Преполовениот виконт

„Преполовениот виконт“ (италијански: Il visconte dimezzato) е роман од италијанскиот писател Итало Калвино од 1951 година. Романот е дел од трилогијата „Нашите предци“.

Содржина

уреди

Виконтот Медардо од Тералба допатувал во Бохемија за да и се придружи на христијанската војска во борбата против Османлиите. Во екот на борбата, Медардо невнимателно застанал пред еден непријателски топ и топовското ѓуле го погодило, преполовувајќи го на два дела. Вечерта, кога ги собирале телата на мртвите и ранетите, го пронашле распарченото тело на виконтот и го однеле во болницата, каде лекарите успеале да го оживеат. Еден октомвриски ден, за време на гроздоберот, преполовениот виконт го донеле на носилка во неговото родно место. Веднаш по пристигнувањето на виконтот, неговиот татко, кој во меѓувреме живеел во кафез со разни птици, умрел.

Виконтот Медардо започнал да се однесува многу сурово кон луѓето на својот посед: шетајќи низ околината, ги уништувал овошките и посевите, за најситни престапи, луѓето ги осудувал на смртна казна и насекаде сеел само зло. Затоа, сите луѓе во околината се плашеле од него. Еден ден, Медардо ја избркал слугинката Себастијана, протерувајќи ја во затвореното село во кое живеел болните од чума. По некое време, тој ја побарал за жена козарката Памела, но таа ја одбила неговата понуда и побегнала во шумата, каде живеела со својата омилена коза и патка. За нејзината скривница, знаел само внукот на виконтот.

Пребродувајќи го стравот од чумата, внукот на виконтот отишол во селото да ја побара Себастијана и дознал дека таа има лековити треви кои ја штитат од болеста, но за да не се издвојува од останатите болни, таа намерно си направила рани по лицето и на телото. Еден ден, детето го сретнало виконтот, кој се однесувал многу добро кон него. Исто така, и другите луѓе во селото забележале чудна работа: виконтот понекогаш се однесувал многу добро, а понекогаш продолжувал со своите злобни дела. По некое време била откриена тајната: во селото се вратила другата половина од телото на виконтот, која на бојното поле ја пронашле некои калуѓери. Тие, со помош на лековити треви, успеале да го оживеат преполовеното тело на виконтот, кој останал да живее со нив и правел само добри дела. Така, живото во селото се променил: од една страна, добриот виконт насекаде правел добрини и им помагал на сите луѓе, а од друга страна, лошиот виконт настојувал на сите да им наштети. Сепак, како што луѓето го мразеле лошиот виконт, со текот на времето започнале да не го поднесуваат и добриот, кој претерувал со неговите добри дела.

Најпосле, еден ден лошиот виконт ги наговорил родителите на Памела да ја убедат да се омажи за добриот виконт. Истовремено, добриот виконт ги наговорил нејзините родители да ја убедат да се омажи за лошиот виконт. На денот на свадбата, двете половини на виконтот започнале двобој во кој смртно се раниле меѓу себе. Докторот Трелоуни, со помош на лековити треви, успеал да ги спои двете половини и така виконтот Медардо повторно бил еден човек. Оттогаш, тој продолжил да живее како секој човек, ни премногу добар, ни премногу лош.[1]

Наводи

уреди
  1. Italo Kalvino, „Prepolovljeni vikont“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 5-72.