војската била сместена во едно село, Артемио и Регина изнајмиле соба, минувајќи го слободното време заедно. Наеднаш, тој добил наредба да го напушти селото, а за време на борбата со владината војска, тој избегал при што одбил да му помогне на еден ранет соборец. Меѓутоа, никој не дознал за неговото бегство и по борбата, тој бил славен како херој. Кога се вратил во селото, Артемио ги здогледал жителите кои ги обесила владината војска, а меѓу нив била и Регина.[7]
- 3 јуни 1924 година: Иако поминале неколку години од бракот, Каталина продолжила да го мрази својот сопруг, меѓутоа секоја ноќ страстно водела љубов со него. Во меѓувреме, нејзиниот татко умрел, а Артемио постепено го зголемувал богатството, претворајќи се во лихвар и голем земјопоседник кој вешто манипулирал со сиромашните селани и се служел со нечесни методи за да им ја откупи земјата на старите господари. Артемио и Каталина речиси воопшто не разговарале, иако таа му родила син, а била бремена со второто дете. Наспроти нејзиниот презир и омраза кон него, Артемио ја сакал сопругата, но никогаш не собрал храброст отворено да го признае тоа. Користејќи ја поддршката од селаните, тој се кандидирал за пратеник во федералниот парламент.[8]
- 23 ноември 1927 година: Во домот на Артемио дошле луѓето од полицијата, кои барале од него да избере дали ќе му биде верен на претседателот или на неговиот политички противник. Артемио, кој отсекогаш имал чувство да ја избере победничката страна, се приклонил кон власта која пак му ветила поддршка во неговите деловни потфати.[9]
- 11 септември 1947 година: Артемио се сеќава на едно летување во придружба на младата убава проститутка Лилија. Додека се возеле со јахта, таа флертувала со младиот сопственик на јахтата, а тогаш Артемио сфатил дека остарел. Исто така, тој се сеќава на заедничката прошетка со синот Лоренсо на својот имот во Кокуја.[10]
- 22 октомври 1915 година: Артемио се сеќава на еден воен поход во кој неговиот одред бил испратен во извидница, но паднал во заседа при што речиси сите негови војници погинале, а тој бил заробен од војската на Панчо Виља. На патот кон блиското село, тој се скрил во еден напуштен рудник, но кога излегол, повторно паднал во рацете на непријателската војска. Заповедникот на војската, полковникот Сагал, му понудила слобода, ако му ги открие плановите на владината армија, но Артемио одбил да биде предавник, поради што бил осуден на смрт со стрелање. Во затворот, тој го запознал Гонсало Бернал, кој во еден разговор ги споменал татко му и сестра му Каталина. По разговорот, Артемио ја прифатил улогата на предавник и така си го спасил животот, додека Гонсало бил стрелан. Токму во тој миг, владината армија го нападнала селото, а Артемио го совладал полковникот Сагал, потоа го предизвикал на двобој и го убил.[11]
- 12 август 1934 година: Артемио се сеќава на средбата со Лаура во нејзиниот стан. Неа ја запознал случајно, на еден концерт, по еден месец закажале состанок и потоа станале љубовници. Лаура била пријателка со Каталина, која не знаела ништо за нејзината врска со Артемио. За време на разговорот меѓу Артемио и Лаура, заѕвонил телефонот - тоа била Каталина, која ја поканила Лаура на гости. Лаура, која започнала постапка за развод, била уморна од врската со Артемио и побарала и тој да се разведе, но Артемио претпочитал да ја продолжат врската на дотогашниот начин. Малку подоцна, Артемио чувствува силна болка во стомакот и за да заборави на неа, се сеќава на својата средба со синот Лоренсо во Кокуја: јавајќи ги коњите, тие стигнале до морскиот брег, а тогаш Лоренсо го известил дека има намера да го напушти домот.[12]
- 3 февруари 1939 година: Артемио се сеќава на последното писмо од Лоренсо, кој учествувал во Шпанската граѓанска војна. При крајот на војната, Лоренсо и неговиот другар Мигел биле принудени да се повлечат од еден град во кој навлегла фашистичката војска. Притоа, тие сретнале неколку девојки, меѓу кои и Долорес во која веднаш се заљубил Лоренсо. Додека се повлекувале преку Пиринеите, бегајќи во Франција, над колоната бегалци надлетал еден непријателски авион и тогаш погинал Лоренсо. Другарите го зеле писмото кое тој го чувал во кошулата кое подоцна Мигел му го испратил на Артемио. Сеќавајќи се на тој ден, Артемио жали за изгубениот син, го преиспитува своето минато и мисли на неизбежната смрт.[13]
- 31 декември 1955 година: Артемио се сеќава на прославата на новогодишната ноќ во својата вила, каде традиционално канел голем број пријатели, познаници и видни луѓе. На прославата не присуствувале сопругата Каталина и ќерката Тереза, кои живееле одделно, во друга куќа, а тој живеел со љубовницата Лилија. Пред пристигнувањето на гостите, тој позирал пред група фотографи. Кога се појавиле првите гости, пијаната Лилија се однесувала недолично и Артемио ѝ удрил шлаканица. За време на прославата, тој се држел повлечено и само ги набљудувал гостите, свесен за нивниот неморал и расипаност, а по некое време, се повлекол во својата соба, оставајќи ги гостите. Лежејќи на смртната постела, Артемио се сеќава на своето минато, особено на Регина и на Лоренсо, а тогаш пристигнува амбулантната кола за да го однесе на болница.[14]
- 18 јануари 1903 година: Артемио се сеќава на времето кога како 13-годишно дете живеел на имотот на семејството Менчака во Кокуја. Во минатото, семејството било богато и моќно, но откако господарот Атанасио бил убиен во заседа, имотот бил преземен од друг господар, а неговиот брат Педрито останал да живее во семејната куќа, станувајќи алкохоличар. Артемио се родил во една колиба на имотот, како вонбрачно дете на Изабела Круз и на господарот Атанасио, кој веднаш потоа ја избркал Изабела од својот имот, а за Артемио се грижел братот на Изабела, Лунеро. Меѓутоа, еден ден, Лунаро му соопштил дека мора да го напушти имотот. Тогаш, малиот Артемио за првпат влегол во куќата на господарите, ја зел пушката и го убил Педрито. Потоа, тој и Лунеро побегнале во планината, но Лунеро бил убиен и така Артемио станал сам на светот.[15]
- 9 април 1889 година: На крајот од книгата, Артемио се наоѓа на болница. Хирурзите се обидуваат да го оперираат, но без успех, така што тој умира. Во последните мигови од животот, тој се сеќава на денот кога во една колиба во Кокуја се пораѓала Изабела Круз на која ѝ помагал братот Лунеро. Во мигот кога се родило детето, Лунеро ги слушнал чекорите на Атанасио кој се приближувал кон колибата...[16]
Ликови
уредиВо романот е прикажан ликот на Артемио Круз, човек на смртната постела. Притоа, Фуентес го води читателот низ текот на свеста на човекот кој успеал да го победи животот, но е принуден да го признае поразот од смртта. Круз е архетипски јунак кој претставува спој на Чарлс Фостер Кејн, ликот од славниот филм на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“ и класичниот јунак од руската книжевна традиција. Некогашниот бестрашен револуционер со текот на времето ги губи идеалите и се претвора во земјопоседник кој безмилосно им ги одзема имотите на селаните и на старите земјопоседници, а подоцна станува и медиумски могул кој го контролира јавното мислење и така се одржува на површината од политичките превирања во Мексико. Тој ги користи сите средства за да се збогати, но во делото е прикажана и човечката страна на неговата сложена личност.[1]
За делото
уредиСпоред повеќето критичари, „Смртта на Артемио Круз“ е најдоброто дело на Фуентес и можеби првото дело на магичниот реализам и предвесник на латиноамериканскиот книжевен бум. Притоа, во сите избори на најзначајните дела во латиноамериканската книжевност, овој роман зазема едно од врвните места. Романот го привлекува вниманието на критиката и на читателите со тематизирањето на универзалните прашања поврзани со искушенијата на злото, моќта и љубовта, но тој претставува и водич во душата на модерното Мексико, наследството на минатото и стравот на современото време. Како Орсон Велс, Фуентес се служи со филмските техники кои вешто ги транспонира во книжевниот јазик (close-up, длабинската острина, флешбекот, паралелната монтажа итн.) и на тој начин ја манифестира писателската виртуозност.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 7.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 5.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 9-18.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 18-36.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 36-62.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 62-91.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 91-123.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 123-144.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 144-166.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 166-207.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 207-226.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 227-250.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 250-281.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 281-316.
- ↑ Karlos Fuentes, Smrt Artemija Kruza. Beograd: Dereta, 2015, стр. 316-318.