Славиша Кокеза (роден на 7 јули 1977 година) е српски стопанственик, фудбалски администратор и поранешен играч. Во периодот помеѓу 20 мај 2016 и 22 март 2021 година, тој бил претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС).[1][2]

Славиша Кокеза како претседател на Фудбалскиот сојуз на Белград

Почетоците на животот и фудбалската кариера уреди

Славиша Кокеза е роден на 7 јули 1977 година во семејство на босански Срби во градот Сараево, во тоа време дел од СР Босна и Херцеговина и дел од СФР Југославија.

Фудбалската кариера ја започнал во екипата на НК Челик од Зеница, играјќи во младинските категории во периодот од 1985 до 1991 година. Во сениорска конкуренција настапувал за екипите на ФК Бродарац од Нов Белград, а во тој клуб го минал периодот од 1999 до 2014 година како фудбалер, но и како функционер.[3]

Политика уреди

Кокеза бил член на крајно десничарската партија Српска радикална партија (СРС), а по основањето на Српската напредна партија (СНС - Српска напредна странка) во 2008 година, станал член и функционер на таа партија. Тој е член на Главниот одбор и потпретседател на одборот на белградската СНС.[4]

Пошироката јавност првпат слушнала за него во јули 2008 година, кога се појавил на прес-конференција на Српската радикална партија, седејќи до тогашниот заменик-претседател на СРС, Томислав Николиќ, и генералниот секретар Александар Вучиќ. Славиша Кокеза наводно бил повреден од страна на полицијата на митинг организиран од радикалите на Плоштадот на Републиката, во знак на протест поради апсењето на Радован Караџиќ.[5]

Бизнис кариера уреди

Според податоците на Агенцијата за деловни регистри, Кокеза бил 100% сопственик на најмалку три компании - „Еуросалон Фабрика“, „Сениор тим доо“ и „Бест контакт“. Тој имал сопственички процент во неколку други компании, помеѓу другите и во компанијата наречена „Среќен милионер“. Некои од неговите компании биле регистрирани на иста адреса со компанијата „Проинтер ИТ решенија и услуги, Белград“. Таа компанија од неодамна ја презела компанијата „Алти“, која била сопственик на синџирот продавници за ИТ опрема „ВинВин“.[3] Поранешниот претседател на Демократската партија Бојан Пајтиќ изјавил дека блиските соработници на тогашниот премиер на Србија Александар Вучиќ и стопанственикот Славиша Кокеза „воспоставиле монопол над ИТ пазарот на Србија“.[6]

Во месец јули 2017 година, Еди Бернис Џонсон, член на Конгресот на САД, го повикал потпретседателот Мајк Пенс да не се сретнува со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведувајќи ги меѓу другите причини и односите меѓу братот на претседателот Вучиќ, Андреј Вучиќ и руските тајкуни. Таа ги истакнала извештаите во кои се тврдело дека Андреј Вучиќ и неговите четворица блиски соработници, а еден од нив бил и самиот Славиша Кокеза, „продолжуваат да ги контролираат сите проекти за инфраструктура и јавни работи“. Во извештаите се наведувало и нивната блиска врска со Александар Бабаков, пратеник во Државната дума од партијата Единствена Русија на претседателот Владимир Путин.[7]

Административна кариера во фудбалот уреди

Како активен фудбалер во периодот од 2009 до 2011 година станал и директор на ФК Бродарац, а од 2011 до 2012 година Кокеза бил и генерален директор на екипата на ФК Земун.[3] Во месец декември 2012 година на редовното Собрание на екипата на Црвена ѕвезда од Белград, бил избран за потпретседател на Управниот одбор на клубот.[8] Во месец август 2015 година, тој поднел оставка од таа позиција наведувајќи го незадоволството на навивачите и несогласувањето со другите членови од одборот.[9]

Во средината на месец ноември 2014 година бил предложен за претседател на Фудбалскиот сојуз на Белград, а на таа функција бил избран на вонредното собрание на Фудбалската федерација на Белград, кое се одржало на 22 декември 2014 година.[10] Тој бил потпретседател на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Србија започнувајќи од 2015 година, а на 20 мај 2016 година бил избран за претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија и оттогаш бил на таа функција сѐ до месец март 2021 година.[4]

На 28 февруари 2021 година Славиша Кокеза бил приведен и испрашан од страна на полицијата во врска со апсењето на неколку членови на фудбалската навивачка група на Гробари, обвинети за убиство, киднапирање и трговија со дрога.[11] Според министерот за внатрешни работи Александар Вулин, Славиша Кокеза одбил полиграфско тестирање,[12] додека министерот изјавил дека полицијата има големи сомневања за вистинитоста на одговорите на Кокеза при сослушувањето.[13] Славиша Кокеза одбил да одговори дали е вмешан во наводниот заговор за атентат на претседателот на Србија Александар Вучиќ. Подоцна самиот Александар Вучиќ изјавил дека „не може да поверува“ дека токму Кокеза, „човекот на кој бескрајно му верува“, одбил да го направи полиграфското тестирање.[14] Кокеза поднел оставка на 22 март 2021 година по контроверзите и наводите за неговата вмешаност во организираниот криминал.[15]

Приватен живот уреди

На 14 март 2020 година, Славиша Кокеза бил позитивен на вирусот КОВИД-19.[16]

Наводи уреди

  1. „Slaviša Kokeza, novi predsednik FSS“. Football Association of Serbia. 20 May 2016. Посетено на 18 July 2018.
  2. „Management | Football Association of Serbia“ (англиски). Посетено на 2021-02-28.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Slaviša Kokeza“. Istinomer (српски). Посетено на 2021-02-28.
  4. 4,0 4,1 „Ko je buntovnik Slaviša Kokeza?“. Radio Televizija BN. Посетено на 2021-02-28.
  5. Pantić, Milojko. „Kako je Kokeza 'ukrao' fudbal u Srbiji“. balkans.aljazeera.net (босански). Посетено на 2021-02-28.
  6. „Pajtić: Saradnici Vučića i Kokeza monopolizovali IT tržište“. N1 (српски). 2015-11-06. Посетено на 2021-02-28.
  7. „Congresswoman's Protest Casts Shadow over Vucic US Visit“. Balkan Insight (англиски). 2017-07-19. Посетено на 2021-03-01.
  8. „FKCZ: Nova uprava počela sa radom“. B92.net (српски). Посетено на 2021-02-28.
  9. „Kokeza podneo ostavku u Zvezdi!“. B92.net (српски). Посетено на 2021-02-28.
  10. „Kokeza novi predsednik FSB“. N1 (српски). 2014-12-22. Посетено на 2021-02-28.
  11. „Serbian FA chief questioned by police over fan mafia links“. AP NEWS. 2021-02-28. Посетено на 2021-02-28.
  12. „Vulin: Kokeza odbio poligraf, saslušan u svojstvu građanina - Društvo - Dnevni list Danas“. www.danas.rs (српски). Посетено на 2021-02-28.
  13. „Vulin: Policija izrazila sumnje u istinitost odgovora, Kokeza odbio poligraf“. N1 (српски). 2021-02-28. Посетено на 2021-02-28.
  14. „Не могу да верујем да Кокеза неће на полиграф“. vucic.rs (српски). Посетено на 2021-02-28.
  15. „KOKEZA PODNEO OSTAVKU: FSS ostao bez predsednika“. NOVOSTI (српски). Посетено на 2021-03-22.
  16. „Slaviša Kokeza zaražen korona virusom“. Dnevni list Danas (српски). Посетено на 2021-02-28.