Раде Кратовче

македонски партизан и борец во НОБ

Раде Михајлов - Кратовче (Кратово, 1911Главовица, 23 март 1944) — македонски партизан и учесник во НОБ.[1][2]

Раде Кратовче
Роден 1911
Кратово, Османлиска Империја
Починал 23 март 1944
Главовица, Македонија

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Раде Кратовче е роден како прво дете во семејството на Софија и Мијалче Михајлови во Кратово во 1911 година. Неговиот татко бил мошне образован човек, ученик во Солунската гимназија, а подоцна и учител во Чачак. Раде основно училиште завршил во родниот град, каде што го започнал и првиот клас во гимназија. Татко му Мијалче набргу починал, па мајка му Софија била принудена да се премажи за Димитар. Од овој брак се родиле уште две машки деца на кои им биле дадени имињата Кирил и Михајло. Поради тешкиот живот и големата сиромаштија, Раде морал да го напушти школувањето и започнал да го учи столарскиот занает. Во почетокот на 1930 година, тој Раде заминал на отслужување воен рок, а по неговото враќање заедно со своето семејство се доселил во Кочани во почетокот на 1931 година, каде што очувот Димитар се вработил во кочанската пошта како одржувач. Во Кочани, Раде работел како калфа кај кочанските столари, а подоцна отворил и своја столарска работилница.

Во 1934 година се оженил со Еленица, најмлада ќерка на Ангелина и Гицо Доневи. Во овој брак се родиле три ќерки: Евица, Ружа и Стефка. До 1937 година, Раде со своето семејство живеел во изнамена куќа од Љубе Шумарот во кочанската населба Стришани, а потоа одлучил да се врати во Кратово и да работи како рудар во рудникот Добрево. По една година, повторно се вратил во Кочани, каде што отворил дуќан и му се вратил на столарскиот занает. Во дуќанот започнале да навраќаат богати трговци, занаетчии, но и монополски работници. Во него честопати навраќал и младиот студент по техника Љупчо Сантов, со кого во следните неколку години станал неразделен пријател.

Народноослободителна борба

уреди
 
Споменик на местото на загинување на Раде Кратовче во селото Главовица

Со бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, кон крајот на април 1941 година, Раде активно учествувал во протестите против пристигнувањето на бугарската окупаторска војска. Во ноември истата година, заедно со поголема група напредни кочанци, тој станал член на подрачниот комитет на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во Кочани набргу биле формирани две партиски ќелии, од кои со едната раководел Благоја Попов, а со другата Љупчо Сантов. Задачата на Раде била организирање на занаетчиската младина и собирање помош за народноослободителното движење. Сепак, револуционерната активност на оваа група не останала незабележана од страна на бугарската полиција. На 21 ноември 1942 година, Раде заедно со уште деветмина кочанци и петмина штипјани бил затворен. Обвинението против затворените било изготвено на 147 страници, но со пресуда бр. 29 на Скопскиот суд од 8 февруари 1943 година, тој бил ослободен поради недостиг на докази и покрај тешката полициска истрага.

По враќањето од затвор, на 19 мај 1943 година, со одлука на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, Раде и Љупчо Сантов заминале на планината Осогово за да го организираат тамошното население и да формираат вооружен партизантски одред во Осоговието. Сопругата Еленица на тој период се сеќава со следните зборови:

„По две недели од заминувањето добив писмо од Раде во кое пишуваше дека е добро, да ги чувам децата и да не мислам на него

Во прво време, Раде и Љупчо се наоѓале во селото Вранинци, каде што успеале да создадат партиски групи во повеќе села —Оризари, Вранинци, Речани, Пресека и Главовица. По обемните акции за собирање оружје, експлозиви, храна, облека и санитарен материјал се создала поголема вооружена група од околу 20 луѓе подготвени за вооружени акции, а Раде и Љупчо се упатиле во селото Главовица. По извршените претреси на партиските организации во Штип, Кочани и Делчево, бугарската полиција дознала за активностите на Раде Михајлов и Љупчо Сантов и набргу организирала потера. Потерата најпрвин се упатила во селото Вранинци, каде што на 21 март дошло до судир со вооружената група на Крум Митков Вранински, кој бил убиен. По вооружената престрелка, полицијата се упатила кон селото Главовица. На 23 март 1944, дознавајќи дека Раде и Љупчо се наоѓаат во трлото во Бошњачко Маало, тие го опколиле местото. На повикот да се предадат, Раде и Љупчо одговориле со истрели со кои убиле и раниле неколку полицајци. Во престрелката, Љупчо Сантов бил смртно погоден во грб, а Раде Кратовче продолжил да дава отпор, но бил погоден од неколку куршуми и тој починал.

Чествување

уреди

Во негова чест е именувано основно училиште во Кочани, а подигнат е и споменик на местото на загинување во селото Главовица.

Наводи

уреди
  1. Mar 23; 2021 (2021-03-23). „Одбележана 77-годишнината од смртта на кочанските антифашисти Љупчо Сантов и Раде Кратовче“. Општина Кочани (англиски). Посетено на 2021-03-23.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  2. „За нашиот патрон“. ОУ „Раде Кратовче“ (англиски). Посетено на 2021-03-23.