Портал:Историја/Одбрана статија/јули, 2007
Гоце Делчев (1872 - 1903) е еден од најголемите револуционери во историјата на македонскиот народ, лидер на Тајната Македонско - Одринска Револуционерна Организација (ТМОРО), подоцна преименувана во Внатрешно Македонска Револуционерна Организација (ВМРО).
Гоце Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија (грчки: Килкис, денешна северна Грција), како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца. Делчев произлегува од релативно добро ситуирано семејство. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци. Во 1879 - 1880, Гоце (Георги) Делчев започнува да го посетува прогимназијалното училиште во Кукуш. Гоце потоа го завршил средното образование во Солунската бугарска машка гимназија "Св. Кирил и Методиј". Се запишал во Воената академија во Софија во 1891. Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература, за што е исклучен од училиштето. Делчев станал учител во Штип во 1894 каде што се запознава со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО. Како резултат на блиското пријателство меѓу двајцата, Делчев и се придружил на Организацијата во 1895 набрзо станувајќи нејзин водач.