Александар Вучиќ (5 март 1970 во Белград) — српски политичар кој од 31 мај 2017 е претседател на Република Србија. Вучиќ пред ова бил министер за информирање во владата на Мирко Марјановиќ во периодот 1998–2000 како член на Српската радикална партија. Во 2008 станал член на Српската напредна партија на Томислав Николиќ, а откако Николиќ во 2012 станал претседател на Србија, Вучиќ го преземал челното место во партијата. По парламентарните избори во 2012, Вучиќ станал министер за одбрана и вицепремиер во владата на Ивица Дачиќ (2012–2014). По победата на неговата партија на парламентарните избори во 2014, Вучиќ станал премиер на Србија. На таа позиција останал до 2017, кога победил на претседателските избори и во мај стапил на местото прв човек на државата.

Александар Вучиќ
Александар Вучић
Претседател на Србија
Стапува
31 мај 2017
Претходник Томислав Николиќ
Премиер на Србија
На должноста
27 април 2014 – 31 мај 2017
Претседател Томислав Николиќ
Претходник Ивица Дачиќ
Наследник Ивица Дачиќ
Лични податоци
Роден(а) 5 март 1970(1970-03-05)(54 г.)
Белград, Југославија
(денешна Србија)
Сопружник Ксенија Јанковиќ (1997–2011)
Тамара Ѓукановиќ (2013–)
Деца 2
Установа правен факултет во Белград
Вероисповед православен христијанин
Потпис

Животопис

уреди

Александар Вучиќ е роден на 5 март 1970 во Белград, како син на Ангелина и Анѓелко Вучиќ.[1] Тој во 1993 година се зачленил во крајно десничарската Српска радикална партија на Воислав Шешељ, која се залагала за Голема Србија.[2] На парламентарните избори во 1993 Вучиќ бил избран за пратеник во српското Собрание, а две години подоцна, на возраст од 24 години, станал генерален секретар на Српската радикална партија. Во март 1998 бил именуван за министер за информации во владата на премиерот Мирко Марјановиќ.[3] Како министер изрекувал парични казни за новинарите кои го критикувале претседателот Слободан Милошевиќ, а забранил и неколку странски телевизиски канали.[4] За време на неговиот министерски мандат бил обвинет за спроведување медиумска пропаганда против косовските Албанци и поттикнување етничка омраза. НАТО во април 1999 ја бомбардирал телевизијата РТС поради спроведување меѓуетничка хајка и оправдување на воените злосторства за време на Косовската војна.

Томислав Николиќ, заменик претседател на Српската радикална партија, во септември 2008 поднел оставка поради несогласување со Шешељ околу тоа дали Србија треба да стане членка на Европската Унија. Вучиќ како генерален секретар се приклонил кон Николиќ, кој во октомври истата година ја основал Српската радикална партија.[5] Николиќ бил претседател, а Вучиќ негов заменик во партијата. Откако Николиќ победил на претседателските избори во 2012, Вучиќ бил избран за нов партиски водач.[6] Вучиќ бил вицепремиер и министер за одбрана во владата на премиерот Ивица Дачиќ во периодот 2012–2014. Иако Дачиќ формално бил прв човек во владата, многу политички аналитичари сметале дека бил највлијателен човек во владата како претседател на најголемата партија во владината коалиција.[4] На парламентарните избори во 2014 партијата на Вучиќ освоила 158 од 250 места во српското Собрание и формирала владина коалиција со социјалистите на Дачиќ. Вучиќ бил избран за премиер на Србија. На претседателските избори во 2017, Вучиќ победил во првиот круг со освоени 56% од важечките ливчиња, додека втор бил Саша Јанковиќ со освоени 16,63%.[7]

Наводи

уреди
  1. „Aleksandar Vučić: Hrvati se rugaju mojim ubijenim precima!“. Novosti.
  2. Mardell, Mark (26 January 2007). „Europe diary: Serbian Radicals“. BBC News. Посетено на 23 May 2010.
  3. „Narod koji ima najkraće pamćenje na svetu“ (српски). Preko ramena. 10 May 2012. Архивирано од изворникот на 2015-01-09. Посетено на 2017-05-09.
  4. 4,0 4,1 Guy De Launey (20 January 2014). „Serbia transforming from pariah to EU partner“. BBC News. Посетено на 22 January 2014.
  5. „Nikolić: I Vučić napustio radikale“ (српски). Mondo. 14 September 2008. Архивирано од изворникот на 15 September 2008.
  6. Aleksandar Vucic: from nationalist hawk to devout Europeanist, GlobalPost.com, 13 March 2014.
  7. Vucic Wins Serbian Presidential Elections Balkan Insight April 2, 2017, retrieved April 28, 2017

Надворешни врски

уреди