Шишевски манастир

манастир во Македонија
(Пренасочено од Св. Никола Шишевски)

Манастирот Свети Никола Шишевскимакедонски православен христијански средновековен манастир во близината на селото Шишево, високо над карпите во кањонот Матка од десната страна на реката Треска.

Манастир Свети Никола Шишевски

Поглед на манастирот Свети Никола Шишевски од карпите над езерото Матка

македонска православна црква
Епархија Скопска
Местоположба

Карта

Место Шишево
Општина Сарај
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба 1345 година (XIV век)
Живопис XIV век, 1630 година
Ктитор Крали Марко (веројатно)
Архитектонски опис

Местоположба

уреди
 
Поглед одблизу на манастирската црква Свети Никола

Манастирот Свети Никола Шишевски, е сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска. Теренот е недостапен за моторни возила и планински велосипеди и е единствено достапен пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица во Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево (1 час); како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути). Од градот Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри. Од спротива на манастирот долу крај езерото се пружа прекрасна глетка на позната црква Манастир Свети Андреја.

 
Дел од фрескоживописот на манастирската црква

Историја

уреди
 
Главниот влез кон манастирот Свети Никола Шишевски

Точниот датум на изградбата на манастирската црква посветена на Свети Никола е непознат. Сепак постои податок дека црквата била изградена или обновена во 1345 година од страна на поп Ненад и други ктитори[1]. Во еден препис на манастирски Поменик се споменува дека во подигањето и живописувањето на постарата црква помагал кралот Марко, така што нему може да му се припише ктиторството[2]. Имајќи го предвид овој податок, како и податокот дека ктитор на блиската црква од спротива, посветена на Свети Андреја, бил братот на Крале Марко, Андријаш, може да се заклучи дека овој манастир датира од втората половина на XIV-от век. Не се знае точно кој бил ктиторот и на новата црква, а се претпоставува дека лично се заложил скопскиот митрополит Симеон[2].

Кон средината на XV век се споменува дека во манастирската црква имало само еден калуѓер[1]. До крајот на XV век и во текот на целиот XIV век нема никакви податоци за животот на манастирот. Негде во првата половина на XVII век кон западната страна на црквата е доградена припрата во форма на стеснет впишан крст со купола која се држи на конзоли[1].

Од подоцнежната историја на манастирот, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот во еден свој напис во „Цариградски весник“ (од 20 ноември 1854), забележал дека во 1844 година, Арнаутите ги уништиле и запалиле (ги сториле пепел) сите зданија (објекти), освен манастирската црква[3].

Градба и фрескоживопис

уреди
 
Поглед од далечина на манастирот Свети Никола Шишевски со околината
 
Поглед на црквите Свети Никола и Свети Андреја во кањонот Матка

Манастирската црква се состои од две градби. Постарата првобитна градба претставува еднобродна црква со тристранл апсида и полувалчест свод. Западниот дел е збиен впишан крст граден од камен и тула и неговите фасади се расчленети со лизени и слепи аркади. Оваа црква има витко осумаголно кубе и денес претставува припрата. Над влезот на црквата постои голема фреска од светецот Свети Никола, патрон на црквата. На прозорецот од десната (јужна) страна, забележлив е камен со резба на кочија кој веројатно потекнува од античкиот период[2]. Во црквата Св. Никола има два слоја живопис. Старите фрески кои потекнуваат од XIV век делумно се откриени под живописот од XVII век. Од старите фрески видливи се ликовите на четворица свети оци на северниот и на јужниот ѕид на олтарот и двајца свети воини во наосот. Тоа се светите воини Ѓеорги и Димитрија облечени во современи владетелски одежди со високи капи, слични на оние од Небесниот двор во Марковиот манастир Според досега познатите фрески од првиот слој живопис се чини дека го изработиле двајца сликари кои припаѓаат на племенско-монашката група на сликари од втората половина на XIV вен идентификувани на просторот на Скопската митрополија.

Живописот од 1630 година кој се наоѓа во втората црква, односно во припратата, е мошне добро зачуван. Во долната зона се сликани одделни светители, над нив сцени од животот на св. Никола, а во горните зони се сцените од чудата и маките на Исус Христос. Живописот од 1630 година ги носи сите одлики на овој период - цртежот доминира, линијата е сигурна и коректна, сцените се исполнети со наративност, пренатрупаност на композициите, скуден колорит, а преовладува теракотно-црвената боја[2].

Занимливост претставуваат имињата и презимињата на посетителите на манастирот кои се потпишувале на фреските при нивните посети од 1860 до 1924 година.

Од некогашните манастирски конаци, денес видливи се остатоците од темели јужно и источно од црквата, на кои се изградени летниковци со прекрасен поглед кон црквата Свети Андреја.

Наводи

уреди

Поврзано

уреди