Носии од Скопска Котлина

(Пренасочено од Скопска носија)

Во пределот Скопска Котлина се среќаваат четири различни носии, од кои две битно се разликуваат една од друга — носијата од Скопска Црна Гора и носијата од Скопска Блатија, додека носиите од с. Кучково и с. Пуста Брезница се варијанти од овие две, со разлики во одделни облеки, украси и детали. [1]

Машка скопско-црногорска носија изложена во Музејот на Македонија
Женска скопско-црногорска носија изложена во Музејот на Македонија
Машка и женска носија од Црногоријата

Носии од Скопска Црна Гора

уреди

Скопска Црна Гора ја сочинуваат 11 планински села во околината на Скопје, во кои народната носија се издвојува со специфичниот начин на украсување на облеките и со изразити црно-бели контрасти.

 
Народни носии од с. Кучевиште, Скопска Црна Гора (1900)

На кошулата од женската носија, која во главните кројни елементи не отстапува од општопознатиот облик на македонските кошули — туниковидни, е застапен богат вез по целата должина на ракавите, на градите и долу по скутовите, изведен со волнени конци во црна импозантна релјефна орнаментика, создавана врз основа на старите антички традиции. Облеките од бела клашна — з'бан за девојки и долама за мажени жени, изобилуваат со украси од црни рески или црни гајтани на зимската облека џубе. Ткаениот алов појас или црна каница, скутината утајка со дискретни прави шарки, плетените волнени шарени чорапи, опанци с'с опутице и богатиот накит, ја оформуваат целокупната композиција на носијата.

Забрадувањето на главата со долги, домашно ткаени, крпи пребрадник и прекривач, поинакво за девојки од тоа на омажените жени, е посебна одлика на носијата во овој регион.

Невестите носеле на глава невестинска капа со кружна форма, цвеќе и многу накит (тепелаци, игла главичата, ушници со трепки, потоа гердани на градите, чапрази на појасот).

Машката носија, главно платнена и клашнена, се состои од кошула од бело домашно памучно платно, долга, широка и многу набрана во долниот дел. Платнените гаќи, аловиот ткаен појас, кусата безракавна клашнена облека џамаданче и подолгото џубе од бела клашна со декоративни украси од црни гајтани, плетените волнени чорапи и опанци с'с опутице ја оформуваат носијата во пределот Скопска Црна Гора. [1]

Носии од Скопска Блатија

уреди
 
Свадбарска група на селани во носии од с. Булачани, Скопска Блатија (1940)

Спротивно од смирените црно-бели комбинации на носијата од Скопска Црна Гора, женската носија од Скопска Блатија, рамничарски земјоделски предел во непосредна близина на Скопје, се одликува со изразита полихромност, како во извезените така и во вткаените орнаментални мотиви.

Везените украси со геометриски и стилизирани вегетабилни мотиви на белата туниковидна кошула, изведени со разнобојни волнени конци и изобилство од срма, се вклопуваат во стилското единство со другите делови од носијата, платнената саја и клашнената курдија, ткаената волнена скутина вута и појасот кемерче ја оформуваат носијата со исти колористички ефекти.

Празничните носии, како и невестинската се дополнети со повеќе декоративни детали — ракавчиња, крпи, коцел, поткоцелник, како и богат и разновиден монистрен и метален накит — игла титрајка, огрље, леденик, пафти, ѓердани.

 
Двајца мажи во носии од село Бардовци, Скопска Блатија (1926)

Мажите од овој предел лете носат платнени кошула и гаќи, како во Скопска Црна Гора, со широк ткаен волнен појас на половината. Карактеристична е празничната кошула наречена ајта — широка и со многу набори во долниот дел, а специјален детаљ на облеката на младоженците и младите мажи е широко набраното долниште тоска, фустан, кое по називот потсетува на албанското племе Тоски, по кројот на тоскиската фустанела, а по потекло се врзува со старобалканското културно наследство. На нозете се обувале шарени волнени чорапи, кои под колената се придржувале со тесни ткаени појасчиња дизгии.

Зиме се облекува елек од шарено, долама и чакшири од темна клашна, а во некои села и широки тумани или литарки. Горна зимска облека е кожув од овча кожа или гуња со куси ракави од темна клашна. [1]

Носија од село Кучково (Ск. Дервен)

уреди

Селото Кучково, за кое во стручната литература е забележано дека е единственото село од стариот Скопски Дервен, има поинаква носија, која ја одбележуваме како преодна меѓу Скопска Блатија и Скопска Црна Гора.

Жените во ова село носат кошула украсена со црн или разнобоен вез, летна саја или зимска ќурдија, со поинакви украси од тие во соседните предели. Карактеристична облека во ова село е белото платнено сајче, со богати везени декорации, од дебели црни волнени конци, по грбот и предниците. Скутината бовча е од алова волна, прошарана со поситни вткаени геометриски мотиви. Забрадувањето е со ткаена бела памучна или свилена крпа, придржувана од ремче со монистрена декорација. На нозете се носат волнени, плетени, шарени чорапи и опинци.

Машката носија од с. Кучково во некои облеки има сличности со носиите во Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, но се разликува од нив по начинот на украсувањето на облеките — белото џубе, темнокафеавата гуња и белиот платнен елек, со извезени црни и црвени украси. [1]

Носија од село Пуста Брезница (Каршијак)

уреди
 
Селани во носии од с. Долно Соње, Каршијак (1903)

Во планинското село Пуста Брезница, и во околните села, машката носија е сета од бели клашнени облеки со оптоки од црни гајтани — џамадан, минтан, бечви, потоа чорапи — сплетени од разнобојна волна со геометриски мотиви, и капа од јагнешка кожа — делува впечатливо како изразито планинско-сточарска носија.

Женската носија од село Пуста Брезница е варијанта на носијата во Скопска Блатија, со поинакви извезени и вткаени орнаментални мотиви и поинакви форми на горните облеки.

Во рамките на Скопската Котлина се наоѓа и групата Торбешија, во која живеат помуслиманети Македонци, со македонски говорни одлики, кои со менувањето на верата го смениле и својот начин на живот, па во извесна смисла и својата носија. Слична на торбешката носија носат и Шиптарите од селата меѓу Полог и Скопска Блатија.

Женската носија се состои од кошула од бело тенко платно — кенарлија, украсена со разнобоен вез, л'скавци и монистра, преку која се облекува јелек од индустриски материјал, алаџа поставен и полнет со памук, а се опашува со волнен ткаен појас и скутина — бовча. Носијата е дополнета со украсни крпи. Карактеристичен детал од носијата е бел чаршав — тенка памучна ткаенина, сета украсена со вткаени геометриски мотиви, а служи како нокривка за забулување. [1]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 146 и 147. ISBN 9989-649-25-1.

Надворешни врски

уреди